„Гласање и гласови“ - изложба на швајцарската амбасада

29.06.2019 11:48
Со изложбата „Гласање и гласови“, швајцарската амбасада го одбележа почетокот на проектот „Поддршка за изборните реформи во Северна Македонија“

Сибил Зутер, Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, вчера во Музејот на Современа уметност во Скопје ја отвори изложбата „Гласање и гласови“ – постери од швајцарските кампањи од 1918 до денес на Museum für Gestaltung Zürich. Со отворањето на изложбата се одбележува почетокот на проектот поддржан од Швајцарија „Поддршка за изборните реформи во Северна Македонија“.

По тој повод, Амбасадорката Зутер рече дека изложбата покажува дека граѓаните на Швајцарија не само што имаат право, туку имаат и инструменти кои им овозможуваат значајно да се вклучат во политичкиот процес. „Граѓаните се највисокиот политички авторитет во сите демократски системи, но еднакво е важно и да имаат инструменти кои им овозможуваат да ја применуваат таа демократска моќ. Оваа изложба се случува во мошне интересен момент за Северна Македонија, кога се одвива нов циклус дебати за изборните реформи. Во следните 10 години, во рамките на Проектот за изборни реформи, ќе работиме кон остварување подемократски и поверодостојни изборни процеси, кои ќе вклучат бројни државни институции, политички партии, граѓанското општество и гласачите. Мошне ми е драго што проектот доби целосна поддршка од страна на Владата, како и од сите други чинители, што претставува клучен предуслов за успех во овој процес.“ Изложбата „Гласање и гласови“ ги прикажува стратегиите за визуелно аргументирање и сликовитата реторика кои што им дадоа облик на постерите за швајцарските кампањи уште од 1918 до денешен ден. Како чувствителни индикатори на општествено-политичкото расположение и како вредни современи документи, изложените постери ја отсликуваат не само историјата на швајцарскиот пристап, туку и глобалните трендови општествено.

„Постерите од швајцарските кампањи од 1918 до денес ги придружуваат референдумите како централен инструмент на директната демократија. Околу половина од сите референдуми на светско ниво се одржуваат во Швајцарија, а оттаму се и важен елемент на еден складен политички систем уште од формирањето на сојузната држава во 1848 година“, рече Бетина Рихтер, кураторка на изложбата на Museum für Gestaltung Zürich, на отворањето на настанот. „Постојано, актуелните прашање ги возбудуваат луѓето и доведуваат до жестоки идеолошки борби. Доказ за ваквите спорови се постерите од кампањите со кои се прави обид да се влијае на јавното мислење уште од почетокот на XX век. Клишеа, претерани поедноставување, репертоар на драстични мотиви и слогани што лесно се памтат кореспондираат на законите на медиумите, чија цел е директна манипулација со масите.

Изложбата „Гласање и гласови“ на Museum für Gestaltung Zürich, водечки швајцарски музеј за дизајн и визуелна комуникација, ќе биде поставена од 27 јуни до 12 август 2019. Организирана од страна на Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, во соработка со Музејот на современа уметност, изложбата претставува 50 постери за референдумите во Швајцарија покривајќи го периодот од 1918 до денешен ден.

Проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ има за цел да ги поддржи демократските и веродостојните изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција со тоа што на гласачите им овозможуваат да ги изберат своите претставници и од нив да бараат отчетност. Проектот е на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и нејзиниот партнер Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), а е одговор на новите приоритети и настани во политичката и изборната арена, со поддршка на напорите на земјата кон Евро-атланските интеграции.

Извор: https://civilmedia.mk

ОкоБоли главаВицФото