Винтиџ сликовница за необичната книжевна хероина,Осамената кукла

14.07.2020 11:59
Необичната книжевна хероина,Осамената кукла


Тешко е да се зборува за серијата книги за деца Осамената кукла (Lonely Doll) на Дер Рајт (Dare Wright), без да се зборува за самата авторка. Ова не е вообичаено за авторите на книги за деца, ретко нивните дела поттикнуваат интерес за нивните приватни животи. Со Дер Рајт е поразлично бидејќи нејзините приказни – за убавка, нарцисоидна кукла и нејзиното посвоено семејство плишани мечиња – се толку необично убави, толку вознемирувачки а делат и чудна сличност со тажниот живот на авторката.

Животот на Рајт е пренесен во книгата Тајниот живот на осамената кукла од Џин Нејтан. Јас прочитав извадок во Венити Фер и веднаш ја купив книгата, но никогаш не успеав да ја дочитам бидејќи е претажна. Накратко, во 1917 родителите на Дер се развеле кога имала само три години. Татко ѝ, театарски критичар, се преселил од нивниот дом во Кливленд во Њујорк заедно со брат ѝ, кого многу го сакала, оставајќи ја Дер сама да се справува со нејзината тешка мајка Едит, сликарка на портрети. Сосем случајно, куклата-хероина на серијата книги се вика Едит, и изгледа исто како Дер.

Според биографијата, врската помеѓу мајката и ќерката била доста напната, чудна и многу се коментирало околу фактот што како возрасни делеле ист кревет и дека Дер никогаш не се омажила и најверојатно останала сексуално неактивна сиот живот. Откако завршила средно школо се преселиле во Њујорк, каде се обидела да изгради кариера како актерка, наместо тоа успеала како модел во високата мода, но на крајот преферирала да работи зад камерата, како модна фотографка и потоа како авторка на книгите кои ќе станат нејзиното животно дело. Денес тие книги имаат посветена читателска публика, меѓу кои и Ким Гордон, Ана Суи и Стив Мејзел.

Серијата Осамената кукла се состои од десет книги, три од нив биле реиздадени во доцните 1990-ти. Во овој текст зборувам за изданието Осамената кукла научи лекција бидејќи налетав на првото издание на распродажба во библиотека. Во првата книга, прв пат издадена во 1957, Едит е кукла која живее сама во огромна куќа во Њујорк и очајува, сѐ додека еден ден необјасниво не се појават две плишани мечиња. Строгиот господин Мечок станува татковска фигура; неговиот, веројатно, син, Малото Мече ѝ станува брат и најдобар пријател.

Како и повеќето деца, тие двајца се заплеткуваат во секакви неволји. Самохраниот татко г. Мечок намуртено ги трпи сѐ додека еден ден ќе ја фати Едит како си игра маскирање со шминките и фустаните на нејзината никогаш невидена и неспомената сопственичка, па г. Мечок се налутува, ја става на колено и ја удира по задникот. Ѝ се заканува и дека ќе ја напушти, што за Едит е многу повознемирувачко од физичката казна.

Но токму тепањето е она што ги вознемирува многу од читателите, и тоа се повторува во други книги во серијата. Токму затоа многу возрасни ги сметаат нејзините приказни за преморничави за да им ги читаат на децата, иако мислам дека децата воопшто не ги доживуваат на тој начин (барем не моите деца). Возрасните гледаат садомазохистички поттекст онаму каде децата гледаат само интересни анахронизми – немирно девојченце го казнуваат со тепање наместо да му биде наредено да се повлече во соба или да ѝ се забрани да си игра на телефонот.

Во Осамената кукла научи лекција, Едит за своето лошо однесување добива сипаници. Приказната започнува кога Едит ќе засака ново маченце и Малото Мече се чувствува запоставено. Себичната Едит целосно заборава на чувствата на својот брат/најдобар пријател сѐ додека г. Мечок не ѝ одржи едно од своите предавања. Таа се согласува повеќе да се потруди да го вклучува Малото Мече но тие продолжуваат да се караат бидејќи Едит е толку опседната со мачето. Конечно, г. Мечок ја праќа на спиење и потоа го теши Малото Мече, кое посакува да имало куче за играње.

Следното утро кога се буди Едит се чувстува лошо. Доаѓа доктор, утврдува дека има сипаници и препорачува да остане во кревет и да си најде занимации. Малото Мече ја посетува, иако не смее, веднаш откако мачето се заплеткува во нејзината коса. Малото Мече решава да ја поправи ситуацијата неумесно сечејќи ги златните кадрици на Едит. Едит ја фаќа паника, и кога г. Мечок дотрчува за да види што е работата, единствено што може да направи е да ја доврши фризурата на Едит, правејќи ѝ фина боб-фризура.

Следниот ден, Едит се чувствува подобро и ѝ е жал за нејзиното лошо однесување. Оди да му се извини на Малото Мече и открива дека и тоа фатило сипаници. Па така смислува план со г. Мечок да му купат кученце како гест на љубезност и простување, и сѐ завршува во среќа и хармонија.

Па, дали книгите на Дер Рајт се привлечни ако не ја знаете нејзината животна приказна? Мислам дека дефинитивно да. Како прво, фотографиите ѝ се прекрасни (особено ако ви се допаѓа винтиџ њујоршки мебел).

Но нејзиното најимпресивно уметничко достигнување е создавањето херметички затворен свет населен само од една кукла и две мечиња. Свет убедлив на оној начин на кој е убедлива епизода од Зона на самракот: чувствуваш дека нешто не е баш како што треба, но не знаеш точно што сѐ до самиот крај. Со серијата книги Осамената кукла читателот никогаш и нема да открие што е во прашање – освен ако не одлучи да чита за вистинскиот живот на Дер.









Извор: Vintage childrens' books my kid loves