1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Зима 1901/02. Во рамките на предавањето по криминалистика на Универзитетот во Берлин, професори, рефендари и студенти дискутираат за некој стручен реферат. Расправата се ближи до завршување. Денот бил долг, надвор е мрак, часовникот покажува петнаесет до осум навечер. Но, пред идните образовани криминолози да се разотидат, се случува необичен настан.
На крајот на расправата за книгата на Тард тајниот советник Фон Лист прашува: „Дали некој сака уште нешто да додаде пред на референтот да му дадам завршен збор?“
Др К. станува.
Фон Лист: „Колегата К. има збор“.
К: „Би сакал уште накусо да го разгледаме Тардовото учење од стојалиште на христијанската филозофија на моралот“.
Л. упаѓа гласно: „Само уште тоа ни фалеше!“
К: „Повелете бидете мирен ако никој ништо не ве прашал“.
Л: „Тоа е безобразие“, станувајќи.
К: „Ако кажете само уште еден збор“ и му приоѓа на Л. со подигната и стисната тупаница.
Л: „Тргни ја раката или...“
Л. извлекува револвер и ја потпира цевката врз челото на
К. Фон Лист го удира по подигнатата рака. Револверот се спушта на висина на градите на К. Во моментот кога е насочен некаде во висина на срцето, се слуша истрел.
***
„К.“ го преживува истрелот во висина на срцето. „Л.“ исто така. Никој не е повреден, ниту уапсен, бидејќи она што наликува на мала театарска сцена - всушност е тоа.
Перформансот е дел од психолошкиот експеримент со кој правниците на Универзитетот во Берлин под водство на Сал Џафа (Jaffa) сакале да ги истражат прецизноста и поузданоста на сведоците. Освен самите актери“ никој друг однапред не бил информиран, но од многубројните сведоци отргнати од мирот на предавањето било побарано да ги запишат своите согледувања: од некои уште истата вечер, од некои следниот ден, од некои после подолг временски период. Идејата била да се утврди каква улога во сеќавањето играат карактеристиките на личноста, временската дистанца и други фактори.
Поттик за овој експеримент Џафа добил од Вилијам Штерн, филозоф и психолог од Бреслау, роден 1871, ученик на Мориц Лазарус, основач на психологијата на народите. Меѓу Штерновите учители и колеги, покрај Херман Ебингхаус, Вилхелм Дилтај и Георг Зимел, спаѓаат некои од најнапредните филозофи, социолози и психолози од неговото време. Во контекст на форензичката психологија тој со своите дела од пред повеќе од сто години го отвора научното трагање по гласините.
Експериментите на Вилијам Штерн се засновани врз славните студии за сеќавањата. Во 1902-та, набрзо по „атентатот во амфитеатарот“, тој смислува необични услови за своите испитувања со желба да одговори на прашањето „во која мера просечниот исказ на нормално релевантен сведок може да се смета за коректно прикажување на некоја објективна состојба на работите“. Што вели сведокот кога ја зборува вистината? Тоа судовите ги интересира колку што ја интересира и историјата, што е причина поради која современите историчари детално ги проучуваат истражувањата на Штерн и неговите колеги.
Штерн работи со „првокласен човечки материјал“, имено, со „образовани особи во старосна доба кога се најспособни за примање информации“. Кај нив веќе и „поради професијата“ би можела „да се очекува одредена извежбаност во посматрањето и самокритика на помнењето“. Учесниците на експериментот поминуваат низ различни тестови за помнење и Штерн на крајот доаѓа до можеби не баш изненадувачки резултат: сеќавањето без грешки „не е правило туку исклучок“; заблудите се составен дел од тоа и „самото заколнување на вистина не е никаква заштита од илузијата на сеќавањето“. И сеќавањето има свој „самостоен живот“.
До сличен заклучок доаѓаат и режисерите на перформансот во берлинскиот амфитеатар: „Дејствијата, па и оние најзбиените, не се врежуваат во сеќавањата нималку подобро од изговорените зборови“, констатира водачот на експериментот и напомнува дека начинот и содржината на сеќавањето тежнеат да се изедначот со она што е „познато, нормално и повеќе пати доживеано“.
Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф и илустрации: Ристо Аврамовски
Извор: Ханс-Јоахим Нојбауер - Фама, историја на гласините (2009)
Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.