Илија Маџаров - изложба

19.12.19 14:42

Со Илија за првпат се сретнавме во книжарница специјализирана за стрип. Луѓето што негуваат фанатичен однос кон деветата уметност, кај мене имаат посебен кредит. Според негово признание, стрипот одиграл голема улога во неговата одлука да се бави со сликарство. Договоривме средба за да ги погледнам неговите слики и цртежи. Имајќи предвид дека е самоук, очекував да видам дела коишто носат белег специфичен за наивната уметност но на мое големо изненадување, затекнав зрел автор со препознатлив авторски дискурс, небаре цел живот се бавел професионално со сликарство - сигурен цртеж, изразено чувство за композиција и колорит, експресивност... Фасцинираноста е дотолку поголема доколку се земе предвид дека започнал да твори пред само две години.

Неговите слики се своевиден дневник во кој што ги преточува своите импресии, преокупации и емоции. Избира најразлични мотиви од своето опкружување и низ процес на редукција ги сведува на нивната Суштина, на еден крајно непосреден начин. Без разлика дали станува збор за портрети, пејзажи или жанр теми, авторот е секогаш на висина на задачата.

Најистакнато место во неговиот творечки опус заземаат портретите. Бавењето со портрет е исклучително тешка дисциплина којашто не е условена само од техничка виртуозност. Повеќето технички испеглани портрети делуваат студено заради тоа што авторите, трудејќи се да доловат што е можно поголем веризам, ја занемаруваат психолошката димензија на субјектите. Илија успеал да ја избегне замката на сувопарна фактографија, истакнувајќи ги суштинските карактеристки на портретираните личности, најчесто негови блиски пријатели и роднини. Токму врз основа на портретите може да се увиди неговата вештина и умешност за опсервирање на луѓето и доловување на нивната внатрешната психолошка состојба.

Сликите на Илија Маџаров се најдобра потврда за тоа дека основен предуслов за бавење со сликарство не е формалното ликовно образование туку максималната љубов, посветеност и истрајност.


Илија Маџаров е роден 1978 година во Битола и е дипломиран историчар на уметност и ахеолог. 

Текстот е на Атанас Т. Ботев

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото