Зошто нашата иднина зависи од библиотеките, книгите и мечтаењето

12.03.2018 02:40
Зошто нашата иднина зависи од библиотеките, книгите и мечтаењето

Важно е луѓето да ги кажат своите ставови и зошто и дали би можеле да бидат пристрасни. Значи, јас ќе говорам за читањето. Ќе ви кажам дека библиотеките се важни. Ќе сугерирам дека читањето книжевни дела, читањето од задоволство е една од најважните работи што може да ги направите. Искрено и со голема страст ги молам луѓето да ја разберат улогата на библиотеките и библиотекарите и барам нивно зачувување.

Очигледно и јас сум пристрасен и тоа многу: јас сум писател, често пишувам фикција. Пишувам за деца и за возрасни. Околу 30 години заработувам со моите зборови, прво ги измислувам работите а потоа ги запишувам. Очигледно е дека од интерес ми е луѓето да читаат, да читаат книжевност, да постојат библиотеки и библиотекари за да помогнат да се поттикне љубовта кон читањето и местата во кои може да се чита.

Значи, пристрасен сум како писател. Но, многу повеќе сум пристрасен како читател. И уште повеќе сум пристрасен како британски државјанин.
Вечерва говорам овде под покровителство на Агенцијата за читање: добротворна организација чија мисија е сите да имаат еднакви можности во животот, помагајќи им на луѓето да станат сигурни и ентузијастички читатели. Таа ги поддржува програмите за писменост, библиотеките и поединците, а го поттикнува чинот на читање, бидејќи, како што велат – кога читаме, сè се менува.

И за таа промена, за тој акт на читање сакам да говорам. Да кажам зошто е добро да се чита.

Еднаш бев во Њујорк и слушнав за изградба на приватни затвори – огромен бизнис што брзо се развива во Америка. Овој бизнис треба да го планира својот иден раст - колку ќелии ќе им требаат? Колку затвореници ќе има за 15 години? Тие откриле дека можат многу лесно да го предвидат бројот на затвореници, користејќи прилично едноставен алгоритам, кој се базира на прашањето колкав е процентот на 10 и 11-годишници што не знаат да читаат и пишуваат. И со сигурност нема да читаат од задоволство.

Не може да се каже дека меѓу писмените нема криминал. Но, постојат многу реални корелации. И мислам дека некои од тие корелации, оние наједноставните, се многу очигледни. Писмените луѓе читаат книги.

Литературата има две намени. Прво, таа е начин да станете зависни од читањето. Желбата да знаеш што ќе се случи следно, да сакаш да ја претвориш страницата, потребата да продолжиш дури и ако е тешко, затоа што некој е во неволја и мора да дознаеш како ќе заврши ... тоа е вистинска желба. И те тера да учиш нови зборови, да мислиш нови мисли, да продолжиш понатаму. Да откриеш дека читањето само по себе е пријатно.

Откако ќе го научите тоа, на пат сте да прочитате сè. И читањето е клучот. Пред неколку години, почна да се зборува за идејата дека живееме во посткнижевен свет, во кој способноста да се разбере смислата на пишаните зборови е излишна, но тоа заврши: зборовите се поважни од кога било досега: светот го управуваме со зборови и иако светот се нурнува во интернет, треба да следиме, да комуницираме и да го разбереме она што го читаме. Луѓето кои не можат да се разберат, не можат да разменуваат идеи и не можат да комуницираат, а програмите за преведување не можат да бидат замена за тоа.

Наједноставниот начин да подигнеме писмени деца е да ги научиме да читаат и да им покажеме дека читањето е пријатна активност. А тоа значи, едноставно, да најдат книги во кои ќе уживаат, да им дадеме пристап до тие книги и да им дозволиме да ги читаат.

Мислам дека не постои такво нешто како лоша книга за деца. Секогаш и повторно станува популарно кај некои возрасни да укажат на подгрупа на детски книги, жанр, или можеби автор, и да прогласат кои се лоши книги и да бараат тие книги за децата да не се читаат. Гледам како тоа се постојано се случува; Енид Блајтон (Enid Blyton) беше прогласен за лош автор, исто и Р.Л. Стајн (RL Stine), како и десетици други. Стриповите беа обвинети како средство за негување на неписменоста.

