Ноќно советување за јазикот

10.05.2019 12:07

На Блаже Конески

Во влажна шума се палат рефлектори:
дрвјата како врзани жаби скокаат.
Во факултетот зад шумата вечераат лектори:
од мртвите јазици останале само кокала.

Низ шумата минуваат ларви во ношници,
воздушести лаборатории, млечни лаборантки.
Сонливите јајца се возат во пајтони кошници;
возачи се дебелите кралови од гатки.

Се менуваат фустани: ту венчални, ту ловечки.
Tanacetum vulgare, се претставува вратика.
Студентите набрзина го учат јазикот ластовечки
и се вклучуваат на курс по ноќна граматика.

Шумата ноќе има свој сопствен јазик:
ту дрдорлив, ту шепотлив, ту наполно немски:
глаголите се менуваат според месечевите фази,
именките се однесуваат по малку старовремски.

Студентите скриени зад јазичните корени
на цветовите ноќни им шепотат во инките.
Лекторите во паника, вџашени и ококорени,
ги довикуваат студентите низ сенките и чистинките.

Потоа меѓу штавел и бурјан, коприви и бозел
за поетскиот збор сите го бараат лекот:
во овчи бовчи варат змиско грозје,
во птичји кочии носат жабјо млеко.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото