Писмо до Фернандо Саватер

12.03.2019 12:03
Писмо до Фернандо Саватер

Париз, 10 декември 1976

 

Драг пријателе,

Во ноември, кога поминувавте низ Париз, ме замоливте да учествувам во спомен-книгата посветена на Борхес. Мојата прва реакција беше негативна; втората... пак е негативна. Зошто да се велича Борхес кога тоа веќе го прават толку многу универзитети? Неволјата на признатоста се сруши врз него. Тој заслужуваше повеќе. Заслужуваше да остане во сенка, во подрачјето на незабележливото, да биде недофатлив и непопуларен како што е тоа нијансата. Тогаш би бил на своето вистинско место. Посветувањето е најлошата од казните – за писателот воопшто, а посебно за писател од негов вид. Од мигот кога сите ќе почнат да го цитираат, невозможно е веќе да се цитира, или – ако се прави тоа – имаме впечаток дека само се зголемува масата на негови „почитувачи“, на неговите непријатели. Тие што би сакале по секоја цена да бидат правични кон него, всушност, го забрзуваат неговиот пад. Застанувам, затоа што ако продолжам со овој тон – на крајот ќе се сожалам над неговата судбина. Но, изгледа дека тој самиот ѝ се предава.

Верувам дека еднаш ви реков дека толку се интересирав за него затоа што тој претставуваше примерок од оној дел од човештвото што е на пат да исчезне, и кој го отелотворува парадоксот на жител без интелектуален родокрај, неподвижен авантурист што се чувствува пријатно во многу култури и книжевности, врвно и проклето чудовиште. Во Европа, како на сличен пример, можеме да се сетиме на еден пријател на Рилке, Рудолф Каснер, кој на почетокот на векот објави првокласен труд за англиската поезија (тој труд, читајќи го за време на последната војна, ме поттикна да почнам да учам англиски јазик...) и со прекрасна жестина зборуваше за Стерн, Гогољ, Кјеркегор, како и за Магреб или за Индија. Длабочината и ерудицијата не одат заедно; тој, меѓутоа, успеа да ги помири. Вистински универзален дух на кој му недостасуваше само симпатичност и заводливост. А токму во тоа Борхес се појавува како најмоќен: заводник без конкуренција, кој успеа на сè, за што и да станува збор, дури и на најстрмоглавото умување, да му даде нешто неопипливо, воздушесто, тантелесто. Зашто, кај него е сè преобликувано со игра, со некаков танц на молневити откритија и префинети софизми.

Никогаш не ме привлекувале духови затворени во една единствена форма на култура. Невкоренувањето, неприпаѓањето на ниедна заедница – тоа беше мојата девиза и така остана. Свртен кон други хоризонти, секогаш се обидував да знам што се случува на други места. Кога имав дваесет години, Балканот не можеше веќе ништо да ми понуди. Драмата, но и привилегијата да се биде роден во малцински „културен“ простор. Она страното стана мој бог. Оттука мојата жед да странствувам преку книжевноста и филозофијата, да ги гнетам со болна жар. Она што се случува на истокот од Европа нужно мора да се случува и во земјите од Латинска Америка, и јас забележав дека нивните претставници се бескрајно поизвестени, „покултивирани“ од западњаците, неизлечиво провинцијални. Ни во Франција ни во Англија не гледам дека некој се одликува со љубопитност споредлива со таа на Борхес, љубопитност доведена до манија, до порок, велам баш порок, оти кога станува збор за уметноста и за рефлексијата, сè што не тече како донекаде перверзна страст е површно, и нереално.

Како студент се занимвавав со учениците на Шопенхауер. Меѓу нив имаше извесен Филип Мајнлендер, кој особено ме привлекуваше. Автор на една Филозофија на ослободувањето, во моите очи тој најмногу поседуваше сјај што зрачи со самоубиство. Си ласкав дека тој филозоф, потполно заборавен, е единствениот што сè уште заслужува за него да се грижам: впрочем, во тоа како да немаше моја лична заслуга – моите претходни истражувања неизбежно ме доведоа до него. Колку само бев изненаден кога, многу подоцна, наидов на еден Борхесов текст што токму споменатиот го извлекуваше од заборав! Тој пример ви го наведувам затоа што, почнувајќи од тој миг, почнав да размислувам далеку посериозно од порано за судбината на Борхес, предодреден, принуден на универзалност, присилен својот дух да го води во сите правци, можеби за да го избегне аргентинското гушење. Токму јужноамериканската небиднина ги прави писателите од цел еден континент поотворени, поживи, поразнолики отколку што се тоа западните Европјани, парализирани од своите традиции и неспособни да излезат од својата заслепувачка варосаност.

Бидејќи сакате да знаете што најмногу сакам кај Борхес, без двоумење ќе ви одговорам дека е тоа неговата одомаќинетост во најразлични подрачја, способоста со истата префинетост да зборува за вечното враќање и за тангото. Во мигот кога е средиште на сè, за него сè еднакво важи. Универзалната љубопитност е знак за виталност само ако носи апсолутен жиг на едно јас, јас од кое сè извира и во кое сè се влева: надмоќта на произволното, почетокот и крајот што можат да се толкуваат по најкаприциозни критериуми. Каде е стварноста во сето тоа? Јас – врвна фарса... Играта кај Борхес потсеќа на романтична иронија, метафизичко истражување на илузиите, жонглирање со Безграничното. Фридрих Шлегел, денес, потпрен на Патагонија...

Уште еднаш: можеме само да оплакуваме што едно енциклопедиско смеење и една толку истенчена визија предизвикуваат општо одобрување, со сето она што тоа подразбира... Но, најпосле, Борхес би можел да стане симбол на едно човештво без догма и систем, и ако постои некоја утопија што од сè срце би ја потпишал – тоа би била онаа во која секој ќе се оформува по него, по еден од најскладните духови што некогаш живееле, по „последниот од префинетите“.

Извор: Polja, broj 334, decembar 1986.

Фотографии: Vasco Szinetar

Превод: Ѓ. З. 

ОкоБоли главаВицФото