И земјата има граници кои не сакаме да ги преминеме

20.03.2020 00:37
И земјата има граници кои не сакаме да ги преминеме

Вил Стефен

„Постои многу голема разлика кога зборуваме за климатските промени од позиција на точка на пресврт и онаа кога не го препознаваме реалитетот на точките од кои нема враќање“, вели професорот од австралискиот Национален универзитет во Канбера, Вил Стефен, еден од авторите на новиот научен труд објавен во списанието Nature пред новата рунда климатски преговори кои се одржаа во Мадрид.

Накратко, точките на пресврт се оние моменти кога некои процеси на земјата влегуваат во состојба кога веќе не го следат постепениот раст туку ненадејно забрзуваат, се извлекуваат од контролата и предвидувањата на научниците и генерално на секоја можност за човечко влијание.

„Игнорирањето на точките на пресврт претпоставува дека нивото на пораст на температурата е директно поврзано со нивото на човечката емисија и дека кога ќе достигнеме состојба на нулта емисија, можеме да го ’паркираме’ Земјиниот систем на ниво на пораст на температурата која доминантно е одредена од човечката емисија.

Но, кога ќе ги погледнеме нештата од позиција на точка на пресврт, јасно е дека постои глобален праг - точка од која нема враќање - после кој човештвото губи контрола над патеката на Земјиниот систем, а внтарешната повратна спрега во системот ја менува погонската состојба во многу потопла, независно од тоа што се случува со човечките емисии“, објасни Стефен.

Кога разговаравме со Стефен пред повеќе од една година, предвидувањата зборуваа дека прагот преку кој земјата влегува во состојба на стакленик е оддалечен само неколку децении.

„Ова ново истражување потврдува дека не може да се исклучи постоење глобална каскада на пресврт, а некои од поединечните точки на пресврт веќе да се активни. Сѐ уште не знаеме каде точно може да лежи глобалниот неповратен праг, но нашиот труд ја потврдува анализата на ризикот која вели дека прагот би можел да биде оддалечен само неколку децении“, вели Стефен.

Точките кои веќе ги поминавме се топење на мразот во некои подрачја на Антарктикот и Гренланд каде ситуацијата веќе излезе од зоната на стабилност. Исто така, особено загрижувачки се процесите за губење на интегритетот на биосферата, со што се поврзани бројни процеси како дефорестацијата и изумирањето на видовите.

Освен што ја губиме основата за живот, преминувањето на точките на пресврт во биосферата може да предизвика ненадејно испуштање јаглерод во атмосферата и намалување на преостанатиот буџет на емисии. Како што се истакнува во истражувањето, преминувањето на границите на пресврт во еден систем може да го зголеми ризикот на преминување на истите во друг.

Такви врски научниците пронашле кај 45 проценти од можните интеракции. На пример, губењето на арктичкиот мраз го зголемува регионалното затоплување, а затоплувањето на Арктикот и топењето на Гренланд го зголемуваат дотокот на вода во Северниот Атлантик што води кон дестабилизација на западноафриканските монсуни, предизвикувајќи суша во африканскиот регион Сахел, како и пресушувањето на Амазон, нарушувања кај источноазиските монсуни и затоплување во Јужниот океан, што повторно го забрзува топењето на мразот на Антарктикот.

„Врските помеѓу поединечните точки на пресврт се тие кои можат да ја покренат глобалната каскада на пресврт, ефективно доведувајќи го Земјиниот систем надвор од дофат на човечката контрола. Со оглед на тоа дека половината од можните интеракции помеѓу точките на пресврт се реални, ризикот од таква каскада исто така е реална опасност“, истакнува Стефен.

Авторите на овој труд, меѓу другите и Тимоти Лентон, директор на Институтот за глобални системи на британскиот универзитет Ексетер, и Јохан Рокстром, директор на Институтот за истражување на климатските влијанија во германски Потсдам, единствена надеж гледаат во политичка и економска акција поврзана со емисиите, а таа акција вклучува исполнување на целите од Парискиот договор, запирање на зголемувањето на температурата на 1,5 степени.

„Тоа значи дека емисиите мора да бидат за 50 проценти помали до 2030 година, а нултата стапка на емисии мораме да ја постигнеме до 2040 или 2045 година. Секоја година во која растат емисиите значи дека станува многу потешко да се стабилизираат температурите на 1,5 степени. Практично, ако не го достигнеме врвот на емисиите до 2050 година, немаме апсолутно никакви шанси да ја достигнеме целта од 1,5 степени“, вели Стефен.

Ова истражување, објавено во едно од најугледните светски научни списанија, завршува со мошне апокалиптични предвидувања.

„Времето кое ни преостана да го спречиме пресвртот можеби веќе е сведено на нула, додека времето за реакција да постигнеме нулта емисија во најдобар случај е 30 години. Затоа е можно веќе да сме ја изгубиле контролата над тоа дали ќе дојде до точка од која нема враќање“, истакнаа научниците кои наведуваат дека, ако постоењето точки на пресврт не може да се исклучи, станува збор за „егзистенцијална закана за цивилизацијата“ и дека „никаква економска cost-benefit анализа нема да помогне“.

„Тешко е да се каже како би изгледал апокалиптичниот свет. Но тој свет би бил барем 4 до 5 степени потопол од прединдустриската ера, со голем пораст во бројот и интензитетот на екстремните временски настани додека се случуваат големи промени во климатските зони. Тоа сигурно би имало големо влијание на тоа каде луѓето можат да одгледуваат храна. Проценките за тоа колку луѓе би можела да поддржува „Земјата како стакленик“ може да варираат, од бројката која ја имаме денес, но со понизок животен стандард, до толку ниско како што е една милијарда, од денешните 7,6 милијарди“, опишува Стефен.

Но, кога разговараме за точките на пресврт надеж пружа општествениот пресврт до кој исто така дојде последнава година.

Прашањето за климатските промени најпосле влезе во мејнстрим дискусијата, а дискусиите за болката од загубата на природниот свет, амазонската прашума или коалите, излезе од тесниот активистички круг. Дали можат емоциите да го постигнат она што научните податоци не можеа да го постигнат со децении?

„Мошне ветувачки се ученичките штрајкови, движењата како Extinction Rebellion и останатите, покажуваат дека можеби сме сѐ поблиску до таа општествена точка на пресврт која би можела да води до итна ефикасна климатска акција. Никој не може со сигурност да каже дали тоа е вистина, но барем ни дава надеж дека човештвото почнува да ги разбира ризиците и дека има сѐ помала толернација за неефикасноста на нашите политички водачи“, заклучува Стефен.

Извор: http://www.h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото