1012 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Вто, 19.03.2024 05:59
Имало некој пргав тип,
Пргав тип, со опасен чип.
Кој и да му дошол под бесните шаки
Веднаш станувал корисник на штаки.
Името Когобил го добил,
Не избирал кого ќе здроби.
Мир во него немало ни за лек,
Вечно бил лут и секогаш прек.
Се дерел, спремен секого да здрви:
„Крал сум на тепањето, Когобил Први!“
Цврсто се држел до намерата слепа:
Сè живо да претепа.
Си свиркал одејќи некому да извлече уши;
Ништо не можело планот да му го наруши.
Дур одел, така лут и збеснат,
Често ја свиркал истата песна.
Песната за неговите злодела
вака одела:
„ Со високи мавачки квалитети сум се здобил
и сè пред себе сум здробил, оти сум Когобил!
Трафика сум обил, луѓе сум онеспособил,
брзо сум се пробил, оти сум Когобил!
Ракави засукувам, одам да се испукам,
јас сум Когобил! И сите ќе ве расчукам!“
Е, ама животот режира драма,
Некому е маќеа наместо мама,
Некому е чичко или теток,
Ама секому доаѓа црниот петок.
А црниот петок, неговата беда,
На Когобил му се паднал во среда.
Била, значи, обична среда,
Когобил низ градот шпартал и гледал.
Страшна срдба во него влегла,
Ужасно сакал некого да пегла.
Кога, ете, баш еден фраер стрчел,
Целиот се правел важен, уште и се прчел.
Ликувал Когобил, ќе ге истресе фраерот ко слинче.
Иако фраерот бил ко малецок џин, да речеме џинче.
Му викнал Когобил: „Морам да ти признам,
Сеа една ќе ти ја учукам, то ест ѕвизнам.“
А фраерот му рекол: „Само напред, Абдал;
Во среда главно од сандали вадам будали.“
Когобил писнал: „Ајде бе батка, пун сум со медали
за скандали, т.е. за вадење глупи фраери од сандали.“
Свесен бил, сè уште, за тој дел,
и уште нешто Когобил видел:
Рој ѕвезди над главата му се сплел,
Да бидам точен - хороскоп цел.
И се струполил, а не го фатила дремка:
На главата нагло му се појавила џумка,
од поголемите - не бемка ил дамка.
Ете така на Когобил му скроиле рамка,
Како било прочитавте во оваа одломка.
(Морал уште и на коските да направи снимка.)
Процивкал Когобил: „Прегазен сум ко со валјак.
Така и ми треба кога се закачам со појак“.
Тагувал, но презел и мерки:
Веќе не одел во ферки.
Имало посилни фактори,
Сега тука бил Когобил Втори.
И тој многу не внимавал,
крстарел низ градот и мавал.
Нема крај тажнава низа од портрети:
Ќе се појави, се разбира, и Когобил Трети.
А ти, размисли, читателу млад,
Дали песнава ти нуди слад;
Не знам дали со нејзе сум те придобил,
Ама не се исплати да се биде Когобил...
Слики: Коста Миловановиќ
Превод: Пандалф Вулкански
Извор: Дејан Алексиќ, Јануар у жирафи (Лагуна, 2018)
Дејан Алексиќ, најреномираниот современ српски писател за деца, ќе биде гостин на фестивалот Друга приказна (5-8 септември во МКЦ, Скопје).