Библиотеките во спасувачка мисија

20.06.2019 17:21
Библиотеките во спасувачка мисија

Добре дојдовте во новата реалност на библиотеките. Во Фергусон, Мисури, градската библиотека остана отворена, додека училиштата беа под клуч по немирите во 2014 год., за да им овозможи на децата безбедно место за учење, дури и организирана настава од волонтери. За една недела беа пријавени 200 деца и родители, па акцијата прерасна во импровизирано училиште.1 По ураганoт Харви во Хјустон, 2017год., дел од библиотеките веднаш на своите веб-страници објавија дека нивните врати се отворени за сите. По ураганот Сендиво 2012, некои од библиотеките во Њу Џерси прераснаа во центри за евакуација, додека други вршеа филмски проекции и обезбедуваа места за полнење на електронски уреди.2 А, пак, во подружницата на библиотеката од Квинс, Фар Рокaвеј, во чија зграда немаше ниту светло, ниту греење, библиотекарите поставија импровизирана читалница на паркингот за да ги продолжат часовите по читање со најмладите корисници, а со тоа да им овозможат колку може понормална атмосфера. Ја нарекоа „Термин за читање, пред да го снема светот“. Во Орландо, по пукањето во еден ноќен клуб, библиотеката организираше изложба за сите што сакаат преку уметност да го канализираат својот страв и гнев од случувањата3. По пожарот „Томас“, градската библиотека во Санта Барбара, ја покани јавноста да ги сподели своите приказни и „лекции“, со цел колективно исцелување и подготовка за иднината.

Библиотеките истапуваат, ги пополнуваат празнините и нудат помош доколку тоа не може да се обезбеди преку нормалните патишта. Областа Пима во Аризона, плаќа цел тим од медицински сестри, за да дојдат во локалната библиотека и да им помогнат на оние што не можат или не сакаат да одат во болница, клиника или на доктор воопшто4. И ова не се однесува само за медицинските прашања. Во Бенд, Орегон, социјален работник им помага на библиотекарите да работат со луѓе што имаат деликатни, лични проблеми, како на пример како да ја отплатат киријата или хипотеката.

Според други извештаи, односно новинарски известувања, дознаваме дека библиотекарите помогнале дури и околу организирање погребни ритуали и трошоци за најсиромашните. Во Лас Вегас и пошироката Кларк област, една од општините најсилно погодени од финансискиот колапс во 2008/9 година, менаџерите на библиотекарскиот систем успеале да најдат начин да го растегнат и ребалансираат својот буџет, за да обезбедат 24 часа работа, 7 дена во неделата за време на кризата, бидејќи знаеле дека нивните сограѓани имаат потреба од интернет и други ресурси, за да ја надминат безработицата, да избегнат заплена на имот и слично.

Под издлабениот натпис во гранит „Отворено за сите“ над влезната врата на Библиотеката Карнеги во Охајо, може да се забележи редица бездомници што чекаат да започне работното време, за да можат да го минат денот спокојно и сигурно.

Се чини дека овие примери се јасен показател дека библиотеките се прераснати во „спасители“, односно за тоа на англиски постои одличен израз: Second Responders. За време на несреќи, напади, хаварии, природни катастрофи... First Responders се службите што први доаѓаат на терен: брза помош, полиција, пожарникари... Откако овие ќе си ја завршат работата настапуваат Second Responders, кои примарно секако не се означени како библиотекари, но секако со нивната мисија се наметнуваат како такви.
Покрај тоа што библиотеките може да се означат како Second Responders, тие може да се наречат и „втора шанса“. Имено, библиотеката во Лос Анџелес нуди можност за диплома од средно образование за оние кои ја испуштиле. Лично ги врачуваат градоначалникот Ерик Гарсети и библиотекарот Џон Сабо5. Најпопуларната волонтерска работа во Смајли библиотеката во Редлендс, Калифорнија е возрасните да учат други возрасни како да пишуваат и читаат. Многу библиотеки низ САД им помагаат на луѓето во обезбедувањето на некоја економска можност, ги обучуваат за интерјвуа при вработување или организираат курсеви и школи за дигитални вештини.

Мисијата на библиотеките не е само да едуцираат или да бидат прифатни центри. Тие се и добар пријател на мажите, кои можат да уживаат во разновидни содржини што им ги нуди големата библиотека во трговскиот центар во Онтарио, Канада, додека трае ревносниот шопинг на нивните сопруги. Или, зошто да не, и обратната варијанта!

Нашата реалност е малку поинаква. Во Куманово пред извесно време се појави иницијатива за поп-ап библиотека. Целта беше луѓето бесплатно да можат да земат книга, да ја прочитаат и потоа уредно да ја вратат и да позајмат друга. Но, за неколку дена книгите беа разграбани, најчесто за роденденски подароци, што е подобрата варијанта од онаа другата – да ги користат за потпала. Овие примери говорат за старо-новата реалност во библиотеките. Тие отсекогаш ја имале својата добротворна мисија, но промоцијата на овие вредности понекогаш опаѓа, па темата библиотеки губи на атрактивност. Набавката на нова литература речиси и да не постои, а доколку ја има најчесто завршува во домашните колекции на вработените наместо во јавните депоа. Државата не инвестира во надзорни системи за обезбедување на културните добра, а самиот библиотечен кадар е примен на работа бидејќи не успеал на друго место, и со тоа нема добра подготовка и мотивација да понуди каква и да е иновативна програма, а особено не за ревитализација на библиотечниот процес.

Исто така, од една јавна библиотека во земјава се појави библио-бус но, искрено, не можев да ја препознам целта. Од содржини нудеше само претшколска литература и лектири што и онака ги има во селските библиотеки кои беа цел на посетата. Токму за вакви паушални, безвистински ефект проекти, системот обезбедува какви-такви финансии наместо фокусот на капиталот (интелектуален и финансиски), да се суштински поместувања во културните процеси. Секако, во библиотеките кај нас има и професионалци што најчесто се влечени надолу од тешкото сидро на институционалниот паразит. Во еден претходен текст „Библиотеките – отворен простор“, спомнав дека читателската публика опаѓа, но во библиотеките има публика што сака да присуствува на други културни содржини, разни перформанси, едукативни работилници, трибини и слично. Но, иако библиотечниот кадар во земјава прима финансиски надоместок од сите граѓани што плаќаат данок, тој сепак наплаќа за сите свои услуги. Исто така програмите на библиотеките се финансирани од Министерството за култура, чии средства се повторно од наплатените даноци на граѓаните. Библиотеките мора да го отворат својот простор за граѓаните и организациите од културата, бидејќи се јавни институции и како такви треба да се секојдневна станица и активен играч во општествените збиднувања и трендови. Проблемот, за жал, е уште неколку скалила подлабок, а тоа е самата уредувачка политика на институциите од културата. Секоја гарнитура на власт поставува свои луѓе што имаат одредена визија и пропаганда додека спротивната струја во културата има забранет/ограничен пристап за реализација на своите концепти и проекти во јавните установи.


1https://americanlibrariesmagazine.org/2014/11/10/fergusons-safe-haven/
2http://theconversation.com/public-libraries-can-literally-serve-as-a-shelter-from-the-storm-83070
3https://www.orlandoweekly.com/Blogs/archives/2016/09/14/paint-strong-orlando-showcases-art-made-in-the-wake-of-the-pulse-shooting-at-orlando-public-library
4https://www.library.pima.gov/public-health-nurse/
5https://www.lapl.org/diploma

Слики: Grace Easton

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото