Најдобрите 11 автор(к)и на Третиот Панграм конкурс

24.04.2020 17:49
Најдобрите 11 автори на Третиот Панграм конкурс

На третиот Панграм конкурс учествуваа најмногу автори досега: 36. На првиот конкурс учествуваа 32 автори, а на вториот 22.

Најдобриот панграм оваа година, според редакцијата на Окно, го направи Васил Карев:

Во филџан чај, љубопитна ноќ. Со ѕвезди гушкање, ѓердан нижам. Халуцинации. (60)

Панграмот на Карев е меѓу најкратките (60 букви), лиричен е, медитативен, авторефлексивен (нижењето ѓердан потсеќа на нижење панграм)... Почнува можеби како хаику, а завршува со изненадување, можеби како краток расказ. Пленат и сликата и ритамот и структурата...

Издвоивме уште десет автори кои ќе добијат награди - книги од издавачката куќа Темплум. Првиот ќе добие книги во вредност од 3000 денари, а другите 10 автори книги во вредност од по 1000 денари.

Издвоивме и тројца автори кои имаа најдобри серии панграми.

На сите наградени им честитаме!

На сите учесници на конкурсот - им благодариме.

Ве покануваме, сите заедно, да учествувате и на следните конкурси за панграм.


ДЕСЕТТЕ НАЈДОБРО ОЦЕНЕТИ:

Новица Наков

Желката Љуба музицира на харфа читајќи го Његош, а песот Ѓоше се џари во ѕвезди. (64)

Овој панграм му беше главен конкурент на победничкиот. Ова е цела мала сликовница од 64 букви. Два одлична лика: желката Љуба (научница & уметница) и песот Ѓоше (фантазер & клошар). Одличен контраст, ем нежен, детски, ем драматичен. 

 

Томислав Лазаревски

Жални звуци. В ќош, меѓу ѕид и џбуње, мачор си мљацка глувче напатено. Ќејф? Хир? Глад! (63)

Одлична приказна, јасна и прегледна. Посебна пофалба за паметното користење на интерпункциските знаци.

 

Виктор Закар

Фитиљ корона запали. На јаден џган чоечки му одѕвони. Жеже, цех ќе платиш. Тињо буѓосана. (70)

Најдобриот панграм на темата со која сите сме тотално преокупирани: коронавирусот - „тињата буѓосана“. А можеби е тиња „џганот чоечки“?!

 

Елена Накова

Љубе ѕемне гол на цибрина, празната плоска ја фаќа; држ' се храбро, доаѓа џиш дуњовача. (69)

И овој духовит панграм може да се чита во коронска атмосфера. Дуњовачата доаѓа ко спас.

 

Бојан Лазаревски

Лумпенот ѕвечка меѓу Сцила и Харибда! Зуење на фитиљ. Ноќна Аждаја вџашено го бдее. (67)

Бојан Лазаревски беше победник на вториот панграм конкурс. Ова е најснажниот политички и критички панграм на конкурсов. Навикнати сме Бојан да праќа исклучителни дела.

 

Милена Стојановска

Хумореска е животчево: џабе лутење, љубен; поган јазик - фишек ќорци, а не ѓердан ѕвезди. (69)

Минијатура-хумореска - љубовниов панграм. Партнерката филозофски мирно, прецизно и духовито, му се обраќа на партнерот?

 

Маја Спасовска

Лепчиња, џин, рок музика. Ѕвони домофон. Туѓиот глас жалејќи: Те љубам. Јас: Ах, доцниш! (66)

Како мала возбудлива драмска сцена (сосе дидискалии!) е панграмов. Којзнае каква драма допрва следи!

 

Марија Трпковска

Фељтон: Ѕвездочел маж (Јешуа-Ха Ноцри) в ноќ го уби ѓаволот Пилат со манџа од њоки. (62)

Духовита бајка. Можеби зборот „ѕвездочел“ го нема во речник, но е одлична поетска, книжевна измислица. Веројатно заради тој збор панграмов е меѓу наградените.

 

Азра Муриќ

Љубов дење и ноќе, жар од очите цветни, ѕвечки низ глава... „Фин дух“, велиш? Не. Маѓепсан аџија. (70)

Уште еден хуморно-љубовен панграм со мистериозна атмосфера.

 

Бранко Прља

Прља, тој мал гад на коњ чука со цел ѓон по ќош на жаба! Ѕвек од харфа и џез. (56)

Прља ни ги испрати најкратките панграми. Оваа џез минијатура (на харфа:) заслужува издвојување и заради авторефлексивноста, кон себе насочениот критички хумор.

 

 

ТРИТЕ АВТОРИ СО НАЈДОБРИТЕ СЕРИИ ПАНГРАМИ:

Васил Карев

Во филџан чај, љубопитна ноќ. Со ѕвезди гушкање, ѓердан нижам. Халуцинации. (60)

Ах, љубов. Чиниш паѓање в бездна што се ѕвери. Џабе ќе е цела грижа, не туфкај се, мил. (64)

В чаршија, по кафе и лахмаџун. Ѕиркам луѓе, со љубов даруваат заграб свежи цвеќиња. (66)

Очи џамлии. Веѓи пајажина. Тело бреза висока, ќеф за галење. Душа храм од љубов цел ѕидан. (70)

Пијаница вежба гаѓање со чатал. На фризер дуќан џам ѕвекна, скрши. Беља. Хаос. (61)

 

Томислав Лазаревски

Жални звуци. В ќош, меѓу ѕид и џбуње, мачор си мљацка глувче напатено. Ќејф? Хир? Глад! (63)

Мега сцена: човек и жена. Ноќ, ѕвезди, џез, флерт, љубов... Па очај, паѓање, лош крај. Без утеха. (68)

Ѕверка љута ноќум хара. За крв жедна њуши плен. Го дофати, канџа севна. паѓа, цвичи, Али беј. (70)

Ноќна доба. Глушец цвили, џавка пес. С’ска змија. љут ѕвер ’ржи. Фрчат коњи... Ѓоа хор. (64)

Беља. Дење, ноќе вирус харпија напаѓа. Циничен клет ѕвер, без грижа, на смрт шеф е. Џенем бе! (70)

 

Бранко Прља

Прља, тој мал гад на коњ чука со цел ѓон по ќош на жаба! Ѕвек од харфа и џез. (56)

„Г-ѓа Љ. ќејф ми прави“, батка чул низ ѕид и зел нож - курцшлус! Њу Делхи - џаде! (58)

Луѓе, ќор градежник пушач ѕида со љубов и фат, за цех јаде џем од диња. (54)

Њутн игра шах на ѕид ил' ѓоа џам, а еж со ќејф љуби црв кај пазарче. (51)

ОкоБоли главаВицФото