Дрвени песни (1)

22.07.2017 13:58
Дрвени песни (1)

САДНИЦИ

На Маргарет Атвуд

Песните не се дрвја туку садници:
растат само кога некој копа
дупка во себе. Во Паркот

на поезијата во Струга дрвјата шумат
нечујно како песни во книга што
чека ред до кревет. Кога поет

става садница во тазе ископана дупка,
не може да знае ќе овене ли бргу
или ќе се разграни до облаците.

Ќе пеплоса ли или ќе прави раскошна сенка.
Ќе се ничкоса со првиот ветар или ќе го
надживее оној што ја насадил.

ШУМСКИ БЛУЗ

 

Кај што беа тополите сега
копаат јаглен. Нема ни 
трага од нашиот багрем.

Ридот со брези станал
каменолом. Дабовите со камион
ги преселиле во нечиј дом.

Кај што видовме срни
сега вијат ко волци моторни
пили, гладни, стрвни.

Кај што насон буки шумат
сега стои знак со натпис
„Тука имаше шума“.

ДРВЕН БЛУЗ

 

Кога може дрвена кукла
да стане дете, ореово
стебло – иконостас,

кога може топола да се
претвори во топови хартија
што ќе трпат недоделкани мисли,

кога може легло да се насади
врз пенушки или стебло да
се накалеми на туѓ корен,

тогаш зошто да не може
двајца вљубени да се преобразат
во дрво прегрнато со бршлен?

 

ПЕСНА ОД ДРВО

 

– Како прво, качи се на дрво,
второ, во крошната играј оро,
трето, јади цреши цело лето! –

некој од гранки саноќ така шепка,
а гласот ситен внатре ме грепка.
Дали е црвец, везден што глода,

русалка вита од древна рода,
или реклама од звучник скриен?
Нит’ е русалка, нит’ црв е свиен,

Нит’ реклама е нон-стоп што вие.
Гласот на баба е што внатре рие,
кога в ноќ летна не ми се спие.

 

Е
ЛКА

(Интервенција
во време и простор)

 


Го
допре

го надвиши
покривот на светот

 


Го
накити

го дослади
на пчелите медот

 


Го
запре

го прекина
на време летот

 

 

ГИНКО

(Преодни форми) 


Во семче од гинко           гасеница преде
Потајум го чека       своето време

Во крошна   од гинко
пеперутка шушна

Ко лист од
гинко
ќе

ле
та

ти
вко

Слики: Алисон Морицугу

ОкоБоли главаВицФото