Три бои Фиќо (мала трилогија)

22.04.2020 10:34
Три бои Фиќо (мала трилогија)

Пролог

Многу години пред еден од моите омилени режисери, чичко Кшиштов Кјешловски, да ја сними култната, аманетна филмска трилогија „Три бои“, моите детство, момчештво и младост беа асолно обоени со три за мене култни возила, три фиќа во три различни бои. Еве ја, ептен накусо, мојата „фиќо тробојка“:

1. Портокалово (детство)

Портокаловото фиќо го купи татко ми од Крагуевац, кога имав пет-шест години, цирка. Еден ден се качи на воз со врзоп заштедени марки во предниот лев џеб, а вечерта ни засвири да излеземе на балкон за да го видиме нашиот нов семеен автомобил со карирани навлаки за седишта. Веднаш му монтираше радио, кое го слушавме на најгласно за да го надгласи бучниот мотор.

Тато барал бело фиќо, ама му рекле дека на лагер во фабриката имаат само три „наранџасте, друже“, па нека си бира, по можност исправно возило. Купувањето фиќо и онака беше „мачка у вреќа”, ама татко ми ептен го беше потрефил: портокаловото фиќо, можеби поради џиш енергичната каросерија, како да беше на ракетен погон.
Леташе побрзо и од далеку поголеми, посериозни и поробусни машини, чии возачи редовно ги фрустрираше.

1.1.

Еднаш сред зимскиот распуст, по хронично полузачистената од снег магистрала, брзавме од Охрид да се вратиме дома за да гледаме филм со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон. Дома стигнавме точно на најавната шпица, а татко ми „претица“ точно 173 коли по пат, меѓу кои и пет-шест мерцедеси. Велам точно, оти мајка ми ги броеше, додека со десната нога од совозачкото седиште притискаше на некоја замислена невидлива кочница...

1.2

Портокаловото фиќо најмногу влегуваше во свој елемент кога одевме на летен одмор. Татко ми ги вадеше задните седишта и обично со сестра ми спиевме врз шаторот, фротирките и вреќите за спиење. Бидејќи, нормално, немаше клима уред, редовно патувавме ноќе, „преко брда и планине“.
Но тоа беа волшебни патувања: заспиваш на третата кривина, а се будиш на „Наше море“, сред портокалово изгрејсонце...

1.3.

Неколку дена пред фамозните одмори на море, тато редовно му правеше ремонт на моторот. Разглобено, раскостено на милион делови, фиќото во гаражата личеше на џиновски лупен портокал.

По ремонтите, на тато редовно му остануваа до фиќото по десетина шрафови и ситни делчиња „вишок“, ама, ко за чудо, портокаловото фиќо, подновено, олеснето и светнато, потоа возеше уште побрзо.

1.4

Еднаш ремонтот го направи ептен брзо, побрзо од вообичаено, па тргнавме за Макарска нешто порано од планираното. Летното портокалово зајдисонце го гледавме додека фиќото шишаше по кањонот на Морача.

Стигнавме скоро пола ден пред закажаниот полупансион. Околу полноќ моравме да бараме сместување за една ноќ.
Кога станавме, портокаловото фиќо, паркирано на кејот, се претопуваше со боите на изгрејсонцето.

1.5

Кога бев дете, ретко плачев.

Кога загина Бошко Буха, кога ми умре првиот дедо. Кога го загубив првиот чадор и кога еден зелен спачек ми ја нагази првата вистинска, кожена, фудбалска топка. А и дента кога дознав дека го продале портокаловото фиќо.

2. Модросино (момчештво)

Синото фиќо беше на баба ми.
За разлика од 850-ката на татко ми, синото фиќо на баба ми беше од 750 кубици и од прв ден бучеше како да е спортско чудовиште на трки на Водно. Од километар се наслушнуваше дека баба ми се враќа од пазар со натовареното „фркуле“, како што го нарекуваше една нејзина поранешна колешка.

2.1

Баба одлично си го чуваше своето фиќо, за кое знаеше да каже дека е нејзина „слободица“. На задното седиште редовно имаше тазе опрано, миризливо жолто волнено ќебе.
Кога некогаш ја затворав со момчешко „лупање“ совозачката врата, знаеше низ смеа да ми каже: Еј полека, не е општинско!

Толку добро го чуваше своето сино фиќо што дури и ја надживеа. Го возеше речиси до последниот ден од животот т.е. до 82 години.

2.2.

Баба ми беше пензионирана гимназиска професорка, па кога униформирано лице облечено во светлосино ја застануваше за да ја провери (истечената) дозвола, таа знаеше да помисли дека сигурно ја застанал некој поранешен ученик, оти без исклучок ù гледаа низ прсти и љубезно ја пуштаа да си тера работа.

2.3

Кога сме кај гледање низ прсти, баба ми мене ми гледаше низ прсти за еден тон работи, а секако и во врска со модросиното фиќо.

Баш на него се учев да возам, а добро научив и како е да се учукаш и со предниот (и со задниот браник), а и со (левото и десното крило)...
Ама кога и да ѝ кажев на баба ми за новата мала хаварија, ми викаше:
Жив и здрав да си, другото ќе се поправи...

2.4

Еден ден баба ми имаше сообраќајќа. Ја возела сестра ми, која барала да седи напред, ама за луда среќа баба ми инсистирала да си седи мадро на задните седишта, прекриени со жолто ќебе.
Кога баба ми возела по големата кривина на скопското Кале, од спротивна страна директно ја удрил некој пијан пупмаџија. Совозачкиот дел од синото фиќото, каде што за среќа не седела сестра ми, исчезна. За среќа, и баба ми и сестра ми беа океј. Пумпаџијата имал врски кај униформираните лица во сино, па за малку ќе ја обвинеа баба ми за сообраќајката.

2.5

Уште пред официјално да земам часови по возење, модросиното фиќо го подвозував на паркингот на МСУ, прво под надзор а после и сам. Вртев крукчиња сè додека небото над Скопје не станеше модросино.
И дур стрелката за бензин не го допреше дното.

3. Бело (младост)

И белото фиќо исто така беше легенда за која се раскажува. За него до ден-денес кружат луди анегдоти, особено за периодот пред јас да го завозам.
Го наследив од тетка ми, откако возејќи едно црвено југо претходно имав блиска средба со едно стебло.

3.1

Белото фиќо веќе имаше асолна километража, а јас дополнително му ја извадив маста. Ама имаше и слаба точка.

Секој што возел фиќо, макар и две-три недели, знае која е Ахиловата пета на секое второ фиќо. Кога би се поставувало прашање на квиз секој од пушка би рекол: спојка!

3.2

Па така, белото фиќо, како магаренце на кое не му се оди веќе по угорнина, знаеше да ми откаже љубов, особено во зоната на спојките, во огромен број прилики, а специјалност му беа љубовните состаноци и викендите.

Затоа, еден од главните реквизити без кои не се влегуваше во белото фиќо, претпоставувам дека нагаѓате беа: батериска ламба, резервни спојки и секако сајла за влечење.

3.3

И покрај тоа што имаше хронична (спојувачка) слабост, со белото фиќо патував на прилично високи дестинации: Шапка, Галичник, Скопска Црна Гора...
Тие раномладешки години, посебна слабост ми беше Китка. Како да си го познаваше теренот, белото фиќо на патот до (Горно или Долно) Количане, Црвена вода, Преслап возеше беспрекорно.

Се пробиваше без гајле дури и во длабок снег и мраз. Покрај заглавени џипови, на кои им ставаа ланци за да го продолжат искачувањето.

Дури денес сфаќам колку сум ризикувал.

3.4

Еднаш со белото фиќо бев на една луда журка на која имаше многу, многу пијачки, многу, многу гласна музика, многу, многу луѓе (пола од нив „падобранци“) и многу, многу чад од цигари. Магла внатре, магла надвор.

Журката траеше многу, многу долго. До зори. Беше некаде во Ново Лисиче, два-три дена пред Нова Година. Во Скопје со недели не се креваше маглата, а плус имаше и многу снег. Дали од маглата, дали од снегот, дали од пијачките, по журката со часови го барав белото фиќо затрупано во снегот.

Кога конечно го најдов, беше со замаглени стакла однатре.
Прво помислив дека е некое друго фиќо, но ја проверив регистрацијата. Беше обиено. Совозачката врата лесно му се отвораше. Некои од журката си го беа одбрале за љубовно гнездо во зимската идила. Се вратив на журката, која веќе беше во завршна фаза и се пиеше кафе за трезнење.

По полсаат се симнав во фиќото, кое овојпат беше празно и ме довлечка до полпат до дома.
Пак некоја од спојките!

3.5

Воопшто не се сеќавам како заврши приказната со белото фиќо, ама сè ми се чини дека купопродажбата се случуваше во зимски услови. Во бело.

И покрај својата слаба точка, со својата магерешка жилавост, можеби и ден-денес се тркала по скопските улици.

Епилог

Пред некој ден на телевизија случајно налетав на еден ептен ретро спот од Јонче Христовски, снимен на крстосницата кај Судска палата. Еден од снимателите на спотот е голем фан на Кјешловски.

Додека чичко Јонче во екстаза пее, мавта со рацете и крши чаши, во текот на само три минути и 32 секунди, колку што трае спотот, зад него поминуваат дваесетина фиќа. Можеби и повеќе. Ако не ве мрзи, пребројте ги!

Денес на истата раскрсница можат да се видат колони далеку полуксузни и поволуменозни возила од трите фиќа за кои ви зборував пред малку. За некоја деценија веројатно и тие ќе бидат нешто „ретро“.

Ама на луѓето кои се возат баш сега во нив, особено на децата, тогаш ќе им бидат еден вид временски машини. Како што трите фиќа и ден-денес ме возат по булеварите, улиците и сокаците од детството, момчештвото и младоста.

Фотографиите се од изложбата „Под земја полесно се дише“ (28.12.19.)

Извор: Културен центар 750 

 

ОкоБоли главаВицФото