Катастрофата кај Седумте камења

15.05.2020 00:41
Катастрофата кај Седумте камења

На морскиот гребен познат како Седум камења се случи катастрофа која влезе во историјата на борбата за заштита на животната средина. Молчаливите одгледувачи на цвеќиња од островот Сили, во Келтското море, исто како и риболовците и сите други жители кои се поврзани со морето кај областа Корнвол, грофовиите на југозападот од Англија, кога се во тмурно расположение, а ледениот влажен ветар дува од Ла Манш, раскажуваат дека тука, над морето, се слушаат црковни ѕвона.

Според легендата за кралот Артур, Седумте камења наводно биле богата земја со 140 цркви која била поплавена во еден бизарен заплет со волшебникот Мерлин. Во 20 век, околното море редовно редовно го посетува мала флота француски рибарски бродчиња кои тука ловат краби и јастози.

Меѓутоа, неколку километри долгиот каменест гребен, оддалечен околу 10 километри од архипелагот Сили и околу 25 километри од последната точка на англиското копно, се појавува од водата на половина плима и како непријатна пречка на важниот морски пат, претставува смртна опасност за поморците. На овој гребен се забележани повеќе од 200 бродоломи, од кои дури 71 процент се именувани, а бидејќи на гребенот е невозможно да се изгради светилник, од 19 век во близина на Седумте камења постојано е закотвен и еден брод-светилник.

Супертанкерот СС Тори Кењон долг 300 метри, со газер од цели 20 метри, кој во пристаништето Ел Хамади во Кувајт бил наполнет со 110 000 тони чиста нафта, во зората на 18 март 1967 година поминувше покрај гребенот Седум камења пловејќи по Гибралтар и Канарските острови на север, кон Велс.

Танкерот Тори Кењон

Околу осум часот наутро супертанкерот е поставен на автопилот, а ненаспаниот капетан и кормиларот се подготвуваат за појадок, додека пониско рангираниот офицер на мостот забележува рибарски брод на курсот на супертанкерот. Капетанот размислува за штетата која би можел да им ја нанесе на рибарските мрежи и наредува промена на курсот. Меѓутоа, бродот е на автопилот и со тоа свртување доаѓа до грешка во пресметувањето на насоката на движење.

Бидејќи појадокот доцни, во 8 и 40 часот капетанот и кормиларот ги прегледуваат таканаречените ЛОРАН податоци и одеднаш откриваат грешка во положбата на бродот. Брзо пресметуваат нов курс, за да сфатат дека се наоѓаат на само 3 километри од лошиот гребен, како и дека при брзина од 17 чворови можат да направат многу малку. Кормиларот ја презема навигацијата, капетанот наредува промена на курсот на 340 степени и повторно го вклучува автопилотот за да ги слуша кликовите.

Меѓутоа, предоцна е - супертанкерот удира во подводниот гребен. Пробиени се шест резервоари и нафтата од насуканиот брод се излева во морето. На супертанкерот има тревога, а на мостот ѕвони телефонот. „Вашиот појадок е подготвен“, готвачот го известува капетанот.

Бродоломот на супертанкерот Тори Кењон ќе се претвори во една од најголемите еколошки катастрофи на сите времиња. Од бродот ќе се излее чудовишна нафтена дамка која ќе ги загрози југозападниот брег на Англија и северот од Франција. Се проценува дека кај Седумте камења во морето се излеани околу 164 милиони литри нафта која, бидејќи е полесна од водата, стигна до брегот седум дена после бродоломот - директно беа загадени околу 80 километри од крајбрежјето во Нормандија и околу 190 километри во Корнвел.

Се смета дека во инцидентот настрадале околу 15 00 морски птици и неутврдено многу мали морски суштества, планктони и риби. Медиумите целата пролет 1967 година ја следеа операцијата за спасување која, со низа погрешни одлуки, несоодветни технолошки решенија и дилетантски идеи се претвори во тотално фијаско.

Акцијата за спасување на супертанкерот тргна наопаку, еден холандски морнар од спасувачкиот тим загина, а како погрешна се покажа и одлуката кон 700 километри квадратни големата нафтена дамка да се испратат 42 бродови кои ја испрскаа со 10 000 тони детергент. Неправилната процедура и несоодветната хемикалија ја изјаловија акцијата, а поголем дел од живиот свет настрада токму од детергентот.

Британскиот премиер, лабуристот Харолд Вилсон, донесе контроверзна одлука да го бомбардира супертанкерот за да ја намали штетата, но доживеа понижувачки пораз - Кралското воздухопловство (РАФ) од базата на југот од Англија во воздух испрати бомбардери кои ги гаѓаа СС Тори Кењон и нафтената дамка со 42 бомби од половина тон во исчекување дека нафтата ќе изгори во експлозиите, но иронично, поголемиот дел од проектилите ја промашија оваа стационарна мета, а плимата ги изгасна пожарите.

Освен што РАФ се посрамоти и стана предмет на подбив во британскиот печат, владата на Велика Британија се најде во неволја зашто, иако нафтата беше сопственост на Бритиш Петролеум, сопственик на бродот е американска компанија регистрирана во Либерија која не е задоволна што нивниот брод беше бомбардиран. Случајот предизвика меѓународна криза.

Дејвид Белами

Меѓутоа, и покрај сите неволји, додека во целата збрка луѓето бараа објаснувања, на телевизиската публика ѝ се претстави едно ново лице - харизматичниот 34 предавач од Универзитетот во Дарам, Дејвид Белами, ботаничар кој набрзо стана заштитно ТВ лице на сите поважни емисии за природата.

Новиот јунак со тркалезно лице и препознатлива брада, природник со кој ќе растат генерации, Дејвид Белами (1933-2019) исплива како експерт за живиот свет кој се појави во вестите за бродоломот, за во текот на 1967 година постојано да биде повикуван да зборува во телевизиските емисии за нафтената дамка.

Заедно со четири други соработници, Белами во декември 1967 година во престижното списание „Nature“ објави научен труд за последиците од излевањето на нафтата и детергентот кај Седумте камења. Но, она што навистина го прослави беа ТВ настапите.

„Беше неопходно да се пронајде некој научен идиот што ќе го доведат да вреви за инцидентот од својата кула од слонова коска. И тоа бев јас. Ме интервјуираа два канали и тоа ме создаде“, рече Белами за своите почетоци во интервју за Би Би Си.

Неговиот непосреден, впечатлив стил на говор, моќната гестикулација и јасните, разбирливи објаснувања како нафтата влијае на живиот свет направија - за време на кризата која ја освести Британија за животната средина - публиката искрено да го засака. Следен со контроверзи во староста, Белами зад себе остави 400 емисии за природата и 45 книги. Почина во декември минатата година.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија
Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото