Детски книги и цртежи на последниот ден на Малиот саем на книгата

03.01.2020 14:06
Детски книги и цртежи на последниот ден на Малиот саем на книгата

Последниот ден од Малиот новогодишен саем на книгата беше посветен на детската литература. Се одржаа разговори за три книги за деца: „Синиот зајак“ од Душко Радовиќ, илустрирана од Александар Иванов; „Чудесни апарати“ од Гвидо Тартаља илустрирана од Владимир Лукаш; и „Зенобиа“, данскиот стрип за деца и млади, од авторите Дур и Хорнеман. За книгите зборуваа Никола Гелевски (преведувач и уредник на книгите „Синиот зајак“ и „Чудесни апарати“), уметникот Владимир Лукаш и Ванчо Полазаревски, еден од најугледните хумористи и писатели за деца кај нас.

После разговорите се одржа креативна работилница за деца, „Моето необично милениче“. Креативната работилница водена од Билјана Црвенковска беше замислена како серија од активности: читање, цртање и/или пишување за деца. На работилницата децата создадоа педесетина одлични цртежи од кои дел ќе објавиме на Окно, во понеделник.

Со „детскиот ден“ заврши десеттото издание на „Малиот новогодишен саем на книгата“, кој прв пат се одржа во Младинскиот културен центар. Учествуваа осум издавачи: Темплум, Или Или, Бегемот, Готен, Блесок, Артконект, Чудна шума и Бункер.

Фотографии: Јелена Белиќ

ОкоБоли главаВицФото