Почина Тери Џонс од „Монти Пајтон“

22.01.2020 15:54
Почина Тери Џонс од „Монти Пајтон“

На 77 - годишна возраст, синоќа почина актерот, писателот и ѕвездата на култната серија „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, Тери Џонс.

Тој беше и сценарист, режисер и историчар. Боледувал од 2016 година кога му бил дијагностициран редок вид на деменција.

„Изгубивме мил, забавен, креативен и сакан човек чијашто бескомпромисна индивидуалност, неуморен интелект и исклучителен хумор им подари задоволство на милиони луѓе во текот на цели шест децении. Неговата работа во Монти Пајтон, книгите, филмовите, телевизиските емисии, песните и другите дела ќе живеат засекогаш“, се вели во соопштението од неговото семејство.

Џонс беше еден од основачите на хумористичната група „Монти Пајтон“, која засекогаш го промени светот на комедијата кога дебитираше на Би-Би-Си во 1969 година.

Роден во 1942 во Колвин Беј, Велс, Џонс студирал англиска книжевност кога го запознал Мајкл Пејлин, со кого потоа почнал да пишува сценарија и да настапува во низа ТВ-серии. Заедно со Џон Клиз, Грем Чепмен, Ерик Ајдл и Тери Гилијам, тие во 1969 ја формираа групата „Монти Пајтон“, чиј „Летечки циркус“ се емитуваше до 1974 година.

Продолжувајќи ја соработката со членовите на групата, Џонс потоа ги режираше филмовите „Монти Пајтон и Светиот грал“, „Житието на Брајан“ и „Смислата на животот“.

Извор: Би-Би-Си

 

ОкоБоли главаВицФото