My curfew song (1)

01.04.2020 10:20
My curfew song (1)

Од сабајле ту се кљафтам и рикам од смеење, ту плачам, ама тек сеа ќе ви се раздробам пошо светнав неколку ракии „пајовачи” по телефонска препорука на Енглезот (инаку увек текстуалниве црева ги куцкам под дејство), отко му хипервентилирав и плачкав, ама и му признав дека неаме лексилиум или диајзепам кај мајка по дома (отко умре татко, кој ги џвакаше ко бонбончиња, кога под старос више не може да се самомедикаментира до ступор со сите други пороци со кои си ги медикаментираше „црните кучиња” со децении) и дека, не, не сум пропушила поново, нешо шо не му се веруеше ни на доктор ми специјалист за астма З.А, а све тоа е због нешо шо ни на муж, ни па на мајка и сестра, а не па на некој друг, не сум му го објаснила онака подетално, така што, осеќајте се привилеговани, значи се работи за мојот такореќи паничен страв од гушење.

Ко бев копиљ тинејџер тренирав пливање, немав некоја брзина, ал плуќа имав ко шифоњер, можев да изронам и по 50 метри под вода, а ко идевме на „наше море” со извидници ги тепав сите неупатени мушки, како у скокање од карпи високи колку онаа во Канео, така и у извлекување на алги од дното кое некад беше и на 6-7 метри дубина.

Требаше да идам на курс по ронење зедно со Енглезон у Јужна Африка за да ги откријам оваа поразителна паникица и мојот лимит у поморјанските уживања. Прво мислев дека можда ми е фуфки да се нурнам 15 метри под вода у океан пун со живаљ (укључујуќи и ајкулчиња) под пуна ратна спрема со тешка боца, ал после некако укапирав дека голем дел од проблемот е дишењето преку апаратус, а и сега никако не можам да дишам низ маска, благо хистеришем (пошо у свеукупно претходно искуство само држев воздух и не дишев под вода). Значи се избрукав пред цел ронилачки клас и морав ко метак да излетам од вода пред сите други (чак и со опасност од емболија) за да ми установат дека толку сум хипервентилирала шо сум си ја истрошила боцата со кислород многу пред предвиденото време.

Е, а после, кога мојата пушачка кариера кулминираше со 4 кутии дневно у времено ко се занимаав со избори и не пушев само ко спиев (никад не го претркав стариот кој еден пристоен човечки век истера со минимум 5 кутии) и коа на детево му паднав у несвес без воздух пред ноги, отко рикнав по скали со ќесите од Тинекс и со Бен на учкур, а утредента (по цела непроспана ноќ со гушење и шмркање испарење од врела вода и морска сол) ми дијагностицираа одвај 30% користење на истите оние некад шифоњерски бели дробови, отко прво една доктурка у пролаз ми ги искоментира резултатите со „ах, емфизема!” и мене желудникот ми падна на местото кај шо е бешика, пошо ми текна како од емфизема се угуши на смрт чика Ј.Ч. татко ѝ на другарка ми Ема Ч.

Нема везе, после неа улета у болничка соба доктор З.А. и ми рече „не се секирај, реверзибилно е” па ја под тоа маскулето со кислород се искезив, ал после ми ја флепи фино одмерената казна од Бога (у чие постоење цел живот никако не се уверив) „пневмонија имаш, ама и астма е”. И пред да знам шо ми е, мислам дека сум имала неколку епизоди, а и после, углавном симптомите ми се укажуваа ноќе, почнувајќи со епски и високо стресни соништа у кои на крај увек некој или нешто ме дави,у милионски Лагос у Нигерија на пример, кај шо сум си го изгубила детето у лудачката гужва,само за да се разбудам и да збивам уше едно 5 минути дур да се соземам и не ја дограбам стероидна пумпица.


И сеа некако си ја стегам љубавно у руче увек ко ќе ми дојдат пандемски мисли, кои се баш онака решени да му се намочаат на мојот успех да се издигнам над 70% плуќа после некоја годинка, па така, ако испаднам у тие фамозни 80 посто од пучанство што ќе му го спечалат herd immunity на човечанствово, или ќе опандркнам, шо понекад мислам дека е преферабилно, у пореѓење со тоа па да спаднам на инвалидни 40-50% и гушење, иако епизодата од сношти мислам дека се должи на „црните пци” кои и мене ме посетуваат, почнаа уше на 16 години, ал сериозен дел од животов посветив на нивно потиснуење и рационализирање, па затоа обично ноќе насоне ме посетуат, а синоќа ми дојдоа оти ми фали детево и ме заштреца мислата, а шо ако ја цркнам на некој болнички патос у Скопје без да го видам.

Јбг, не се дешава често, ал еве ко втор пут да ми се дешава да се осеќам врло ранљиво и немоќно баш коа и светов околу мене се дрмка. Првиот пут бев у болница у Белград коа рикаваше Југославија, исто март, за ем да се секирам за себе, но и да ги засведочам мартовските демонстрации, за кои онака генерално земено, сите други на кои сум била (вклучувајќи го и речиси милионскиот анти-Ирак-вор протест у Лондон 2003) се, с опроштењем, пичкин дим, со све sense of doom, водени топови и пуцњава, у која утепаа едно прелепо дете поет на 17 години, по име Бранивоје Милиновиќ, никад нема име да му заборавам.

Значи, одвоена сум од дете, Енглез и Бен кои се безбедно у Берово, бар засега, Бен чак и пркнат и вознесен, денес скакутал по некој безимен поток на Огражден со водопадчиња, у Скопје сум со мајкица, на која не ѝ се јавија од Онкологија за симулација за зрачење за утре и ние викендов меѓу другово го поминуеме у неинформирани оценки и проценки како да го примиме откачуењево и у планови да се информираме уш колку може да преживи без никаков третман, док она нејќе више да иде нигде за да не сме се заразеле ја и сестра.

А за да се вратам на поактуелни теми, се изначитав денес поплаки за потенцијалниот минималец и за тоа како ќе им го сјебе животов на постраданите, па да им се оправдам за отсуството на моја активна поддршка, иако и мене на сокак и у политика ме извади такво едно скидање на 40% од приходи, ама тоа беше ауторитарен курташак, а не изванредно стање, а и онака ја од плата не живеам него од хонорари кои се плаќаат само по сработено, а осеќам дека ускоро могуќностите за сработено ќе ми секнат, а исто онака више со недели иам 500 денари у банка со куп неплатени сметки, и некоја ситна кешарица шо Пичот ми ја исплати ко аванс од сопствен џеб у име на неговата културна институција која зависи од непромптното министарство, а Енглезон у Берово го крцка својот дозволен минус.

Па така се поуздаваме у ширефамилијарната солидарност, односно у мајкицина уштеѓевина за црни дани, на која више ѝ објаснив дека тие денови, ете, дојдоа, за неа сигурно, а можда и ја нема да видам ништо поружно од ова, уше не се знае.

Значи, уше еднаш се извинуам за мањак на општествена ангажираност, мозоков ми е све некако преокупиран со респиратори, односно со тој еден, мојот.

(продолжува)


Слики: ZANDER BICE

Massive Attack, Tricky & 3D - Take It There

 

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото