„Ослободување на просторот“ изложба во МСУ

12.03.2019 14:27
„Ослободување на просторот“

Проектот и изложбата Ослободување-на-просторот ги отвора прашањата што во последниве години ги наметна насилната преобразба на идентитетот на Скопје. Во популистички агресивната градежна офанзива наречена „Скопје 2014“, што го окупира средиштето на градот со недогледни колони на накитени стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, архитектурата и урбанизмот беа злоупотребени за крајно фриволно располагање со јавниот простор и за заробување, потиснување или негирање на претходните архитектонски достигнувања. Предлогот на кураторите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска и четирите тимови архитекти собрани околу проектот Ослободување-на-просторот, кој во организација на МСУ беше претставен во македонскиот павилјон на 16. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2018 година, поаѓа од враќањето и новото осмислување на вредностите на слободниот јавен простор во архитектонска и во општествена смисла.

Поставката Ослободување-на-просторот третира четири различни проекти изработени од четири тимови архитекти во соработка со кураторите: Проектот “Непријатна блискост“го реконципира објектот на ЦК СКМ, односно Владата на Република Северна Македонија; Проектот “Повторно поврзување“ го обликува просторот помеѓу комплексот ПОШТА; Проектот “#Ослободување #Поврзување #Прочистување #Репрограмирање“ го третира платото пред МНТ; Проектот “Дестратификација Скопје“ ја преформулира фасадата и содржината на зградата на НА-МА.

Во текот на траењето на изложбата во Музејот на современата уметност ќе биде организирана и трибина, која ќе има за цел да го поттикне дијалогот во јавноста и да побара политички и општествен став околу прашањата иницирани со проектот Ослободување-на-просторот. Датумот и времето на одржувањето на трибината ќе бидат дополнително објавени

Куратори: Слободан Велевски, Марија Мано Велевска
Автори/учесници: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Ѓуза, Алесандро Де Лука, Гордан Витевски, Мила Димитровска, Владо Данаилов, Александра Шулевска, Слободан Велевски, Марија Мано Велевска.

ОкоБоли главаВицФото