Заштита на климата, за инает на Трамп

21.11.2016 11:19
Заштита на климата, за инает на Трамп

Најпосле, во сеќавање ќе остане една фотографија на која заеднички и пркосно позираат претседатели на држави и влади, научници, економисти, менаџери и заштитници на климата. Пораката на фотографијата: „Веќе не можеш да нè запреш зашто уште одамна сме на патот кон иднината без фосилни горива.“ Се разбира, пораката му е упатена на идниот претседател на САД, Доналд Трамп кој климатските промени ги смета за измама на Кина и, како што милува да каже, „еколошката мафија“.

Кога сме веќе кај Кина, најголемиот загадувач: долга низа години Кинезите важеа за блокирачи на секоја климатска средба на врвот и беа подготвени на отстапки само ако и класниот непријател во Вашингтон се сложи со тоа. На климатските самити се водеше геостратешка политика. Тие времиња се зад нас. Пекинг, како и Индија, Бразил, Јужна Африка и повеќето европски земји, сфати дека заштитата на климата е во нивен интерес. За таквата промена на мислењето придонесоа падот на цената на обновливите извори на енергија како и засилениот интерес на вложувачите. Но, и фактот дека последиците од климатските промени веќе не можат да се кријат ни пред сопствениот народ. И, најпосле, сознанието дека е поевтино сега да се преземе нешто против јаглерод диоксидот, отколку подоцна да се бориме против последиците. Доналд Трамп е единствениот кој сè уште не го сфатил тоа.

Климатскиот процес оди понатаму. Судејќи според сè, без Вашингтон. Дали Трамп ќе го поништи Парискиот климатски договор или веднаш и рамковниот климатски план од 1992 година на кој се темелат сите подоцнежни климатски договори? Тоа останува да се види. Во секој случај САД нема да бидат некаков пионер во заштитата на климата.

Во сенка на изборите во САД штотуку завршената климатска конференција во Маракеш, по минатогодишната еуфорија од Париз, пружи поинаква слика: координација и прецизно одредување на климатскиот договор. Тој би требало да стапи на сила 2020 година. И, дотогаш би требало да се усогласи работата на многу држави. Проблем: со оглед дека желбата е сите земји да учествуваат во овој проект, треба да им се помогне на најсиромашните земји кои ни со луѓе ни со средства не се подготвени за задачата. Желбата е да им се помогне токму на тие земји во остварувањето на амбициозната цел. И таа одговорност лежи на индустриските сили но и, сега по новата ситуација во Вашингтон, засилено и на европските земји. Германија веќе реагираше и уплати дополнителни 50 милиони евра. Но, Германија  е посрамотена заради фактот што 45 најсиромашни земји се обврзаа дека потполно ќе се откажат од употребата на јаглерод диоксидот. Со тоа овие земји се далеку пред Германија која штотуку изрази подготвеност да ја намали употребата на јагленот како енегренс.

Инаку, климатската конференција се ослободи од атмосферата на константно алармантната состојба од изминатите години. Меѓу другото, затоа што во меѓувреме се видливи и резултатите од договорот од Рио од 1992 година. Учесниците на конференцијата во Маракеш буквално на лице место можеа да се уверат во климатскиот напредок – во двеста километри оддалечениот Варзазат. Таму се наоѓа најголемата светска електрана на соларен погон. Она што секогаш звучеше како утопија на климатските активисти, дека Африка ќе ја прескокне индустриската револуција базирана на фосилни горива и дека веднаш ќе скокне во иднината на сончев погон, овде во Мароко е реалност. За тоа придонесе и тоа што на климатските конференции секогаш се тежнееше кон цели кои на прв поглед делуваа нереално.

Климатскиот погон оди понатаму, засега без САД. Но, само краткорочно. Зашто долгорочно и тврдоглавите ќе бидат принудени да се соочат со реалноста. Некои порано, некои подоцна.

Извор: http://www.dw.com/

ОкоБоли главаВицФото