Вечерни игри

14.02.2019 19:25

Децата играат во улицата.
Под светлината слаба
не им се гледаат лицата.
Ента бента табур табар.

Ноќта е полна со тајни зборови.
Децата ја газат тревата ретка
и се сокриваат по темните дворови.
Лилјаци по коси им се плеткаат.

Скришум кажуваат броеници.
Ноќта е голема жаба
а тие нејзини пленици.
Ента бента табур табар.

Долетува пеперугата-баба низ темнината
и во ноќта ги мами.
Миг — и таа е замината.
Децата остануваат сами.

Им се криват само мачките
со двата криви заба.
Немоќни се играчките.
Ента бента табур табар.

Низ воздухот што е ронлив
на црните цветови кружи црниот полен.
Над секој што е сонлив
по еден пајак виси голем.

Се затвора околу темнината.
Потајум таа ги граба
без да им ја рече вината.
Ента бента табур табар.

Што ја исполнува ноќта?
Оние што броениците ги бројат
не им ја знаат моќта.
Децата неподвижно стојат.

Сите сега мислат
на пеперугата-баба.
Само таа ја знае смислата.
Ента бента табур табар.

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото