Слатките плодови на слободното време

27.03.2020 03:32
Слатките плодови на слободното време

Слободно време е: а) време кое не е исполнето со работа и работни обврски; слободно, расположливо време: читање весници во слободно време

б) неработење, безработица, безделничење; чмаење: крцкање со прстите од задоволство - да се биде слободен без работа, да се има многу слободно време (Речник од Матица српска)

Иако тоа му е основното значење, слободното време не им припаѓа само на мрзеливите. Во овој век на постојана комуникација, движење, стрес и доцнење со обврските, слободното време стана привилегија на малцинството.

Впрочем, не само што е привилегија на малцинството, туку е и вештина која ја совладаа само мал број луѓе. Токму затоа што живееме премногу забрзано, за многумина, мирот, тишината и неработењето се непријатни и речиси неприродни. Слободното време му дозволува на мозокот да се одмори од сортирање и поврзување информации со кои го затрупуваме цел ден, но и самиот мозок се противи на тоа.

Британскиот филозоф Бертранд Расел во 1932 година го напиша есејот „Пофалба на мрзеливоста“ каде објаснува дека работодавачите би постигнале многу повеќе ако ја скратат работната недела на 4 часа дневно. Расел смета дека работниците ќе бидат посреќни, а помалку нервозни, од што би профитирал работодавачот. Советите на Расел не се прифатени ни денес, еден век подоцна. Кога станува збор за слободното време, тоа секогаш е во спротивност со работната етика.

Меѓутоа, слободното време отсекогаш било привилегија на богатите. Тоа почнало да се цени кон крајот на 19 век, додуша, само во животите на тогашните мажи. Платите почнувале да растат, а работната недела постепено се намалувала од деветчасовно на осумчасовно работно време. Се воведуваат и годишни одмори и никнуваат куќи за одмор, со италијанското мото „Dolce far niente“ (слатка безработица). Неделата станува ден исклучиво за одмор и забава.

Ако ги изземеме неконвенционалните и ултрамодерни компании (особено оние од Силиконската долина) кои делумно се водени од идејата на Расел за односот на среќата и работата, дури и денес, на крајот од втората деценија на 21 век, култот на напорната и целодневна работа е мошне жив. Слободното време и мрзеливоста се изедначени.

Германскиот научен новинар Улрик Шнабел напиша книга за слободното време во која тврди дека на луѓето денес им е нужно да бидат во контакт со себеси. Тоа ни помага да воспоставиме внатрешен компас и нѐ насочува во кој правец да се движиме.

Според Шнабел, за слободното време најдобро можеме да учиме од децата. Додека си играат и се забавуваат, децата не ги забележуваат другите случувања околу себе, не размислуваат за целта или користа која можат да ја извлечат од тоа туку се забавуваат заради забава. Такво влијание врз нас имаат прошетките, престојот во природа, излежувањето, посматрањето на околината...

Но слободното време не е само одмор за телото и умот. Тоа е момент кога ќе дозволиме мислите да ни лутаат непречено, ѝ се препуштаме на имагинацијата и неоптовареното размислување. И токму во тој момент слободното време станува извор на креативност, иновација и среќа.

Американскиот бизнисмен Џек Велч, кој две децении беше на чело на гигантот Џенерел електрик усвоил навика секојдневно да гледа низ прозорецот по еден час, односно да не прави ништо. Тоа го користел како време за пронаоѓање инспирација, согледување на пошироката слика, задлабочување во мислите и, како што сметал, зачувување на здравјето.

Неговиот рецепт од крајот на 20 век, сега, како разумна мера на слободното време, го прифаќаат многу познати бизнисмени, писатели, уметници и мислители, откривајќи го и промовирајќи го како сопствена тајна на успехот. Во меѓувреме, и невронауките ја поддржаа оваа теорија објаснувајќи дека за продуктивна работа и успех најважни се одморањето и сонот кој вклучува и дневна дремка.

Во книгата „Науката и уметноста и безделничењето“ Ендру Стјуарт пишува дека хроничната ангажираност е штетна не само за мозокот, кардиоваскуларниот систем и здравјето воопшто туку и дека ги уништува креативноста, самодовербата, емоционалната благосостојба, друштвеноста. Брзото донесување одлуки нѐ доведува во ситуација мозокот да се спротивставува на какво било повнимателно промислување на постапките.

„Да не се работи ништо“, рече Оскар Вајлд, „е најтешката работа на светот, и најумна “.

Слики: Christine Wei

Извор. http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото