Романски претприемач изградил автопат од еден метар

22.03.2019 13:16
Романски претприемач изградил автопат од еден метар

Романски претприемач изградил автопат во должина од еден метар во североисточна Романија во знак на протест поради лошата патна инфраструктура во земјата.

Сопственик на синџир-ресторани за брза храна, 33-годишниот Стефан Мандачи, кому му дошла преку глава слабата патна мрежа во областа во која живее, нарачал изградба на минијатурен автопат на личен трошок од 4.400 евра, пренесува Би-би-си.

Кампањата траела со недели со цел да се предизвика реакција, а врвот го достигнала на 15 март, денот кога е отворен автопатот.

Романија има мрежа на автопати од само 806 километри за целата земја, една од најкратките во ЕУ, иако територијата е речиси иста колку и таа на Велика Британија, која има околу 4.000 километри автопат, наведува Би-би-си.

Британија, притоа, не е меѓу земјите со најголема патна мрежа во Европа. Најмногу има Шпанија, 16.000 километри, а следува Германија со 14.000, според податоците на Евростат.

Мандачи за Би-би-си рекол дека целта му е да ги обедини жителите околу целта да имаат повеќе автопати. Автопатот на парцела во негова сопственост во близина на фреквентниот главен пат симболично е изграден во Сучава, област без автопати. Тој рекол дека тој регион на Романија е единствениот без автопати.

„Немаме ни метар автопат, па одлучив да изградам метар за да докажам дека е тоа возможно“, рекол Мандачи за Би-би-си.

Сообраќајот на патот што е во близина бил во застој затоа што се појавиле неколкустотини поддржувачи за да присуствуваат на таканареченото отворање на автопатот. Биле присутни и неколку медиуми, како и возило за брза помош и противпожарна служба, додека мал авион прелетувал носејќи натпис во кој се бара изградба на автопати.

„Мислам дека сме обединети. Никогаш не сум доживеал миг на ваква солидарност меѓу Романците“, викнал Мандачи над бучавата од автомобилски свирки.

Собраните гласно навивале кога тој ја пресекол лентата за да го отвори тоа што го нарекуваат „автопат-споменик“.

 

Извор: www.b92.net

ОкоБоли главаВицФото