1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Карл Кристијан Лудвиг Хофер или Карл Хофер (11 октомври 1878, Карлсруе - 3 април 1955 година, Берлин) е германски експресионистички сликар. Бил директор на Берлинската академија за ликовни уметности. Еден од најистакнатите сликари на експресионизмот, кој никогаш не бил член на некоја од експресионистичките сликарски групи (како „Die Brücke”, на пример), но бил под влијание на тие сликари.
Делата на Хофер биле меѓу оние кои нацистите ги сметале за „дегенеративна” уметност, но по Втората светска војна тој повторно го добива признанието како еден од водечките германски сликари. Неговите дела сега може да се најдат во многу уметничк колекции низ светот, вклучително и Уметничкиот институт во Чикаго, Музејот на модерна уметност во Њујорк и „Кунстхале Манхајм” во Германија.
Од дваесеттите до четириесеттите години младите девојки биле значајна тема за експресионистичкиот уметник Карл Хофер. Голем дел од нив го имаат цвеќето како свој атрибут во различни варијации. Цветот е симбол на младиот живот и на автентичноста што ја носи секоја од жените.
Женските ликови на Хофер делуваат сонливо и изолирано од динамичниот надворешен свет. Тие се претставени во дифузен простор без конкретна позадина. Погледот на протагонистките најчесто е насочен кон далечината, без одреден фокус или точка на комуникација со околината. Иако Хофер многупати го одбирал мотивот на млада девојка со цвеќиња, делата се разликуваат во својата претстава.
Делото погоре се издвојува како прво дело од серијата цветни девојки. Насликана во 1935 година, сликата прикажува млада жена која седи настрана на столот потпрена на маса. Позиционирајќи ја левата рака левтерно на горниот дел од масата, со десната рака ја прегрнува корпата со цвеќиња во скутот. Облечена во модерен фустан, со косата врзана во елегантна фризура, околу главата таа носи венец од цвеќиња.
Младата жена делува интровертна и изгубена во своите мисли. Нејзиниот поглед на карактеристичен начин е насочен надвор од сликата, покрај гледачот, во празнина. Хофер личноста ја дефинира преку формите, боите и изразот. Сликата пренесува аура на сензуалност и меланхолија, која на впечатлив начин е во контраст со концизниот и сликарски редуциран формален јазик.
„Во центарот на уметничко творештво на Хофер се човекот и човечката фигура во сите негови аспекти: сензуалноста на женското тело што се капе, изнемоштените мажи меѓу урнатините и осамените фигури околу едвај загреаното огниште на мизеријата”.
Извор: https://www.dorotheum.com