„Модулар“ – изложба на Ненад Тонкин во МКЦ

12.06.2020 15:41
„Модулар“ – изложба на Ненад Тонкин во МКЦ

Вечерва (12 јуни) во 20 часот, во Галеријата на Младински културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Модулар“ на Ненад Тонкин, а организаторот потенцира дека мерките на претпазливост се строго испочитувани.

„Идејата за ‘Модулар’ доаѓа од набљудување на градот и сосема спонтаната анализа на состојбата во него. При таа анализа Тонкин доаѓа до идеја да ги спои потребата за естетика во јавниот простор, како и потребата од мултифункционални јавни простори, кои ненаметливо ни нудат содржини и значења и нѐ мотивираат да го искусуваме градот во кој живееме. Принципот на модуларност е применет од практични причини: модуларните објекти можат да растат, да се намалуваат, да се трансформираат, а со тоа да го менуваат не само својот изглед, туку и изгледот на просторот во кој се наоѓаат. Пред вас се скици, макети од картон, кои нудат можни решенија за создавање на такви градски катчиња, каде што е возможна интеракција на луѓето и животните со овие модуларни, скулптурално-архитектонски објекти. Во сржта на овој циклус почива ДНК на човечкото – онаа нишка што полека ја губиме и на која е нужно да се навратиме пред да се доуништиме себеси и светот што ни е потребен: нишката на будност, свесност за другиот, солидарноста и скромноста“  посочува Јана Јакимовска кон изложбата.

Тонкин (1978) е дипломиран вајар, сценограф и професор по предучилишно воспитание, а издава и своја авторска музика. Од 2014 година има реализирано четири самостојни ликовни изложби во Гевгелија, Кичево, Скопје и една онлајн и учествувал во повеќе групни изложби во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар и филм.