Тоа е претерано. Тоа е снобизам и глупавост. Нема лоши автори за деца, кои децата ги сакаат и ги бараат и сакаат да ги читаат, бидејќи секое дете е различно. Тие можат да ги најдат приказните што им се потребни и тие ги наоѓаат. Отфрлената, стара идеја за нив не е стара, зашто првпат се среќава со неа. Не ги обесхрабрувајте децата да читаат, бидејќи сметате дека читаат погрешна книга. Литературата што не ви се допаѓа е патот кон други книги што можеби ќе ги сакате. И немаат сите ист вкус.

Добронамерните возрасни можат лесно да ја уништат љубовта на детето кон читањето: да ги спречат да го читаат она што го сакаат или да им дадат вредни, но здодевни книги, дваесетипрвовековен еквивалент на викторијанската литература за „подобрување“. Така ќе завршиме со генерација убедена дека читањето „не е кул“ и уште полошо, дека е непријатно.

Нашите деца да се искачат на скалата на читањето: сè што уживаат да го читаат, ќе ги поттикне, скалило по скалило ќе ги искачува до вистинска писменост. (Но, исто така, не го правете она што еден писател го направил на неговата 11-годишна ќерка, која почнала да го чита Р.Л. Стајн, тој ѝ ја дал книгата „Кери“ од Стивен Кинг, велејќи дека ако ѝ се допаѓа Стајн, сугурно ќе го сака и Кинг. Последица на тоа било што Холи до крајот на своите тинејџерски години не читала ништо друго освен безбедни приказни за доселениците во преријата и сé уште се преплашува кога ќе се спомене името на Стивен Кинг.)

Втората работа што читањето ја развива е емпатијата. Кога гледате телевизија или филм, гледате што им се случува на другите луѓе. Литературата е нешто што го градите од 26 букви и неколку интерпункциски знаци, и вие самите, користејќи ја сопствената фантазија, создавате свет и луѓе и ги гледате со други очи. Ги чувствувате работите, посетувате места и светови што инаку не би ги знаеле. Дознавате и дека сите други таму сте вие. Се претварате во некој друг и кога ќе се вратите во сопствениот свет, ќе бидете малку променети.

Емпатијата е алатка за градење на заедници, за да функционираме не само како поединци опседнати со себе си. Исто така откривате нешто што е од витално значење за светот. И тоа е следново: Светот не мора да биде ваков. Работите можат да бидат поинакви.

Во 2007 година бев во Кина на првата партиски одобрена конференција за научна фантастика во кинеската историја. И во еден момент, го прашав еден од претставниците на власта - Зошто? Научната фантастика не беше дозволена долго време. Што се сменило?
Едноставно е - ми рече. Кинезите беа брилијантни да изработат нешто, но само ако други им ги направат плановите. Тие не беа иноватори, не пронаоѓаа нови работи. Тие не креираа. Затоа испратиле делегација во САД, во „Apple“, во „Microsoft“, во „Google“ и ги прашувале луѓето што таму ја измислуваат иднината. Откриле дека сите читале научната фантастика кога биле момчиња или девојчиња.

Книжевноста може да ви покаже друг свет. Може да ве однесе некаде каде што никогаш не сте биле. Откако ќе ги посетите другите светови, откако ќе ги вкусите самовилските плодови, никогаш нема да бидете целосно задоволни со светот во кој пораснавте. Незадоволството е добра работа: незадоволните луѓе можат да ги подобрат своите светови, да ги направат подобри и поинакви.

И додека сме кај оваа тема, би сакал да кажам неколку зборови за ескапизамот. Слушам дека терминот се сфаќа како да е лоша работа. Како „ескапистичката“ литература да е евтин опијат што го користат заблудените и глупавите, а единствената книжевност што е достојна за возрасни или за деца е миметичката фикција, која го одразува најлошото од светот.

Ако би биле заглавени во невозможна ситуација, на непријатно место, со луѓе кои мислат дека сте болен и некој ви понуди привремено бегство, зошто да не го прифатите? И ескапистичката литература е токму тоа: фикција која отвара врата, ја покажува сончевата светлина надвор, ви дава место да одите онаму каде што ја имате контролата, со луѓе со кои сакате да бидете (и книгите се вистински места, да немате заблуда за тоа); и уште поважно, за време на бегството, книгите исто така може да ви дадат знаење за светот и вашата ситуација, да ви дадат оружје, да ви дадат оклоп: вистински работи што може да ги земете со себе во затворот. Вештини и знаење и алатки што можете да ги користите за да навистина избегате.
Како што нè потсетува Џ.Р.Р Толкин, единствените луѓе кои се против бегството се затворениците.

Друг начин да се уништи детската љубов за читање е, се разбира, да нема никакви книги на дофат. И да нема место каде би се читале книги. Имав среќа. Кога растев во близина имаше одлична локална библиотека. Имав такви родители кои за време на летните распусти, ме оставаа во библиотеката на пат кон работа и таков вид библиотекари на кои не им пречеше секое утро да да се враќаат во детската библиотека за да на малото, непридружено момче, му најдат книги со духови или магии или ракети, вампири или детективи или вештерки и чуда. И кога го завршив читањето на детската библиотека, преминав на книгите за возрасни.

Тие беа добри библиотекари. Тие ги сакаа книгите и им се допаѓаше кога книгите се читаа. Ме научија како да нарачам книги од други библиотеки и за меѓубиблиотечните размени. Тие не беа снобови во врска со книгите што го читав. Изгледа им се допаѓаше што има момче со широко отворени очи кое сака да чита и разговараа со мене за книгите што ги читав, ми наоѓаа и други слични книги, ми помогнаа. Тие ме третираа како читател - ништо помалку и повеќе - што значеше дека ме третираат со почит. Како осумгодишник не бев навикнат да бидам третиран со почит.

Но, библиотеките се за слобода. Слобода да се чита, слобода на идеи, слобода на комуникација. Тие се за образование (што не е процес кој завршува со денот кога го завршуваме училиштето или факултетот), тие се за забава, тие се безбедни простори и место за пристап до информации.

Се плашам дека во 21 век луѓето погрешно разбираат што се библиотеките и која е нивната цел. Ако сметате дека библиотеката е полица со книги, тоа може да изгледа старовремски и застарено во свет во кој повеќето, но не сите печатени книги, постојат дигитално. Но, тоа е фундаментална грешка.

Мислам дека тоа има врска со природата на информациите. Информациите имаат вредност, а вистинските информации имаат огромна вредност. Низ целата човечка историја, живеевме во состојба на недостиг на информации, а да ги имаш потребните информации секогаш било важно и секогаш вреди многу: кога да садиш растенија, каде да најдеш разни работи, мапи, истории и приказни - секогаш беа добри за храна и друштво.

Информацијата беше важна работа, а оние што ја имаа или знаеа да ја добијат, можеа да наплатуваат за таа услуга.

Во изминатите неколку години, преминавме од економија со недостиг на информации во онаа што е водена од информации. Според Ерик Шмит од „Гугл“, секои два дена, човечката раса создава толку информации колку што имало од почетокот на цивилизацијата до 2003 година. Тоа е околу пет ексобајти на податоци дневно. Сега, предизвикот не е да најдете ретко растение што расте во пустината, туку ретко растение што расте во џунглата. Ќе ни треба помош во навигацијата за да ја најдеме работата што ја бараме.

Библиотеките се места каде што луѓето одат за информации. Книгите се само врвот на ледениот брег на информации: тие се таму, а библиотеките можат слободно и легално да ви обезбедат книги. Повеќе деца позајмуваат книги од библиотеки од кога било досега - книги од сите видови: и печатени и дигитални и аудио. Но, библиотеките исто така, на пример, се места каде луѓето што можеби немаат компјутери или интернет конекција, да можат бесплатно да користат интернет: ова е многу важно во време кога информациите за вработување, аплицирањето за вработување или други социјални бенефиции се префрлија исклучиво онлајн. Библиотеките можат да им помогнат на овие луѓе да се движат низ тој свет.

