Дрвени песни (3)

26.07.2017 10:07
Дрвени песни (3)

ПОДНОВУВАЊЕ

 

Почнав да се плашам од некои зборови.
Меѓу нив е зборот „реновирање“, подновување.
Кога ќе кажат дека се планира подновување на некој објект, веќе е сигурно дека ни родена мајка (а ни архитектот што го проектирал) нема да го препознае.
Еве и на оваа улица ѝ се намерачиле да ја „подноват“.
Гледам двајца работници со моторна пила и апарат за заварување, па си викам ај да ги прашам што наумиле.

Сечат дрвце в цут.
Прашувам зошто? За да
садат нов билборд.

 

СТЕБЛО БЕЗ ЦУТ

Ноќите кога цутат овошките на девојките не им е потребна шминка – нивните очи и усни сјајат како полни месечини. Ноќите кога цутат овошките, додека спиеш сонуваш дека си пропуштил нешто битно. Ноќите кога цутат овошките, ѕвездите можат да им се најдат на стеблата што се сѐ уште во зимски сон.

Цреша неротка.
Ѕвезди меѓу гранките.
Место цутови.

 

ЦРЕША

 

Кога цутат багремите, а потем сливите и кајсиите, вишните и црешовите дрвца, градот се разубавува како соба во која е поставена елка со најраскошни лампиони. Тие денови и недели на цутење дури и најмрачите сокачиња побелуваат, пожолтуваат или поруменуваат од новите латици.
Во утрата кога цутат овошките пензионерите ги вадат платнените столови за на плажа и ги поставуваат по тремовите и по балконите. Тие утра седат спокојни без да ги читаат дневните весници. Децата во своите мешиња напладне чувствуваат леснина и радост како кога летаат на лулашки.
Но баш напролет најмногу се забележува колку брзо се менува градот. Секоја пролет сè повеќе се гледа бавното (но сигурно) исчезнување на предните и задните дворови, на бавчите и овошните дрвца. На местата каде што порано имало барака со раскошен двор сега има најмалку три куќи и две згради.
И мојот дом сега се наоѓа во дворот на куќата на баба ми и дедо ми. Спалната соба е токму на местото каде што порано имаше џиновско црешово дрво: најголемо во маалото, населбата, а можеби во целиот град или во целиот свет. Кога ќе се отвореа белите латици црешата личеше на пена од џиновски бран, на смрзната слика од огномет, на плански врв завеан во снег...
Понекогаш на гранките од црешата истовремено се качуваа и по петнаесет деца од маалото, полнејќи ги мешињата и кесињата со бели цреши големи колку кајсии, а слатки ко презрели смокви. Пред некоја година ја изедовме и последната тегла слатко од нејзините плодови. Гледајќи ги црешите во цут или белите цреши на тезгите од зелените пазари, секој мај ми навира лавина слики од миговите поминати на нејзините гранки.

Секој мај си се
качувам по црешата
од спомените.

 

ВИШНА

 

Пред дваесет години, заедно со двете баби, во задниот двор садевме вишна. Сценариото беше едноставно: едната баба ја донесе вишновата садница, другата баба одбра локација, јас ја ископав дупката, сите заедно ја полевавме со вода, а епилогот беше видлив: со малку труд добивме „вишнова градина“. Арно ама, една лута зима во комбинација со лути паразити од раскошната вишна направија греотичка дрвце, кое мораше да се исече. Мајка ми не можеше да ја прежали старата вишна, па побара да посадиме нова. Арно ама, желбата ја изрази во период кога не се садат дрвца, па затоа поминаа неколку години до садењето. Ене го татко ми со лопата во десната и со садница во левата рака.

Татко ми сади
вишна. Ми мириса на
идните штрудли.

 

СЕМЕЈНО СТЕБЛО

 

Татко ми доби мејл од некој роднина кој живее од другата страна на океанот. Работел во НАСА, а во слободното време со години работел и на нашето семејно стебло. Сега му биле неопходни податоците што татко ми ги има во еден избеледен бележник во кој се препознава ракописот на дедо ми.

Познати имиња
на непознати претци -
семејно стебло.

Татко ми му ги прати сите расположливи информации и со тоа мислевме дека приказната е завршена. Но по неколку месеци стигна нов мејл: настојчивиот братучед на татко ми од сто страни собрал куп податоци за поколенијата од последните три века.
Од податоците направил мала „енциклопедија“ со дијаграми и табели во десет бои. Во табелите некои имиња се повторуваат, а има и посебна графа за „занимања“. Ги пишува занаетите и професиите само на машките предци. Како да се подразбира дека во тие времиња сите жени биле „домаќинки“.
Бидејќи дознал дека со жена ми чекаме дете, го замолил татко ми да му јави за убавата вест и за името на новороденчето.

*

Жешка мајска ноќ.
Во предниот двор се шири мирис на расцутена дива слива, а во задниот светат венчињата од дуњата.
Во три по полноќ ѕвони телефонот.
Го препознавам гласот на докторот, кој вика ај честито!

Топла мајска ноќ.
Се отвори пупка на
две семејни стебла!

Скулптури на сликите: Сузана Бауер

ОкоБоли главаВицФото