Повторно роден – во тероризам

20.10.2020 12:49
Повторно роден – во тероризам

Наскоро од печат излегува книгата „Трчање во место“ од Рената Салецл, филозоф, социолог, правен теоретичар, една од најзначајните словенечки интелектуалки. Книгата е издание на „Темплум“ и на „Контрапункт“ како дел од едицијата „Пунктум“ која произлезе од КРИК - фестивал за критичка култура. Овде, на Окно, претставуваме дел од текстовите во книгата.

Што доведува некого до тоа да се приклучи на терористичка организација, да биде подготвен да убива невини луѓе и да се жртвува себеси за некоја политичка цел? Со тие прашања се среќаваме по повод честите напади врз невиното население што се случуваат во нашата близина.

Со слични прашања се занимавале во Германија во седумдесеттите години на минатиот век во врска со нападите на Фракцијата на Црвената армија (Raf). Кога една од раководителките на Организацијата Улрике Мајнхоф (Ulrike Meinhof) во 1977 година, наводно, се самоубила во затворот, тоа прашање толку го интересирало патологот Јурген Фајфер (Jürgen Pfeiffer), што од нејзиното тело кришум го извадил мозокот и го ставил во сад со формалдехид. Тој бил убеден дека развојот на науката ќе овозможи, со анализа на мозокот, да се докаже што го прави некого терорист.

Кон крајот на деведесеттите Фајфер се надевал дека таква анализа ќе може да направи неговиот колега, психијатарот Бернард Богертс (Bernhard Bogerts), кој се занимавал со биолошките основи на шизофренијата, па затоа му го предал таинствениот сад со мозокот на Улрике. Доктор Богертс го чувал садот во визбата на универзитетот во Тибинген (Tübingen). Таму случајно го нашле во 2002 година. Ќерката на Улрике Мајнхоф била згрозена, повела судска постапка и, по одлуката на судот, во мајчиниот гроб конечно можела да го закопа и нејзиниот мозок. Во германските медиуми се појавила тезата дека и на другите тројца раководни членови на Раф, во времето на нивната смрт им бил изваден мозокот. Но сѐ уште не се најдени садовите во кои би биле чувани тие мозоци.

За истражувачите на тероризмот, секако, посебно бил интересен токму мозокот на Улрике Мајнхоф. Во младоста била призната новинарка. Кога во почетокот на шеесеттите години била бремена, ѝ се појавиле силни главоболки. Лекарите ѝ поставиле дијагноза мозочен тумор. Предлагале веднаш да се оперира, но Улрике за операцијата се решила дури по раѓањето на близначките. При операцијата се покажало дека Улрике во главата имала бенигна циста, а се појавил и проблем со крвниот сад во главата, но лекарите ја закрпиле со метална спојка. Операцијата важела за успешна, но личноста на Улрике Мајнхоф, според сведочењата на некои нејзини блиски, наводно се изменила. Сѐ повеке идеолошки се доближувала кон групата Раф и во 1970 година му помогнала на нејзиниот раководител Андреас Баадер (Andreas Baader) да избега од затвор. Кога ги уапсила полицијата, идентитетот на Улрике, поради немање отпечатоци од нејзините прсти, го потврдиле така што ѝ го сликале мозокот. Металното парче во мозокот им потврдило дека се работи за вистинското лице.

Улрике Мајнхоф важела за некаков мозок на Raf. Во нејзиниот случај непосредно во главата ги барале причините за радикализацијата. Но, главно, причините се бараат во таканареченото миење на мозокот што, наводно, се случува кога некој ќе пристапи кон терористичка организација. Ако човек силно се идентификува со таква идеологија, наводно, се појавува некаква испразнетост од претходните убедувања и „полнење“ на главата со нови. При такви објаснувања честопати забораваме на моќта на идентификацијата со групата и на емоционалните врски со важните личности во семејството.

При терористичните напади, на коишто сме сведоци на Запад, имаме работа со многу случаи кога во нападите учествуваат браќа. Нападот на бостонскиот маратон го изршиле браќата Карнаеви (Carnajev), во нападот на весникот Чарли Ебдо (Charlie Hebdo) во јануари 2015 учествувале браќата Куаши (Kouachi), а во нападот во Париз во ноември 2015 браќата Ибрахим и Салах Абдеслам. Последниот потоа побегнал во Брисел и таму бил уапсен во март 2016 година. И во бриселскиот напад има браќа – Ел Бакрауи (El Bakraoui). Истражувањата покажале дека во третина случаи на терористичките напади се работи за некаква семејна, вообичаено братска врска. Притоа можеме да ја видиме важната чувствена поврзаност кога еден од браќата честопати го следи другиот. Но во таа братска поврзаност честопати се работи и за некаков бунт против родителите.

Во случаите на екстремистите што се родени на Запад обично не изгледа дека силно се идентификуваат со некоја идеологија и религија што им ја посредувале родителите. Многу млади, коишто ќе почнат да се идентификуваат со фундаменталистичката интерпретација на исламот, имаат родители, кои се помалку религиозни или дури воопшто и не се. Францускиот психоаналитичар Фети Бенслама (Fethi Benslama), во анализата на радикализацијата, нагласува дека кај многу млади се работи за некаков процес на дезидентификација и надидентификација. Некој, на пример, престанува да се идентификува со идеологијата на родителите или на средината во којашто живее, и почнува силно да се идентификува со една друга радикална идеологија. Во тој процес се случува некаква реидентификација, кога поединецот почнува да се однесува како за него сѐ да почнува одново – како да е повторно роден. Идејата на повторно раѓање е поврзана токму со тоа што поединецот не ја презема идеологијата од претходните генерации.

Француско-иранскиот социолог Фарад Косрокавар (Farhad Khosrokhavar) во Исламската држава гледа некаква утопија, која се претставува како нов универзализам. Таа утопија претставува еден нов имагинариум, кој на младите постадолесценти им овозможува да ја изразат желбата да преминат во фазата на возрасноста преку ритуалот на војување.

Постадолесцентната агресија може да се види и во ритуалите на насилство над жените што се случува во областите во кои владее Исламска држава. Жените се сфатени како објекти, кои војниците си ги подаваат еден на друг. Но при агресивното изживување над жените постои и страв од нив. На војникот може да му се случи нешто ужасно ако ја силува жената што е бремена. Жените затоа ги присилуваат да пијат контрацептивни таблети.

Исламската држава ги привлекува младите што во современиот свет не гледаат точки за идентификација со идеите што се дел од либералниот капиталистички поредок. Многу млади што преминале во Исламска држава живеат на маргините, тие се без вработување, без јасна иднина. Идентификацијата со идеологијата на Исламска држава отвора можност за припадност кон група, ново братство, жртвување и уживање во насилството. На постадолесцентната природа на оваа идеологија укажува и начинот на комуницирање на Исламската држава со јавноста. Наместо долгите монотони говори, кои во јавноста ги испраќала Ал Каеда, тука има кратки видеоснимки, кои потсетуваат на холивудските филмови и видеоигрите. Идентификацијата со религијата е помалку важна од идентификацијата со тоа што се сфаќа како кул. Истражувачите на младите регрути на Исламска држава од Запад зборуваат за таканаречениот феномен џихади кул, кај којшто се забележува слична идентификација со групата и нејзините инсигнии како кај младите што, да речеме, следат извесни банди. Кај неколку млади Британци, кои се вратиле од војувањето во Сирија, нашле книги, како што се Ислам за незнајковци и Коран за незнајковци, што укажува на тоа дека религијата е нешто што се обидуваат брзо да го научат, а не нешто во што длабоко веруваат.

Белгискиот истражувач на тероризмот Рик Кулсает (Rik Coolsaet) во таа површинска преданост на религијата кај последната генерација на џихадистите гледа сличност со порвшинската преданост на комунизмот кај Raf. И членовите на Raf во свое време биеле битка со родителите – со симболистичките остатоци на нацизмот во германскато повоено општество и со капиталистичките центри на моќта. А сѐ повеќе биеле и внатрешна битка во своето братство или сестринство.

За внатрешните битки внатре, во братствата на Исламска држава, малку е познато. А како што знаеме, браќата често се праќани да вршат напади на различни места, и тоа поради стравот од тоа братската љубов на едниот брат да не се обиде да го убеди другиот да не се жртвува. Знаеме и дека во последните напади некои напаѓачи избегале и така не ја следеле наредбата за самоуништување. Францускиот психоаналитичар Жерард Хадад (Gérard Haddad) во книгата Во божјата десница: психоанализата на фанатизмот (Dans la main droite de Dieu: Psychanalyse du fanatisme) ја поставува тезата дека слично како кај национализмот и расизмот, и во случајот на фанатизмот што го гледаме кај припадниците на Исламска држава, се гледа некаква нарцисоидна структура. А во заднината на тоа дека некој се претставува оти знае што е исправно а што е погрешно и како треба светот да биде среден, и покрај тоа честопати тлее сомнеж. Сомнеж за идентитетот, за убедувањето, за религијата.

Кристофер Хиченс (Christopher Hitchens) еднаш напишал дека тероризмот е тактика за барање на невозможното кога го бараме со помош на оружје. А кога против тероризмот се бориме со уште повеќе оружје, честопати забораваме на прашањето, кое уште пред години го поставила американската писателка Алис Вокер (Alice Walker): Зарем не е некој вид тероризам и пресметувањето со тероризмот со фрлање бомби врз градови и села?

Превод: Соња Должан

Насловна слика: Студио Кома

Слики: Abelaziz Haounati

Извор: Рената Салецл, Трчање во место (Контрапункт / Темплум, 2020)

Кон претходните текстови 

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото