Депресија

09.04.2019 02:30
Депресија

Затоа што ми се самоуби најблискиот човек, затоа што жената која најмногу ја сакам со години се бори со депресија и затоа што на мене самата ми имаат препишано и имам пиено разни анти-депресиви, сакам да кажам нешто...

Депресијата не е таму некој мистериозен убиец, или нешто кое ќе го решите со кампања, памфлет и антидепресив. И да ги имаш сите информации за состојбата, и да си најсвесен за проблемот, џабе, ништо нема да го смени фактот дека не гледаш смисол.

Ти треба околина, ти требаат блиски, кои те сакаат доволно за вистински да те видат, препознаат и да се замараат со тебе. Ти треба тони љубов и прифаќање за да можеш да се поднесеш доволно себе и да помислиш дека има поента да продолжиш.

Супер што сите сте експерти и про-форма блебетате за „проблемот“ на депресијата, како да е нешто надворешно, нешто апстрктно, нешто кое со фрази и рецепт ќе го решите. Не, депресијата е многу конкретна последица на животни услови. И во неа огромен фактор игра тоа што секому од нас му е полесно да се расфрла со флоскули кои не значат ништо, да мрсомуди за позитивна енергија и да дели совети од филмови и списанија, наместо да ги погледнеме длабоко во очи луѓето околу нас, да ги слушнеме, вистински да ги слушнеме и да бидеме тука за нив. Ние, со целото свое битие, не таму некој инстант совет или пригодни реченици без суштина.

Па, наместо од висока позиција на „експерти“ да давате мислење за туѓа мака и комплексни состојби за кои не сте стручни, прво прашајте ги луѓето кои ви значат како се и потрудете се да го чуете одговорот.

 Слика: Christian Hopkins

ОкоБоли главаВицФото