Галичка книжевна колонија 2018

26.12.2018 03:03
Галичка книжевна колонија 2018

Во организација на Здружението за литература, уметност и култура „Галикул” по 24-ти пат се одржа традиционалната Галичка книжевна колонија.

Поради отежнати временски услови и снегот кој го затрупа патот кон Галичнк, оваа година манифестацијата се одржа во Теарце, едно од помалите но прекрасни села на Мијачкиот крај.

На Галичка книжевна колонија учествуваа: Весна Мојсова Чепишевска, Соња Стојменска-Елзесер, Зоран Анчевски, годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, како и поетите Јовица Тасевски Етернијан, Иван Антоновски, Ѓоко Здравевски и Наташа Сарџовска.

Манифестацијата има цел да даде свој придонес во континуираното унапредување на современата македонска поезија и збогатувањето на македонската современа култура и, воедно, да ја промовира наградата „Тодор Чаловски“, востановена во сеќавање на истакнатиот македонски поет и писател Тодор Чаловски (1945-2015), и основач на „Галичката книжевна колонија“.

Инаку, наградата „Тодор Чаловски“, Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ ја доделува на млад автор од Македонија во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

Наградата се состои од објавување на книга на добитникот. Досегашни лауреати се Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Билјана Стојановска (2017/2018). На колонијата беше известено дека следниот добитник ќе биде прогласен на јубилејното 25-то издание во 2019 година.

Во рамки на програмата на колонијата беше промовирана една од наградените книги „Обиди за (пре)создавање песна“ на Иван Антоновски (Галикул, 2017/2018) чиј рецензент и промотор беше Весна Мојсова Чепишевска. Таа истакна дека авторот иако млад, роден 1990 година, веќе е препознатливо име и дека неговата книга „зрачи со неверојатна зрелост на еден искусен поет, есеист, критичар и преведувач, некогашен првенец на генерацијата на Катедрата за македонска книжевност и југословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Книгата со поднаслов: „Извор од поетското и есеистичкото творештво“ со својата хибридна форма претставува извонреден пресек на творештвото на Антоновски.

Иван Антоновски се заблагодари за честа и наградата и го истакна фактот дека разговорите водени со Тодор Чаловски и нивната блиска соработка во периодот од 2010 до 2015 дополнително го  инспирирале во оформувањето на неговите ставови за македонската книжевна сцена. Во книгата исто така се застапани неговите колумни „Зошто секој може да објави книга?“, „Зошто и како се девалвира поимот писател?“ и „Дали во македонскиот книжевен салон владее страв?“.

Овие согледувања беа увертира во годинешната тема на симпозиумот  „Нови форми на само-организација и идентификација со протесната песна" чиј осмислувач и модератор беше поетот Ѓоко Здравески. Ваквата тематска одреденост на симпозиумот даде можност сите учесници да изнесат свои ставови за состојбите во македонската книжевна сцена, позицијата на авторот и условите во кои се работи и создава. Општиот впечаток е дека има реална потреба од уште поголема солидаризација и колаборативно настапување пред институциите со цел овозможување на растеж и одржливост на кревката независна книжевна сцена. Свои размислувања на темата од позиција на организации имаа претседателката на ДПМ, Соња Стојменска Елзесер и претседателот на македонскиот ПЕН, Зоран Анчевски. На темата „Песната како протест“ свои стихови прочитаа Јовица Тасевски Етернијан, Иван Антоновски, Ѓоко Здравески, Наташа Сарџовска и Анчевски.

Завршниот дел од Галичката книжевна колонија 2018 беше посветен на плановите за 2019 година кога се одбележува 25-тото издание на манифестацијата и 50 години од излегувањето на првата поетска книга на Тодор Чаловски „Ноќ во која те нема“ (Мисла, 1969). Овие два јубилеи ќе ја отворат можноста догодина манифестацијата да се одржи и во Скопје, во соработка со Друштвото на писателите и македонскиот ПЕН, за поголема видливост и афирмација на програмата. Се очекува идната година да се реализра и повеќедневна посета на Галичник за сите учесници на манифестацијата и да се одбележи историјата на колонијата преку нови поетски изданија и зборник на необјавени трудови презентирани на симпозиумите на колонијата во периодот од 2011 до 2015 година.

Галичката книжевна колонија 2018 беше финансиски поддржана од Министерството за култура. Соработници на манифестацијата се Месната заедница „Галичник“ и Хотел „Неда“.

Книгата „Обиди за (пре)создавање песна“ на Иван Антоновски (Галикул, 2017/2018) финансиски ја поддржа Комерцијална Банка А.Д. Скопје.