Ледениот терор

07.01.2019 01:39
Ледениот терор

Неодамна беше објавено возбудливо откритие, џиновски кратер кој се создал на површината на Земјата како резултат на еден повеќе од силен удар на астероид, а за кој, необично, не се знаеше досега. Освен очигледното возбудување, неочекуваното откритие на кратерот кој со милениуми бил скриен под вечниот мраз на Гренланд е поврзано со контраверзната хипотеза за причините за глобално заладување за време на периодот познат како Млад Дријас, а кое инаку пресудно влијаело на земјоделската револуција и подоцнежниот развој на човечката цивилизација.

Група од 21 истражувач од Данска, САД, Канада, Швајцарија, Велика Британија, Германија и Франција, предводена од геологот Курт Кјаер од Музејот за природна историја од Копенхаген во Данска, пред сè користела радарски снимки, а потоа и најразновидни други техники за анализа на релјефот на самиот мраз, преку што открила дека под глечерот Хијавата на северозападот од Гренланд се наоѓа скриен кратер со пречник од 31 километар.

Судејќи според сè, кратерот се создал заради силен удар на астероид чија димензија била барем 1,5 километар и бил составен од железо. Првите анализи не успеале да покажат кога навистина се случил овој удар, а истражувачите сметаат дека можел да се случи најдоцна пред 12 000 години, а најрано пред три милиони години. Откритието е несомнено, но повеќе детали за астероидот ќе се дознаат после подетално копање на неколку километри дебелиот слој мраз кој го прекрива кратерот. Во меѓувреме, многу прашања остануваат отворени.

Насловната фотографијата прикажува денешна глетка од Гренланд – тивок предел по снежна бура. Но, во пустиот леден свет од каде изминатите векови храбрите морепловци тргнувале на опасни патувања во залудни обиди да го најдат Северозападниот премин и каде започнува дејството на хорор романот на Ден Симонс и популарната ТВ серија „Терор“, во еден не толку далечен момент во историјата на планетата навистина се случило нешто драматично – монструозно парче железо од вселената се пробило низ атмосферата на Земјата претворајќи се во вжарено чудовиште кое при апокалиптичниот удар го изменило релјефот на Гренланд и ги стопило слоевите од предисторискиот мраз на северот од Атлантикот.

Научниот труд за откривањето на кратерот „ A large impact crater beneath Hiawatha Glacier in northwest Greenland“ е објавен во угледното списание Science Advance и сосема природно предизвика голем интерес. Но, интервјуата, твитовите и блоговите поврзани со самите истражувачи зборуваат дека трудот претходно долго чекал да биде објавен и дека поминал нестандардно ригорозна проверка. Имено, уредништвото и рецензентите се обиделе да ја отстранат секоја поврзаност со заговорниците на таканаречената хипотеза за Младиот Дријас.

За што станува збор? Бројни геолошки податоци покажуваат дека на самиот крај од Плеистоценот, пред самиот почеток на сегашното доба кое се нарекува Холоцен – пред околу 12 000 години – кога луѓето населувале поголем дел од планетата, дошло до значајно глобално заладување, едно од оние кои се случиле во периодот на затоплувањето од последното ледено доба.

Курт Кјаер

Ова заладување довело и до проширување на подрачјата под мраз, влијаело на ширењето на тундрите, на зголемувањето на песокот во атмосферата и најпосле за изумирање на мегафауната, особено во Северна Америка. Најзначајниот ефект е поврзан со крајот на таканаречената Кловис култура, но и почетокот на земјоделската револуција, припитомувањето и првите посеви со жито на Блискиот исток. Со намалувањето на температурата и недостатокот од храна, ловците собирачи почнуваат да садат житарки, што подоцна доведува до настанок на првите населби и развој на цивилизацијата.

Иако спекулативни, сите овие сценарија за драматичните ефекти од заладувањето во Младиот Дријас не се спорни. Меѓутоа, научниците спорат за неговите причини – една контраверзна теорија падот на глобалната температура го поврзува со причина од вселената и удар на астероид кој пред 12 000 години ја помрачил атмосферата и истовремено довел до промена на режимот на струите во Атлантикот, а нејзините заговорници биле критикувани жестоко, меѓу другото заради местење на истражувачките податоци.

Клучниот аргумент против оваа хипотеза бил пред сè непостоењето на кратер кој би посведочил дека некаков астероид и воопшто удрил во Земјата во Младиот Дријас. Откритието на Курт Кјаер и неговите соработници сега донекаде ја менува ситуацијата, покажувајќи дека длабоко под илјадници години замрзнатиот мраз на Гренланд се крие повеќе од една тајна.

Извор: http://naukakrozprice.rs