Средни години

18.02.2020 20:13

Никогаш повеќе криумчарење на фармерки
и на гуми за џвакање,
чувство на радост од новогодишно украсениот сив град,
млеко во ќесички,
црно-бели цртани,
телефонски разговори во јавни говорници,
поздравување во чекалниците.
Никогаш повеќе забави на морскиот брег
со гитара и со срцепарателни песни,
жетони за градски автобус,
редици пред киоскот со помфрит,
продавници со мешана стока.
Никогаш повеќе љубезни гостилничарки
што даваат пијачка на вересија,
никогаш повеќе жиро-сметки
и изговори дека банката е веќе затворена.
Само купишта пластика
и свет како згаснат екран
на паметен телефон.

Препев: Лидија Димковска

 

АЛЕШ МУСТАР (1968, Љубљана) е поет и преведувач. Дипломирал англиски јазик и книжевност, како и педагогија на Универзитетот во Љубљана, а докторирал од областа на романската драматургија на Универзитетот во Букурешт, Романија. Преведува романска и македонска книжевност на словенечки јазик. Ја објавил поетската збирка „Суд(бин)ско толкување“ (2005), која беше номинирана за најдобра дебитантска поетска збирка, препеана на македонски („Блесок“, 2007) и на англиски („Блат букс“, 2008). Неговата втора поетска збирка „Средни години“ излезе при Центарот за словенечка книжевност во Љубљана во 2017 г. и беше номинирана за најголемите поетски награди во Словенија: „Јенко“ и „Вероника“, а од страна на критиката беше избрана и за критичко-поетскиот фестивал „Прангер“. Неговите песни се застапени во повеќе антологии, а учествувал на поетски читања и фестивали во САД, Данска, Чешка, Холандија, Романија, Македонија, Хрватска и др. Алеш Мустар се занимава и со алтернативен театар. 

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото