Прадо и неговите инстаграм фанови

07.05.2020 10:03
Прадо и неговите инстаграм фанови

Маноло Осуна нема формално образование за уметност, но поминал многу години обиколувајќи ги галериите на музејот „Прадо“ во Мадрид, како чувар и шеф на службата што во музејот ги обезбедува големите мајстори како Веласкез и Гоја.

Но и со тоа скромно предзнаење, 56-годишниот Осуна, од својата невидлива улога, одеднаш стана уметнички критичар благодарение на серија снимки на Инстаграм, која стана голем хит. Снимките се направени со мобилен телефон, со помош на селфи стик, привлекуваат стотици илјади прегледи дневно. Гледачите се воодушевени од бавната прошетка низ Националниот музеј на Шпанија.

Иако е затворен поради пандемијата, „Прадо“ објавува снимки што се направени пред земјата да се затвори заради коронавирусот. Во тие снимки се појавуваат експерти, но и чуварите на галериите, луѓето што ги реставрираат сликите на Гоја или ги анализираат средновековните пигменти во лабораторијата на музејот. Човекот кој е одговорен за Инстаграм профилот на музејот „Прадо“ е Хавиер Саинц де лос Терерос. Тој никогаш не се појавува пред камерата, но со својот пријатен глас ги води гледачите низ галериите.

Сè почнало во 2019 година, кога Терерос ги направил првите снимки на делата изложени во музејот, но без никаков коментар. Секоја снимка се поставувала на Инстаграм и траела само 24 часа. Но гледачите барале повеќе, па тој изработил и подолги и подетални клипови, кои и сега може да се погледнат. На снимките најчесто може да се видат вработените во музејот, кои ги извршуваат своите работи. Една од нив е Елиза Мора, реставраторка, која веќе 37 години работи во музејот. Во 2000- та година почнала да работи на сликата од Гоја, „Грофица од Чинчона“, која тогаш ја купил музејот. Додека стои покрај портретот во натрупаното ателје, таа ги покажува старите нацрти за поправка на опачината на сликата и ја објаснува ренденгската сника која открила дека Гоја прво нацртал лице на маж, а потоа го покрил со сребреникави набори на женски фустан. Колку месеци ќе бидат потребни за реставрација? Седум месеци но можеби и повеќе, вели таа.

Повеќе од 100.000 луѓе ја виделе таа снимака на Инстаграм и уште 260.000 на Фејсбук. Во коментарите многумина беа воодушевени од таа брза лекција за процесот на реставрација. Најголем дел од снимките се на шпански јазик, но музејот работи на тоа да ги преведе на англиски. Музеите во Малага и Венеција од колегите во „Прадо“ веќе побараа совети како да направат свои стории на социјалните мрежи.

Осуна, кој се појавува во неколку од овие снимки е задоволен од позитивните реакции на публиката во Мексико и Јужна Америка. Тој не бил ни свесен дека најмалку 50.000 луѓе го гледале како ја претставува својата омилена слика – портретот на Џузепе де Рибера, која прв пат ја видел пред 15 години, кога се вработил во музејот. Филозофот кој е прикажан на портретот го нарекува „кампањеро“ – другар и вели дека чувствува особена поврзаност со насмеаниот човек на сликата заради неговите раце.

Извор: The New York Times