Недела за иднината: петочен протест и активности

19.09.2019 13:12
Fridays For Future Skopje бара од средните училишта да ги пуштат учениците на протест

 
  Пред два дена, 16-годишната климатска хероина Грета Тунберг им соопшти на милионите нејзини следбеници на социјалните мрежи дека под притисокот на нејзиното движење за климатска правда Fridays For Future, средните училишта во Њујорк нема да ги спречуваат учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на Обединетите Нации, каде ќе се одржи големиот самит за климатски промени викендов. Според очекувањата, по оваа одлука,
повеќе од два милиони млади ќе излезат на улиците на Менхетн.

Следејќи го примерот на Грета, како припадници на движењето Петоци за Иднината Скопје, бараме од средните училишта во главниот град да се солидаризираат со глобалниот настан и да им дозволат на средношколците да ги напуштат првите два часа од втората смена задутре во петок, за да можат да присуствуваат на протестот пред Владата со почеток во 13 часот. Добивме десетици пораки од наши соученици кои сакаат да бидат дел од протестот, но се плашат дека ќе сносат последици поради тоа.

Апелираме до професионалната етика, но и до совеста на директорите и професорите од скопските училишта. Драги просветни работници, пронајдете ја повторно во себе причината поради која сте ја избрале оваа вокација. Ова не е обично отсуство, или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно. Не им ставајте неоправдани изостаноци на вашите деца, туку напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со нивните врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што не опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи!

Петоци за Иднината Скопје ќе организира настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата Недела за Иднината. Но протестот во петок е најважен, затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21-от век, и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање. Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години. Обидете се како образовен кадар да им овозможите на вашите ученици да ја доживеат возраста која вие ја имате.

Ви благодариме,
Fridays For Future Skopje

 

Програма за Недела на иднината (20-27 септември)

Почнувајќи од 20-ти септември (петок), на светско ниво започнува глобална климатска акција на секојдневни протести кои ќе траат цела недела.

Тајмингот на овие протести е одбран за да се зголеми притисокот кон светските влади во пресрет на Самитот за климатска акција на Обединетите Нации на крајот на месецот во Њујорк, и Конференцијата за климатски промени во Сантјаго де Чиле во декември. Овие два настани ќе бидат клучни за донесувањето одлуки во насока на задржување на глобалното загревање под критичната граница од 1.5 степени Целзиусови.

Во продолжение, деталната програма за Недела за иднината:

20-ти септември (петок) - отварање на неделата за иднината со протест на платото во близина на Владата кај споменикот на ослободителите на Скопје. Протестот ќе започне во 13 часот и ќе ја има поддршката на повеќе организации за животна средина: Движење за чист воздух, Skopje Smog Alarm, Go Sakam Vodno / Го Сакам Водно, O2 Иницијатива и други. Барањата на Петоци за Иднината ќе бидат изложени на објектот.

21-ви септември (САБОТА) - учество во велосипедско возење низ Скопје во организација на Eko-svest. Критичната маса #наточак ќе започне во 19 часот во паркот Жена Борец кај споменикот на Питу Гули, и ќе заврши во 19 и 30 пред Школка во градски парк, каде ќе се одржи филмска проекција под отворено небо на тема климатски промени.

22-ри септември (НЕДЕЛА) - акција за ослободување на заробени дрвја во Скопје. Повеќе информации наскоро.

25-ти септември (СРЕДА) - панел дискусија во кафе Котур со проф. Наташа Марковска, претставник на Македонија во Меѓународниот панел за климатски промени, проф. Ристо Цицонков, автор на првиот национален извештај за климатски промени, и Симона Гетова, магистер по менаџмент и политики за животна средина од ЦЕУ во Будимпешта. Почетокот на трибината ќе биде во 18 и 30.

26-ти септември (ЧЕТВРТОК) - работилница “Градење моќ и глокално дејствување” во организација на Young Friends of the Earth Macedonia, со дискусии на темите политичка екологија и климатски промени. Почеток во 17, крај во 21 часот. Пријавување до 18ти септември на следниот линк

27-ми септември (ПЕТОК) - марш за климата со почетна точка Министерство за Животна Средина, преку Собрание, крајна точка Влада на РМ. Почетокот на собирот пред МЖС ќе биде во 13 часот. Демонстрантите ќе се движат строго по тротоар да се избегнат блокади на сообраќајот. Затварањето пред Влада ќе биде пропратено со музичка содржина.