Бушави ноти, и уште седум други музикални песни

23.06.2020 16:27
Бушави ноти, и уште седум други музикални песни

 

БУШАВИ НОТИ

 

Кога животните музика слушаат

тие веднаш крзното го бушават.

Си замислуваат сјаен подиум

и го заклучуваат својот ум

за да не им пречи

музиката дур’ ечи.

Но, пребирливи се тие,

тешко фалш да им се скрие,

го слушаат секој тон

и внатре и вон.

Магарето свири гитара,

штурчето – виолина стара,

слонот, нели – тромбон

а колибрито пее баритон.

Мравојадот тропа на тапани

и од соседите добива закани:

„Ушите ни ги дупна“ – му велат,

кај и да е – ќе се селат.

А што прави работливата мравка?

Ене ја, игра со лудата чавка,

а до нив е и смотаниот ној

– птицата без чувство за пој.

Жирафата секогаш диригира,

и со вратот свој тактира,

на тие што грешат не им вика

зашто е нема како слика.

 

JUNGLE JAM

 

Слонот Мајлс имал две сурли

и по цел ден низ шума си трубел.

Си свирел тој, немал гајле,

од попладне до сабајле.

Му се придружил и страшниот лав

на тапани и чинели,

песот Ушко рекол: „Ав!“

и засвирел на клавиши црни и бели.

Каква музика од џунглата ечи!

Дух крева, уши лечи!

Ужива мечокот пештера што кречи,

ужива гуштерот на сонце што се пече.

Но, бувот Окле не можел да спие,

менувал гнезда, не можел да се скрие...

В уши ставал затки, шишарки и камчиња,

му се смееле малите палави врапчиња.

И еден ден си рекол: „Па што!“

- и го извадил својот тромбон.

В клун го ставил и дошол на свирка,

додеката ветрот в пердуви му пиркал.

ПЕТЕЛОТ-ПИЈАНИЦА

 

Еден петел пијан

секогаш бил зијан:

се расфрлал со пари

на шумските слави.

Стотче на гепардот трианглист,

петстотче на јагуарот челист,

илјадарче на прасето органист,

златник на бумбарот ксилофонист.

А дома – ниту трошка!

Го карала и старата вошка:

„Петлу, среди се, аман!

Направи животен план!“

И петлот, ко петел,

пред кокошарник дур’ метел,

решил диригент да биде,

во фрак секаде да иде,

во едната рака палка да држи,

со другата – компири да пржи!

„Од компири се прави вотка...

Ах, да имав бар една голтка...“

И така, пијаниот кукуриг

веќе следниот миг

си наточил кригла пиво

и за ништо не му било криво.

 

НИКОЛИНА ПАГАНИНА

 

Еден штурец зелен

в кошула од лен

медитираше на плажа

и виде кражба:

мајскиот бумбар Флип

ги товареше в својот џип

виолините на Николина

со презиме – Паганина.

Се стрча кон него бесно,

му збумбари кроше десно,

па и една клоца жешка

со штуречка чизма тешка.

Флип почна да цивка,

в сопствени солзи да пливка

и почна да моли:

„Штурко, престани, ме боли!

Сè на место ќе вратам,

сета штета ќе ја платам.

Виолиниве се Страдивари,

ќе ќарев фини пари...“

- рече бумбарот со боја зелена

и од страв наполни пелена.

Штурецот му истегна уво

на бумбарот в апашко руво

и му кажа умен да биде

оти со патерици ќе иде.

Бумбарот даде чесен збор

и така се реши овој спор.

РИС НА БИС

 

Еден познат трубач рис

се колеба да излезе на бис.

Го молат, му ракоплескаат,

по него сите врескаат,

лавот со шницла го мами,

но рисот, ете – се срами.

 

Во образите црвен,

од трема здрвен,

срцето ко лудо му бие,

а тој зад бина се крие

и чека ли чека

да си заминат сите пека.

 

Животните инает ги фати,

на рисот в глава му се мати:

„Ќе кажам оти гласна жица ми се скина

и затоа не излегувам на бина!“

- реши срамежливиот рис

како да не излезе на бис.

 

„Рису, ти си луд!

Те чекаме на овој студ

да излезеш и да свириш,

нерви да ни смириш!

Па предмалку нè крена во вис,

а сега се срамиш да отсвириш бис!“

 

Што да прави, што да чини,

од трема му се гледаат две бини.

Но, зачекори смело како ѕвезда права,

кон блескава иднина славна,

на бина се качи и не му се смачи

- таква е судбата на шумските трубачи.

ЖЕЛКА НА ЕЛКА

 

Една мала сонлива желка

се разбуди на висока елка.

Никој не знае како се качи

и сега, да се симне се мачи.

Чучулигите ѝ се смеат,

шеговни песни ѝ пеат

а таа, кутрата, солзи рони:

„Ех, да имав крилесто пони!“

- си помислува

и веднаш се премислува:

„Не, туку хеликоптер мал

создаден од кал!

Или, супермен-чивава

на облаци што јава...“

И додека размислува

и сенешто си замислува,

слушна тропнеж на врата,

отвори и виде птици – цели јата

панди-бамбусојатки,

кифлички солени и слатки,

лижавчиња од марципан,

Венди и Петар Пан,

ребуси и равенки тешки,

ридови снежни и вулкани жешки

па дури и пингвини-акробати

од кои умот се мати.

Кога, одеднаш – телефон:

„Ало, овде соседот слон,

повторно зборуваш в сон.

Туку, ќе ти пречи ли ако посвирам

на мојот тромбон?“

Желката, сонлива сета,

сети како сонот и летна.

„Кутрата јас“

- се насмеа на глас,

крена ролетни

и се расони за час.

ГРАНКА ВОН ИГРАНКА

 

Полничкиот инсект-гранка

сака да влезе на игранка,

но лапна трикатна торта

и не го збира низ порта.

 

Сите се забавуваат,

играат и лудуваат,

само тој пред порта стои

и музички тактови брои.

 

А вежбаше и валцер и румба

и фокстрот и танго и самба

и полка и твист и разни ора

- дур’ и танци од Бора Бора.

 

Но ете, наместо супички да срка,

гурмански специјалитети си крка

и од инсект згоден и слаб,

се стори дебел ко баобаб.

  

БАБА ЗУЈКА

 

В карантин била старата мува

полуслепа, полуглува

и со бастунот мувски

во воздух цртала закуски:

руски салати,

крофни и ролати,

пити и торти,

бајадери и гриоти

и да ми простите -

гомца в раскошен лонец.

Кутрата таа, гладта ѝ тлее...

Излегла на тераса

и почнала да пее:

Volare, oh, oh

Cantare, oh, oh, oh, oh

Nel blu, dipinto di blu

Felice di stare lassù...

ѝ ракоплескале бумбари и оси,

гасеници-баби со розови коси;

ѝ ракоплескале скакулци и бубашваби,

ѝ ракоплескале китови и краби.

Старата мува се поклонила

и дома се засолнила.

„Подобро гладна ќе идам

отколку на респиратори да бидам!“

Слики: Paula Scher - The Brownstone

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото