„4 Пати слобода“ – изложба на Јакимовска, Мехмети, Мелник и Хвастунова

12.10.2020 12:13
„4 Пати слобода“ – заедничка изложба на Јакимовска, Мехмети, Мелник и Хвастунова

На 14 октомври во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се отвори изложбата „4 Пати слобода“.

„4 Пати слобода“ е заеднички проект на 4 уметнички кои потекнуваат од различни културни средини, од различни етникуми, со различен ликовен сензибилитет и визуелно проседе.

„Едно нешто заедничко е тоа што се жени и делат сродни размислувања за важноста и ексклузивноста на слободата на жената во потрадиционалните општества, како и општествата од каде доаѓаат и самите. Станува збор за Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Снежана Мелник и Ала Хвастунова; првата Македонка од Скопје, втората Албанка од Кичево, третата Украинка од Брјанка, четвртата Русинка од Јарослав. Различни во својата визуелно-медиумска експресивност и начин на пренесување на мислата, но единствени во борбата за феминистичките права, за еднаквоста, за слободата на сите жени, за свесноста за својата телесност, еротичност, табуата.

Дали сè уште живееме во свет во кој патријархатот е доминанта? Дали женската еманципација, или општествена партиципација, е сè уште предмет на интерес? Дали ако говориме за „женска“ уметност покажуваме сè уште несигурност кон теренот на уметноста чија рамноправност е и понатаму дискутабилна? Можеме ли отворено да говориме за тело, голотија, слобода на одлучување, право на абортус, развод, домашно насилство, физички изглед, задоволства, влакна, менструални циклуси итн? За жал, регионот сè уште страда од табуизирања, од генерализирања, стигматизирања, заткулисност. Патиме од одбележувања, социјална нелагодност, жртвувања.

Фактот дека за овие проблематики треба постојано да се говори насочува истите да се третираат во разновидни форми и медиуми, со цел да бидат видливи, достапни, разбирливи и постојано да ја поттикнуваат отворената дебата за важноста на жената и нејзината улога во општеството. Тоа е една од фундаменталните причина за изложбата „4 Пати слобода“.

Вирџинија Вулф вели: „Заклучи ги и сите библиотеки ако сакаш, но залудно, не постои ниту порта, ниту клучалка, ниту катанец кој може да застане на слободата на мојата мисла“, пишува во најавата за оваа изложба.

На отворањето ќе бидат запазени сите мерки за заштита од Ковид-19. 

Слични содржини

Активизам / Уметност

ОкоБоли главаВицФото