Лакан и Џојс

30.07.2021 17:38
Лакан и Џојс

 

Во големиот амфитеатар на Сорбона Жак Лакан (Jacques Lacan) на 16 јуни 1975 ѝ се обрати на публиката после Мари Јолас (Marie Jolas) и одржа краток говор под наслов „Џојс симптом“. Лакан започна со сеќавањето на средбата со писателот и без задршка рече дека се поистоветува со него, со неговата номадска природа, со неговиот егзил, со неговата омраза спрема семејството и религијата: „Кога, како јас, потекнувате од прилично бедна средина, а таа се вика колеж Станислас - и кога сте дете опкружено со свештеници, зарем не, но свештеници помалку сериозни од Џојсовите свештеници кои беа језуити, а мили Господ знае дека Џојс од тоа умееше нешто да направи - накусо, токму потекнувајќи од таа бедна средина интересно е што кога имав само седумнаесет години, благодарение на тоа што ја посетував книжарницата водена од Адриен Моние (Adrienne Monnier), се сретнав со Џојс. Исто така, како дваесетгодишник присуствував на првото читање на во тоа време објавениот превод на Уликс.“ Потоа Лакан додаде: „Ние мислиме дека го зборуваме она што ние сакаме да го кажеме, но низ нас говори всушност она што другите - а особено нашите семејства - сакаат ние да го кажеме (...). Простете што зборувам за себе но сметам дека го правам тоа само за со тоа да му оддадам почест на Џејмс Џојс.“

По учеството на овој колоквиум Лакан целиот семинар во текот на академската 1975-1976 година го посвети на животот и делото на Џеjмс Џојс (James Joyce). Лакан на тој семинар му го даде називот „Синтом“ („Le sinthome“) што е термин скован од зборот симптом (symptôme): „Кога ќе ѕирнете во мошне сигурниот Етимолошки речник на францускиот јазик од Блох и Вартбург (Bloch и Wartburg) ќе видите дека зборот симптом (symptôme) изворно бил пишуван како синтом (sinthome). Џојс синтом звучи како алузија на светост (sainteté).

Со ова повикување на етимологија Лакан измислил сложенка по узор на романот Финегановото бдеење за со тоа да ја артикулира џојсовската идеја за искупување преку пишување. Самиот збор синтом привикуваше во свеста неколку други термини кои според Лакан би можеле да се сметаат за „означители“ внатре во џојсовскиот универзум: sin (на англиски: грев, согрешение, а на француски истиот збор гласи le péché); homme (на француски: човек) или home (на англиски: дом, куќа, како во слоганот Home Rule! (Автономија!) со кој се повикуваше на ирската независност од Британија); и најпосле, свети Тома (saint Thomas) Синтом (sinthome; на фр. и saint Thomas всушност е хомофон на зборот sinthome; заб. прев.) исто така би можел да се напише и како sinthome rule или sinthomadaquin (при што суфиксот -adaquin јасно упатува на Аквино (Aquino), местото на раѓање на свети Тома од Аквин или свети Тома Аквински). Употребата на последнава сложенка (sinthomadaquin) упатува на тoа дека Џојс од свети Тома ја презел теоријата на создавањето која се изведува од claritas (на латински: јасност, разговетност), то ест од третото својство на убaвото, а сходно на тоа трето својство некој предмет ја открива својата суштина тогаш кога станува она што всушност е. Токму ликот на Стефан Дедалус ја изнесува оваа теорија на создавањето за коешто Џојс уште од своите рани списи зборувал како за епифанија, богојавление односно прикажување. Епифанијата се дефинира како „ненадејно прикажување на дух кое може да се преведе на секојдневни зборови или дела или може да се пренесе со некој незаборавен израз произведен од самиот ум.“

Таа епифанија Лакан ја нарекол синтом односно „блескавост на бивствувањето“. Џојс со тоа е одреден со својот симптом кој постанал синтом. Со други зборови, неговото име се споило со теоријата на епифанијата која ја усвоил, а според таа теорија создавањето се одвивало во вонременската сфера на мистичката екстаза. Со поимот „вонременска сфера“ Лакан им се вратил на главните истражувачки преокупации од почетокот на 1970-ите како што се трагањето по една логика ослободена од временскиите или историските ограничувања, желба да се досегне она сè повеќе и повеќе невозможно „реално“ и, најпосле, опчинетоста со прашањето на самата jouissance која е поврзана со „јапонскиот феномен“, мистичката егзалтација, „дословноста“ и перверзијата (perversion) (која Лакан ја пишува вака: père-version, во значење верзија-на-таткото).

Но, бидејќи целиот негов истражувачки напор ја здобиваше формата на една сеопфатна, обемна, непрегледна боромејска геометрија, Лакан го воведе синтомот во својот нов систем од јазли. Отпрвин се трудеше - но, безуспешно - да конструира тетрадна верига, то ест да „направи четирикратен боромејски јазол“. Потоа на своите пријатели математичари им упати предизвик да го решат тој проблем и тие успеаја да го решат. Томе (Thome) прв направи цртеж на јазол со меѓусебно вплетени четири прстени. Лакан рече: „Бев восхитен преку секоја мера и се надевам дека тие тоа можеле да го осетат кога ги видов неколку месеци подоцна. Меѓутоа, не знаеја да ми објаснат како дошле до откритието.“

Меѓутоа, со дадавањето на четвртава верига - наречена синтом - кон претходниот трикратен јазол Лакан и понатаму настојувал во Џојсовото дело да ги воведе и својата доктрина и својата семејна сага. Истакна дека sinthome (синтом) односно père-version (верзијата-на-таткото) е всушност version vers le père (верзија кон таткото). Лакан едноставно Уликс го толкуваше како чиста автобиографија. Односот меѓу двајцата главни ликоови во романот, Леополд Блум и Стефан Дедалус, тој ги виде како доказ на Џојсовата вкоренетост во својот татко, иако Џојс го отфрлал својот татко. Од ова Лакан извел заклучок дека Џојсовиот татко бил луд, дека Џојсовиот дискурс го форклудирал Името-на-таткото и дека Џојс - за да ја надокнади таа отсутност - толку снажно сакал „да се прослави и да стекне име“, то ест да им го остави своето име на идните поколенија, да ги „тера универзитетските професори за него да пишуваат следните три века“: „Не ли е Џојсовата желба да биде уметник со кој целиот свет ќе се занимава (...) токму компензација за тоа што татко му никогаш не му бил вистински татко?“

Применувајќи ја својата теорија за форклузијата на „случајот Џојс“, Лакан рече дека схизофренијата на Луција, ќерката на писателот, треба да се толкува во категориите на слабостите манифестирани од нејзиниот татко. Џојс всушност, рече Лакан, сметал дека неговата ќерка има телепатски способности и ја бранел од настојчивоста на лекарите. Џојсовото верување во телепатија и Џојсовата идеја за јазикот кој своето порекло го има во оностраниот свет Лакан затоа ги видел само како симптом на Џојсовото поимање на уметноста од кое ќе настане како книгата Финегановото бдеење така и создавањето на еден фундаментален јазик кој почива на разградба на самиот јазик.

Толкувајќи го Уликс како автобиографски роман Лакан, синот на Алфред, се поистоветувал со Џојс за да зборува за драмата на сопствениот живот, непрестајно опседнат со желбата тој, Лакан, да се прослави, тој, Лакан, да стекне углед. Дотолку, расправајќи за схизофренијата на Луција Џојс, Лакан зборува и за трагедијата на таткото кој постојано имал грижа на совест зашто неговата сопствена ќерка (Џудит / Judith) долго време од правни причини не можела да го носи неговото (Лаканово) презиме. Значи, не само што Лакан среќавајќи се со Џојсовскиот живот повторно потонал во фантазматската контемплација за сопствената животна приказна туку и со таа средба дополнително е нагласен и продолжен Лакановиот раскин со сопствениот дискурс, истиот раsкин веќе започнат тогаш кога Лакан станал обземен со јазлите. Додека ликовите од Џојсовата сага всушност ја илустрирале вечната тематика за невозможноста на татковството, дотогаш конкретните техники на пишување користени во Финегановото бдеење го поттикнувале Лакan на своевидна лингвистичка метаморфоза.

Како што знаеме, на Џојс му требале седумнаесет години да го напише своето големо последно дело под наслов Дело во настанување (Work in progress). Во него се користени деветнаесет разни јазици меѓу кои и староисландскиот, тибетантскиот, старогрчкиот и санскритот, со што вообичаените зборови се распрскувале во мноштва значења во склад со фројдовскиот процес на згуснуваење (Verdichtung). За да му тргне од рака да си поигрува со зборовите, да прави досетки или да ги реорганизира лингвистичките единици Џојс се потпирал на сопствените лингвистички знаења, но се повикувал и на делата на физичари и математичари. Жан Пари (Jean Paris) пишува: „Токму како што атомите - за кои наивно се веруваше дека се неделиви - се разбивани на протони, електрони и неутрони, така и зборовите се разбиваат на логички, фонетски, семантички и етимолошки делови (...). Некои зборови, со еден единствен електрон, биле погодни за правење досетки, како кога Џојс пишувал redshields (на англиски: црвени штитови) наместо (презимето) Rothschild или кога goat (на англиски: коза) го претворил во Gott (на германски: Бог).

Лакановата фасцинираност од Финегановото бдеење била дотолку поголема поради мајсторството со кое и самиот толку долго си поигрувал со зборовите, а како што неговото сопствено истражување во доменот на топологијата го одвлекувало на теренот на она фаустовско трагање кое многу потсетувало на Џојсовата потрага, така Лакан почнал да пишува и говори во стилот на Финегановото бдеење. Откако тајниот извор на човечкото лудило го побарал во Џојсовото дело, како самиот Лакан да се префрлил на јазикот на психозата и со тоа повторно - како што се доближуваше до смртта - ја воспостави врската со Вдахновените списи (Ecrits inspirés) со кои беше обележано неговото влегување во историјата на психијатријата во почетокот на 1930-ите: „Моите почетоци се врзани за пишувањето на Вдахновените списи па затоа и не сум многу изненаден што го истражувам Џојс (...). Дали Џојс бил луд? Со што биле вдахновени неговите списи?“

Точно е дека Лакановата жива, изговорена реч секогаш го имитирала говорот на насвесното, меѓутоа почнувајќи од 1975 па натаму, на Лакан Џојсовото пишување влијаело до таа мера што Лакановото учење безмалку исклучиво се сведувало на каламбури, алографи, досетки и неологизми кои често потсетувале на темелните означители во неговата доктрина и во неговиот живот. Еве некои примери: зборот cra-chose (плук-ствар) кој едновремено го означувал Фројдовиот технички термин chose (Ствар, изворно на германски: das Ding) и начин на мали муабети изумени од Фројд (во текот на тие муабетчиња некој може толку да се занесе што почнува да плука (cracher) или да се лигави (postilloner); зборот jaclaque (читаме како: ’жак-лак’) што значел дека Жак Лакан ја превршил мерата, дека ви е доста од Жак Лакан (како во фразата avoir sa claque, иако claque може да биде и шлаканица); зборот folisophie кој, за разлика од филозофија (како ’љубов спрема мудроста’) го има префиксот foli-, односно folie (лудило) та затоа е ’лудило на мудроста’ (и обратно, ’мудрост на лудилото’); зборот affreud со кој Лакан си поигрува со англиската придавка affraid (исплашен) и со презимето Freud и, згора, со префиксот а- (како типичен alpha privativum) со кој се изразува негација или отсутност на некое својство; итн.

На фотографиите се Жак Лакан (2, 3 и 5 озгора удолу) и Џејмс Џојс (1 и 4 озгора удолу)

Извор: Jacques Lacan, Приказ једног живота и историја једног система мишљења - Elisabeth Roudinesco; Karpos, 2020

Избор и превод: П. В.

 

Слични содржини

Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото