Неверојатни експресионистички танцовни костими од 1920-тите

12.06.2019 15:56
Неверојатни експресионистички танцовни костими од 1920-тите

 

  Лавинија Шулц и Валтер Холт биле сопружници, кратко време познати во Германија за време на раните 1920-ти по нивните диви, експресионистички танцовни перформанси. Шулц верувала дека „уметноста би требало да биде ... изразување на борба“ и користење на танцот за изразување на „насилната борба на женското тело да постигне централна, доминантна контрола на просторот за перформанс и неговата празнина.“

Во неговата книга, Империја на екстаза – Голотијата и движењето во германската култура на телото, 1910-1935, авторот Карл Тепфер забележува дека „Сопружничките танцувачки парови се доста ретки на сцената; во случајот на Шулц и Холт концептот на брак повлекува необично длабока импликација со тоа што исто така реферира и на впечатлив брак на танцот и костимите.“

Двојката создавала танцови и костими заедно и истовремено, така што движењето на телото и маскирањето на телото потекнувале од истиот импулс. Шулц била многу надарена уметница чии цртежи и скици неизбежно го вчудовидуваат гледачот со својот тврд примитивизам и демонски апстракции, но Холт преземал многу од одговорноста за дизајнот на костимите и маските; за многу од костимите складирани во Хамбург, не е можно да се додели дефинитивно авторство на Шулц. Маските се состоеле главно од фантастични рептилски, инсектоидни или роботски глави, додека остатокот од костумите се состоел од ексцентрични крпеници од дизајн, бои и материјал за да се долови впечатокот на тела склопени од контрадикторни структури.

Според Тепфер, овие костими „повеќе откриваат квалитет на нацртана, демонска гротескност отколку застрашувача жестокост.“ Двојката им давала дескриптивни имиња на дизајните како Тобоган и Техник, кои исто така ги користеле и како наслови за своите перформанси. Нивните дизајни трагале по нешто паганско, прехристијанско, што начнувало во „избавителните органски форми на природата и животинскиот свет.“



Малку се знае за Холт. Она што се знае за Шулц би можело да се напише на разгледница. Родена во Лубен во 1896, Шулц студирала танц и перформанс во Берлин во 1913. Се поврзала со Експресионистите кои се бунтувале против ригидните, традиционални форми на уметност во полза на посубјективна перспектива. Во танцот, ова значело напуштање на строгата, механичка и прецизна кореографија во балетот за поекспресивни, флуидни и лични интерпретации. Шулц била опишана како посесивна и љубоморна, додека Холт бил сметан за „недоверлив“, што би значело дека бил промискуитетен. Тешкотиите и емоционалните несигурности во нивната врска навлегувале и во нивната работа.

Според Тепфер: „Танцовната естетика Шулц-Холт изгледа дека има вградено силен мазохизам, не само во бракот помеѓу танцувачите туку и во еднакво страствениот брак на маска и движење. Но, танцовите на оваа чудна двојка биле исто така еден вид бизарна, експресионистичка демонизација на бракот по себе, најгротескно-трогателната критика на спарувањето која се појавила во целата империја на германската танцовна култура.“

Двојката се поместила од Експресионизмот и побарала инспирација во наводната чистота на прејудео-христијанската, аријанско-нордиска култура – што речиси звучи нејасно национал-социјалистички. Тие живееле во аскетско постоење во кобна сиромаштија. Нивниот дом во основа се состоел од една соба со малку предмети, дури ниту кревет – спиеле на слама. Посакувале да живеат без пари и посакувале општество каде секому би му било дадено еднаков дел врз основа на нивните потреби. Помеѓу 1920-1924 двојката изведувала танцовни рутини пред вџашената и антагонистичка публика во Хамбург. Иако некои критичари го ценеле талентот на парот и изненадувачката оригиналност, ваквиот восхит не бил доволен да ја платат киријата.

Во 1923, Шулц родила син. Во 1924 на 19 јуни, четири дена пред нејзиниот роденден, Шулц, која повеќе не била во состојба да го поднесе (наводното) неверство на Холт, го застрелала својот сопруг, неколку пати, во љубоморен бес, пред да го сврти пиштолот кон себе. Мртвите тела на двојката биле откриени на сламениот кревет, со нивниот син помеѓу нив. 

Шулц и Холт би биле одамна заборени ако нивните дизајни и костими не биле подарени на Музејот на уметност и занаети во Хамбург во 1925. Овие вредни артефакти биле повторно откриени во 1989 и се достапни да се видат онлајн во боја.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: Dangerous Minds

 

ОкоБоли главаВицФото