1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Горан Марковиќ во својот саботен текст за Пешчаник покрена мошне важни прашања. За да се одмота клопчето, потребно е струката да утврди и јавно да ја објави дијагнозата, како и согласноста на пациентот да се лекува. Доколку не е исполнет овој услов, единствен начин да се дојде до вистината е пациентот да го тужи Горан и преку судски процес и вештачење да биде докажано дека Горан е во право заради што обвинетиот ќе биде ослободен. Во земја со корупција, клиентелизам и лаги подеднакво сме далеку од двете сценарија.
Но, ќе ја искористам приликата да им посочам на читателите еден мошне интересен текст објавен пред 11 години во реномирано медицинско научно списание. За чудо, не забележав дека во нашиот јавен дискурс некој стручен за оваа област досега го споменал ова.
Се работи за научен труд со наслов Hubris syndrome: An acquired personality disorder? A study of US Presidents and UK Prime Ministers over the last 100 years (Синдром Хибрис: Стекнато пореметување на личноста? Студија за американските претседатели и британските премиери во последните 100 години).
Зборот хибрис потекнува од старогрчкиот ὕβρις и, интересно, го нема во Вујаклија и во Речникот за странски зборови и изрази на Клајн и Шипка. Англискиот превод вели: дрскост, вообразеност, безобѕирност, нарцисоидност, препотентност, арогантност, надменост итн. Како сакате, во текстот ќе ја користиме кратенката ХС.
Авторите на ова истражување анализираат некои од најзначајните политички личности во Британија и Америка во последните 100 години за да опишат ново пореметување на личноста, односно ХС, кое не претпоставува историја на какви било психички тегоби. Доволно е личноста да биде вообразена и дрска и да ја приграбила моќта - периодот на развој на синдромот е во текот на мандатот, значи во распон од една до девет години. Доколку синдромот не се развил за време на првиот мандат, повторниот избор ја зголемува веројатноста за негов развој, како и појавата на некои кризни ситуации како што се војна, финансиска криза или можеби пандемија.
Авторите наведуваат дека е клучно да се разбере дека ХС е „пореметување кое е последица на поседувањето моќ, особено моќ поврзана со огромен успех кој трае со години во опкружување со минимални ограничувања за водачот“.
Огромниот успех може да биде и апсолутно присвојување на моќта. На пример, вчера дознавме дека на неодамнешните парламентарни избори во Србија владејачката партија освои 60,65 проценти а нејзиниот коалиционен партнер од претходниот мандат 10,38 проценти од гласовите од оние што излегле на избори. Оваа пресметка е лажлива зашто не води сметка за растурените гласови на бројни партии кои не влегоа во парламентот. Затоа далеку пореална слика се добива кога освоените мандати ќе се постават во однос со бројот на пратенички места. Владејачката партија освои 188 од 250 пратенички места, односно 75 проценти од пратеничките мандати. Кога на тоа ќе се додадат 32 мандати на социјалистите, владејачката коалиција од претходниот мандат освои 88 проценти од местата во парламентот.
Симптомите на ХС се комбинација на седум симптоми на нарцистичко пореметување на личноста (НПЛ) и по еден симптом на антисоцијално (психопатско) пореметување на личноста (Antisocial Personality Disorder – ASPL) и афективно пореметување на личноста (Histrionic Personality Disorder – APL). Пет симптоми се исклучиво карактеристики на ХС:
1. Нарцистичка склоност светот примарно да го гледаат како бојно поле каде ја покажуваат и применуваат својата моќ и ја бараат својата слава (карактеристика на НПЛ).
2. Склоност да се преземат акции примарно насочени кон подобрување на сопствениот имиџ (НПЛ).
3. Претерана грижа за сопствениот имиџ и за настапите во јавност (НПЛ).
4. Покажување месијанска ревност и егзалтација при обраќањата во јавноста (НПЛ).
5. Идентификација со народот или организацијата во таа мера што поединците ги спознаваат своите гледишта и интереси како идентични со нивните (ХС).
6. Склоност да зборуваат во трето лице и да го користат кралското „ние“ (ХС).
7. Претерана самодоверба во својот суд и презир кон светот или критика кон другите (НПЛ).
8. Претерана самодоверба која се потпира на чувството на омнипотентност заради што ги преувеличуваат своите капацитети (НПЛ).
9. Уверување дека не се одговорни пред земскиот суд или пред колегите или пред јавното мислење туку исклучиво пред судот на историјата или судот на бога (НПЛ).
10. Цврсто уверување дека пред судот на историјата или пред судот на бога ќе бидат ослободени од обвиненијата (ХС).
11. Губење контакт со реалноста (АСПЛ).
12. Неможност за мирување, безобѕирност и импулсивност (ХС).
13. Уверени во сопствената морална исправност склони се да ги занемарат прашањата за практичноста или трошоците од некој исход (ХС).
14. Склоност, кога нештата ќе тргнат по лош пат, заради својата вообразеност, дрскост некомпетентност и претерана самодоверба, да не водат сметка за конкретните последици од некоја политика (АПЛ).
Авторите на трудот констатираат дека ваквите личности не се склони кон терапија и лекување. Во диктаторските режими струката и блиските соработници не сакаат или не смеат да укажат на проблем. Законското решение да се ограничи владеењето на два мандати не е ефикасно во борбата против ХС зашто може неограничено да се изигрува преку принципот на ротација на релацијата претседател-премиер и/или преку промена на Уставот, како што неодамна беше случај во Русија.
Политичарите кои боледуваат од овој синдром имаат волја да станат умерени во случај на реална закана од неможност за повторен избор. Во земја во која медиумите се окупирани и изборите се фингирани, отпаѓа и оваа опција. Во тој случај не можат да помогнат ни гранките на власта зашто се одвоени само на хартија. Од друга страна, заканата од импичмент во Америка или можноста за повлекување на поддршката на премиерот од страна на британскиот парламент, на пример, како во случајот со Тони Блер и Маргарет Тачер, се потенцијално делотворни средства во зауздувањето на ХС.
Понатаму, во демократските општества, не е доволен индивидуалистичкиот пристап во зауздувањето на ХС во смисла дека поединците се свесни за штетата која лично им ја нанесува водачот. Тука значајна улога игра јавното мислење доколку го препознае ХС кај водачот и доколку инсистира дека таквото дејствување му нанестува штета на општото добро. Повторно, реакциите на јавното мислење за ХС ќе бидат неделотворни доколку, во случај на контролирани медиуми, каналите за комуникација се пресечени.
Авторите ефектно го завршуваат трудот: „Најпосле, никогаш не треба да се заборави дека во писмото напишано на 5 април 1887 година до Мандел Крејтон, авторот на книгата ’Историјата на папството во доба на реформација’, Лордот Актон напиша нешто мошне длабоко што ѝ претходеше на неговата позната изрека: ’Не можам да го прифатам вашиот канон дека не треба да даваме сопствен суд за папата и кралот на ист начин како што даваме за другите луѓе, туку само поволна претпоставка дека тие не направиле ништо лошо. Ако постои каква било претпоставка, таа е обратна и насочена против оние кои имаат моќ’. Во следната реченица напиша дека ’моќта има тенденција да ги корумпира луѓето, а апсолутната моќ корумпира апсолутно’.
Авторот е професор на Филозофскиот факултет во Белград.
Слики: Anuj Shrestha
Извор: https://pescanik.net