Минхенска безбедносна конференција: Светот како сложувалка и визија

16.02.2019 00:36
Минхенска безбедносна конференција: Светот како сложувалка и визија

Минхенската безбедносна конференција се смета за најзначаен и најголем светски собир од овој вид. Оваа година се очекува посета од 40 шефови на држави и 100 министри - вклучувајќи ги и канцeларката Ангела Меркел, американскиот потпретседател Мајк Пенс и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Кога ќе пристигнат во бавраскиот главен град со своите делегации, ќе ги дочека „Munich Security Report (MSR )“ - „Минхенскиот извештај за безбедност“, кој содржи 100 страници, предлага теми и поставува прашања за безбедносната состојба во светот.

Содржината на извештајот е загрижувачка. Шефот на конференцијата Волфганг Ишлингер во него наведува: „Настапува нова ера на борба за власт меѓу САД, Кина и Русија. Таа оди рака под рака со одреден вакуум на власт кој се однесува на либералниот меѓународен поредок“.

САД, со претседателот Доналд Трамп на чело, покажуваат малку интерес за меѓународните договори, отворено ставајќи ги под знак прашалник институциите како што се НАТО и ОН. И што е уште полошо, САД под Трамп веќе не сакаат да имаат улога на водечка сила во слободниот свет. За трансатланските сојузници, сѐ уште е тешко кога Трамп ќе ги пофали нелибералните лидери“ - без разлика дали е тоа во Бразил или на Филипините, пишува во извештајот за безбедност.

Нови ривалства

САД, продолжува натаму во извештајот, ги идентификуваа „Кина и Русија како два главни стратешки предизвикувачи“. Новото соперништво меѓу трите големи сили се изразува сосема поинаку отколку во минатото. Конфликтот меѓу Вашингтон и Пекинг во моментов најмногу се одразува на економските и трговските прашања. Русија и Кина, од друга страна, се чувствуваат обединети во својот „автократски сојуз“ како противиграчи на Запад, но и меѓусебно се конкуренти и внимателно се набљудуваат меѓусебно кога се работи за геополитичките прашања.

Од друга страна, ривалството меѓу Русија и САД постои првенствено во политиката за вооружување. И тука извештајот дава малку надеж за брзо подобрување.

По раскинувањето на Договорот за употреба на нуклеарни ракети од среден дострел (ИНФ), под прашање се и други делови од договорот. Во моментов, изгледа „малку веројатно“ дека Москва и Вашингтон ќе го продолжат најновиот договор за стратешко вооружување познат по името „СТАРТ“, чиј рок на важење истекува во 2021 година.

А што прави Европа, која изгледа дека не е присутна во сите овие стратешки плански игри? ЕУ е лошо подготвена за нов натпревар меѓу големите сили, и тоа не само поради расправата за „повеќе стратешка автономија“ за стариот континент. Во моментов никој нема добро осмислен „план Б“, со кој Европа би можела безбедносно-политички да се еманципира.

Каде се „чуварите на либералниот поредок“

И додека светскиот поредок влегува во „нов интеррегнум“ (меѓувластие), преостаните бранители на либералните вредности се мачат да поминат низ оваа фаза на небезбедност и нестабилност. Некои кандидати, како што се забележува во Минхенскиот извештај, имаат волја, но не и подготвеност да се покажат како чувари на либералниот поредок, додека други кои тоа би го можеле, немаат волја или се неспособни да ги покажат своите вештини“.

МРС детално разгледува каков потенцијал нудат земјите како што се Канада или Јапонија. Во посебно подглавје се занимава со Велика Британија како земја која „додуша значајно влијаеше на формирањето на либералните вредности и која безбедносно-политички има многу да понуди, но која себе и своите партнери ги излага на безизлезноста со Брегзит“. Иако луѓето во Лондон, Париз и Берлин повеќепати рекоа дека соработката би требало да продолжи и во иднина, веќе сега е јасно оти „процесот на Брегзит на двете страни од каналот ќе предизвика сериозни штети“.

Значи, кој треба да ги собере деловите од растурениот светски поредок? Пред претстојното учество на конференцијата во Минхен, германската канцеларка Ангела Меркел во видео порака истакна дека сака да работи на зачувување на меѓународните институции. „Тоа сега во најмала рака е еднакво важно како што беше и за време на Студената војна“, порача Меркел.

Германија е посветена на либералниот светски поредок. Министерот за надворешни работи Хајко Мас неодамна повика на формирање на глобална „Алијанса на мултилатеристи“. Но дека такво нешто ќе биде тешко да заживее, несомнено покажува соработката со Франција, најважниот партнер на Германија во Европа. Новото истражување на фондацијата Фридрих Еберт покажува дека само 42 насто од Французите, но затоа 59 насто од Германците сметаат дека нивната земја на меѓународен план би требало да остане главно неутрална. Војни интервенции отрфлаат далеку повеќе Германци (65%) отколку Французи (50%). Тоа е одраз на различните политички процеси и стратешки култури на Берлин и Париз.

„Моменталната криза на трансатлантското партнерство е поголем предизвик за Германија отколку за Франција, која секогаш имала понезависен пристап“, се вели во Минхенскиот безбедносен извештај.

Париз и Берлин мораат итно да разгледаат на каков начин тие разлики би можело да се надминат. Но канцеларката Меркел и претседателот Макрон нема да имаат време за тоа во Минхен. Макрон пред неколку дена, на изненадување на сите, го откажа учеството на конференцијата - „поради потешкотии со термините и внатрешнополитичките ограничувања“.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото