Мачорот Естета

14.05.2020 13:24
Мачорот Естета

 Мачорот Eстета

Ако видите
покрај река
мачор
како шета,
тоа е мачорот
Естета.
Го видов есен рана,
покрај река
ловеше храна.
Риба, се разбира.
И, имаше среќа
фати крап,
мајко мила,
крап од
две кила,
и кога требаше
мустаќ да слади,
крап да јади,
се загледа тој
во него и си рече:
„Каква убавина
каква линија?!
Ова нешто
не е за во чинија.“
Без многу да чека
го врати крапот в река.
Остана гладен, штета,
чудниот мачор,
мачорот Естета.
И затоа, ви велам,
ако видите мачор
како замислен
покрај река шета,
гладен а среќен,
тоа е тој – мачорот Естета.


Бара

Една жаба крекна – кре.
Другата дофрли – кре.
Третата викна – кре!
И се разбраа сѐ.
Без никакви грешки,
На јазикот жабешки.



Еден був рече „Уф“

– Уф – рече
еден був.
– Се раздени
и оваа среда,
и ете, пак ништо
не се гледа.
Одвај чекам
да падне мрак,
да си гледам пак.



Велигден

– Чук! Чук!
– Кој чука?
– Јајце шарено,
шарено
ем варено.
– Ајде да се
кршиме
велигденски,
смело
Дане сака
да лапка,
јајце цело.
Однадвор шарено,
внатре жолто-бело.

Илустрации: Наташа Костовска

Извор: Чудна шума

 

ОкоБоли главаВицФото