Како вирусoт нѐ потсети дека сме социјални битија

23.03.2020 00:40
Како вирусoт нѐ потсети дека сме социјални битија

За време на брзата промена на мислењето за тоа што точно ни се случува, кое нѐ соочи со исказите на истите луѓе кои од „најсмешниот вирус“ се преобраќаа во „многумина ќе останат без своите сакани“ (инаку, станува збор за вкрстени цитати), едно мислење се истакна особено. Она за „туѓиот вирус“. Но, неволјата со вирусот е во тоа што тој не е ни домашен ни туѓ, ни твој ни мој. Вирусот не познава странци, сите сме потенцијални домаќини. Но, она што вирусот станува во рацете на безумните политики - или може да стане - е средство со кое дополнително се поттикнува отуѓувањето. (Како веќе да го нема премногу во нашите животи!)

Бидејќи вирусот за нас не размислува како за странци, туку, напротив, се радува и сака да се одомаќини кај нас, воведен е поимот социјално дистанцирање, воспоставување социјална дистанца. Безбедни сме на одредена метража од тоа инвазивно битие кое не ни го носат Италијанците, Шпанците, Кинезите, мигрантите, светските патници, глобалистите, космополитите, оние кои сакаат да ни го уништат сојот. Никој нема тапија за вирусот, без оглед на недвосмислените жаришта - пазарот во Вухан, Ломбардија, сега цела Европа.

Воспоставувањето социјална дистанца засега е најдобрата мерка за заштита и таа мерка нужно треба да се почитува, зашто границите на телото не се државни граници на кои можат да се постават бодликава жица, ѕидови и кордони полиција, војска и самонаречени чувари на националниот ред.

„Ѕидовите“ со кои се обидуваме да ги покриме лицата и рацете не се толку цврсти и непропустливи, а и оние најсилните меѓу чуварите на редот паѓаат пред оваа наезда. Значи, социјалната дистанца не е прашање на избор, туку грижа за себеси и општествена одговорност. Зашто постојат општества, па дури и држави со потполно разрушени системи на нега, заробени институции и олигархии. Постојат барем во зародиш или како остатоци од претходно, само треба повторно да се препознаат во себе и другите околу себе.

Дури и кога сме социјално дистанцирани, дистанцирани сме од вирусот, но не од луѓето. Се отуѓуваме од неповиканиот дојденец, а не од блиските, соседите, сите оние кои живеат заедно со нас на планетата. Склони сме кон тоа овој едноставен, наједноставен факт од нашите животи лесно да го забораваме, па на најлош можен начин да се сетиме кога некој продавач од пазарот во покраината Хубеи
се покаже во ликот на некој познаник од Кикинда или роднина од големиот град.

Но ние никогаш не живееме сами, дури ни како монаси. За да можеме да се изолираме се грижат огромен број наши сограѓани - некои разнесуваат отпадоци, некои месат леб, некои разнесуваат пошта, некои уплатуваат плати и пензии, некој произведува тоалетна хартија, некои возат автобуси дури и по саботен возен ред, некои продаваат лекови, некои породуваат зашто не може да се чека да заврши пандемијата, некои бдеат над новородените бебиња на неонатолошките одделенија, некои погребуваат, некои се грижат да има струја и да функционира водоводот.

Од сите тие луѓе сме постојано социјално дистанцирани, не знаеме ни кои се, ниту ни е грижа за тоа. Сега е момент да бидеме свесни, зашто без нив нашата изолација би била невозможна. Сега треба да се присетиме - да ги повикаме, да ги прашаме како се - сите оние на кои им е отежнато движењето, кои инаку од разни причини отежнато се пробиваат низ редовниот градски живот, кои се грижат за другите кои имаат такви или какви било други пречки. Тие добро знаат што е изолација. Можеби сега би можеле да ги слушнеме и подобро да ги разбереме.

Во оваа отуѓувачка ситуација би можеле да замислиме колку отуѓувачко е искуството низ кое поминуваат сите жени кои се изложени на насилство во својот дом, кои и инаку живеат во страв, недовреба, социјална занемареност. Тој страв сега се зголемува двојно. Би можеле да имаме поголемо разбирање за луѓето кои секојдневно умираат од банални болести зашто немаат пари да платат билет за меѓуградски автобус за да посетат лекар или немаат пари да ги платат скапите анализи и третманите кои веќе не ги обезбедуваат државните болници и домовите за здравје. Тоа се наши сограѓани, соседи, блиски, од кои социјално се дистанцираме и кога нема никаков вирус кој нѐ принудува на тоа. Најпосле, наши сограѓани се и оние кои сега чувствуваат премаленост, имаат висока температура и кашлаат суво. Тоа се нечии родители, деца, пријатели и роднини, исто како и ние. Вирусот не ги избрал посебно, но ние можеме да избереме како ќе се однесуваме кон нив, со обѕир и почитување, или отуѓено и осудувачки.

Моментот на социјална дистанца, за кој не ни знаеме колку долго ќе потрае, би можел да биде и момент во кој во себеси одново ќе ги собереме капацитетите за разбирање дека сме социјални битија, дека без општеството - како негови видливи, така и негови невидливи делови - не постоиме, или барем нема долго да издржиме на оваа планета. Вирусите 19, 20, 21...2819, 2820... брзо би нѐ запреле во нашето себично, отуѓено уверување дека владееме со него. Во таа фантазија, по правило, сами.

Слики: Gwen Yip

Извор: https://voxfeminae.net

ОкоБоли главаВицФото