Не верувам дека сите книги ќе бидат преселени на екраните: како што еднаш Даглас Адамс ми посочи, тоа беше повеќе од 20 години пред да се појави форматот на „Kindle“ – печатената книга е како ајкула. Тие се стари: имало ајкули во океанот пред диносаурусите. И причината зошто уште постојат е дека ајкулите се подобри кога се ајкули отколку што било друго. Печатените книги се цврсти, тешко се уништуваат, отпорни се, добро лежат на рака: одлични се такви какви што се и секогаш ќе има место за нив. Тие припаѓаат во библиотеките, исто како што библиотеките одамна станаа места каде што може да добиете пристап до електронски и аудио книги, DVD-а и веб-содржини.

Библиотеката е место кое е складиште на информации и на секој граѓанин му дава еднаков пристап. Како што се здравствените информации. И информациите за менталното здравје. Тоа е простор во заедницата. Тоа е сигурно место, засолниште од светот. Тоа е место со библиотекари во него. Сега е времето кога треба да замислиме какви ќе бидат библиотеките на иднината.

Писменоста е поважна од кога било, во овој свет на текст и е-пошта, свет на пишани информации. Треба да читаме и пишуваме, потребни ни се глобални граѓани кои можат да читаат удобно, да разберат што читаат, да разберат нијанси и да бидат разбрани.
Библиотеките навистина се врати кон иднината. Затоа е штета што гледаме како локалните власти низ целиот свет ја користат можноста да ги затворат библиотеките како лесен начин да заштедат пари, без да сфатат дека крадат од иднината да платат за денес. Тие ги затвораат вратите што треба да бидат отворени.

Според една неодамнешна студија на Организацијата за економска соработка и развој, Англија е "единствената земја каде што најстарата возрасна група има поголемо познавање и на јазикот и на математиката од најмладата група, по другите фактори, како што се родот, социо-економските потекла и видот на професии".

Или поинаку кажано, нашите деца и нашите внуци се помалку писмени и помалку знаат да бројат од нас. Тие се помалку способни да се движат низ светот, да го разберат за да ги решат проблемите. Тие полесно можат да бидат излажани и заведени, ќе бидат помалку способни да го променат светот во кој се наоѓаат, имаат помалку квалификации за вработување и сл. И како земја, Англија ќе заостанува зад другите развиени земји, бидејќи нема да има квалификувана работна сила.

Книгите се начинот на кој комуницираме со мртвите. Начин на кој учиме лекции од оние кои повеќе не се со нас, што го градеа човештвото да напредува, знаењето прогресивно да се зголемува, а не да се повторува одново и одново. Постојат приказни кои се постари од повеќето земји, приказни кои ги надживеале културите и зградите во кои првпат биле раскажани.

Мислам дека имаме одговорност за иднината. Одговорност и обврски кон децата, кон возрасните што станаа деца а се жители на светот. Сите ние - како читатели, како писатели, како граѓани - имаме обврски.
Верувам дека имаме обврска да читаме од задоволство, на приватни и на јавни места. Ако читаме од задоволство, ако другите гледаат дека читаме, тогаш учиме да ги применуваме нашите фантазии. Им покажуваме на другите дека читањето е добра работа.

Имаме обврска да ги поддржиме библиотеките. Да одиме во библиотеки, да се поттикнат другите да ги посетуваат библиотеките, да протестираат поради затворањето на библиотеките. Ако не ги вреднувате библиотеките, тогаш не ги вреднувате информациите, културата и мудроста. Ги замолчувате гласовите од минатото и ја оштетувате иднината.

Имаме обврска да им читаме гласно на нашите деца. Да им читаме работи во кои уживаат. Да им ги прочитаме приказните кои веќе ги знаеме. Да им ги интерпретираме гласовите, за да им ги направиме поинтересни и да не престанат да читаат само затоа што научиле да читаат. Користете го времето за читање како време за поврзување, како време во кое нема да ги гледате телефоните, кога светот престанува да ви го одвлекува вниманието.

Имаме обврска да го користиме јазикот. Да се трудиме: да дознаеме што значат зборовите и како да ги распоредиме, да комуницираме јасно, да кажеме што мислиме. Не смееме да се обидуваме да го замрзнеме јазикот, или да се преправаме дека е мртва работа што мора да се почитува, туку треба да го користиме како жива работа што тече, што позајмува зборови, што му дозволува на времето да му го менува значењето.

Ние писателите, а особено писателите за деца, но и сите писатели имаме обврска кон нашите читатели: тоа е обврската да пишуваме вистински работи, особено важни кога создаваме приказни за луѓе кои не постојат на места што никогаш не биле за да разберете дека вистината не е во она што се случило, туку во она што ни кажува кој сме. Фикцијата е лага што ја кажува вистината. Имаме обврска да не им предизвикуваме здодевност на нашите читатели, туку да ги натераме да ја свртат страницата.

Еден од најдобрите лекови за неволен читател е приказна што не може да престане да ја чита. Ние мора на нашите читатели да им ги кажуваме вистински работи и да им дадеме и оружје и оклоп и да ја им ја пренесеме целата мудрост, колку што сме научиле од нашиот краток престој на овој зелен свет, имаме обврска да не проповедаме, да не предаваме, да не туркаме преџвакани пораки и поуки во грлата на нашите читатели како птиците кога ги хранат своите млади; и имаме обврска никогаш, под никакви околности, да не напишеме нешто за деца што не би сакале самите го читаме.

Имаме обврска да разбереме и да признаеме дека како писатели за деца имаме важна работа, затоа што ако погрешиме и напишеме досадни книги кои ги одвраќаат децата од читањето и од книгите, ја скратуваме сопствената иднина и ја уништуваме нивната.

Сите ние - возрасни и деца, писатели и читатели - имаме обврска да мечтаеме. Имаме обврска да замислиме. Лесно е да се преправаме дека никој не може да смени ништо, дека сме во свет во кој општеството е огромно, а поединецот е помалку од ништо: атом во ѕид, зрно ориз во оризово поле. Но, вистината е дека поединците го менуваат светот одново и одново, поединците ја создаваат иднината и тоа го прават замислувајќи дека работите можат да бидат поинакви.

Погледнете околу себе: ама навистина погледнете. Паузирајте за миг и погледнете ја собата во која се наоѓате. Ќе укажам на нешто толку очигледно што има тенденција да се заборави. А тоа е следново: сè што може да се види, вклучувајќи ги и ѕидовите, во одреден момент било замислено. Некој одлучил дека е полесно да се седи на стол отколку на под и го замислил столчето. Некој морало да го замисли начинот на кој би можел да разговарам со вас во Лондон токму сега без сите да наврнеме.

Оваа соба и работите во неа и сите други работи во оваа зграда, во градот, постојат бидејќи луѓето ги мечтаат работите.
Имаме обврска да ги направиме работите прекрасни. Да не го оставиме светот погрд отколку што го најдовме, да не ги испразнуваме океаните, да не ги оставаме нашите проблеми за следната генерација. Имаме обврска да исчистиме по себе и да не ги оставиме нашите деца во свет во кој толку кратковидо ги згрешивме работите и го осакативме.

Имаме обврска да им кажеме на нашите политичари што сакаме да гласаме против политичарите од која било партија, кои не ја разбираат вредноста на читањето за создавање на вредни граѓани, кои не сакаат да работат за зачувување и заштита на знаењето и за поттикнување на писменоста. Ова не е прашање на партиска политика. Ова е прашање на човештвото.

Еднаш го прашале Алберт Ајнштајн како децата да ги направиме интелигентни. Неговиот одговор беше едноставен и мудар. „Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате да бидат уште поинтелигентни, читајте им уште повеќе бајки“. Тој ја разбира вредноста на читањето и замислувањето. Се надевам дека на нашите деца можеме да им дадеме свет во кој ќе читаат и ќе бидат читани, ќе мечтаат и ќе разбираат.

Слики: Tyson Adams

Извор: The Guardian

 

 

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Став
Книжевност / Култура / Историја
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Фотографија / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото