Ликот на тој што го прокоцкал својот живот

17.05.2017 00:48
Ликот на тој што го прокоцкал својот живот

Згрозувајќи се од секоја постапка, тој си повторува во себе: „Движењето, каква глупост!“ Не го иритираат толку настаните колку идејата да се учествува во нив; се вознемирува само за да ги одбегне. Неговиот ропот го уништи животот пред да ја извлече сржта од него. Тоа е Свештеник на крстопат, кој во универзалната ништожност наоѓа оправдување за неговите порази. Решен да открие дека сè е без некакво значење, успева лесно, бидејќи очигледностите што се на негова страна се многубројни. Секогаш излегува победник од битката на аргументите, како што секогаш е победен во акцијата: тој има „право“, одбива сè - и сè го одбива. Премногу рано го сфати она што не треба да се сфати за да се живее - бидејќи неговиот талент беше премногу упатен во сопствените функции, тој го потроши од страв да не се преточи во глупостите на некое дело. Носејќи ја сликата на она што би можел да биде како лузна и како ореол, тој црвенее и се гордее со неговата совршена јаловост, засекогаш туѓ на наивните привлечности, единствен спасен меѓу бедниците на Времето. Тој ја црпи својата слобода од бескрајноста на неговите неисполнувања; тој е бесконечен кутар бог, што ниедно создание не го боготвори и никој не го поштедува. Оние другите му го враќаат презирот врз коишто тој самиот го истурил. Тој ги одболува само делата што не ги извршил, чијшто број сепак ја надминува проценката на неговата неизмерна гордост. Но, најпосле, како утеха, и на крајот од еден живот без слава, тој ја носи својата бесполезност како венец.

(„За какво добро?“ - таква е изреката на Оној што го прокоцкал животот, на оној што му се допаѓа смртта... Каков стимул кога почнуваш да бидеш опседнат од неа! Бидејќи смртта, кога не инсистираме премногу на неа, нè збогатува, се здобиваме со сила при нејзиниот допир; потоа, таа го спроведува своето дело за нашето уништување. Очигледноста од бесполезност за каков било напор и чувството за иден леш што веќе во моментот се издигнува и што го исполнува хоризонтот на времето ни ги отрпнуваат идеите, надежите и мускулите, така што порастот на енергија што извира од сосема скорашната опсесија се променува - кога таа неповратно навлегла во духот - во стагнација на нашата виталност. Така оваа опсесија нè тера да бидеме сè и ништо. Нормално, таа би требало да нè стави пред единствениот можен избор: манастирот или крчмата. Но, кога од неа не можеме да побегнеме ниту во вечноста, ниту во задоволствата, кога, во нашиот животен вртлог сме на подеднаква оддалеченост од небото и од вулгарноста, таа нè претвора во еден вид распаднати херои кои ветуваат сè и ништо не исполнуваат: безделници што ја испуштаат душата во Празно; вертикални лешеви чијашто единствена активност се сведува на тоа да мислат дека повеќе нема да постојат...)

Извор: Précis de décomposition
Слика: Jin Xingye

ОкоБоли главаВицФото