Потрага по идентитет во услови на неолиберализам (Разговор со Пол Ферхеге, 1)

04.03.2015 15:58
Потрага по идентитет во услови на неолиберализам (1)

Ексклузивно за ОКНО, имаме чест да ја запознаеме македонската јавност со познатиот белгиски психоаналитичар, психолог и наградуван автор, Пол Ферхеге. Неговите дела нудат интересен препрочит на Сигмунд Фројд, и поставуваат нови хоризонти во проучувањето на односите меѓу телото и психата, и меѓу мажот и жената – поставувајќи го авторот во авангардата на лакановските студии.

Предмет на интервјуто е неговата нова книга „What About Me? The Struggle for Identity in a Market-Based Society“, во која Ферхеге нуди уникатно психоаналитичко читање на општествените промени и психичките кризи на нашето време. Овој разговор ќе биде од особен интерес за читателите зашто проучува тема која нè засега сите - кризата на постмодерниот идентитет.


Др. Ферхеге добредојдовте, почестени сме што издвоивте време за овој разговор. Кога за првпат почнавте да го изучувате Лакан?

Во седумдесеттите години, кога студирав клиничка психологија на Универзитетот во Гент, Фројд беше еден од главните автори. Заради нашата јазична специфика (Белгија е двојазична земја, со француски и холандски), материјалите на Лакан ни беа лесно достапни. Со мала група колеги студенти почнавме да го изучуваме Фројд во комбинација со семинарите на Лакан. Заедно со филозофијата на Фуко, Лакан ни овозможи поинакво поимање на нештата - особено поврзувајќи ја Лакановата теорија за четирите дискурси со Фукоовата теоријата за моќта.


Што ве инспирираше да ја напишете книгата?

Идејата за оваа книга доаѓа од раните деведесетти, кога почнав да забележувам драстична промена во нашата клиничка пракса. Бев сведок на невиден пораст на душевни растројства меѓу обичното население. На местото на класичните неврози, почнавме да се соочувавме со сè поголем број случаи на депресии и анксиозност. Самата природа на овие проблеми беше исто така различна; не стануваше збор за психоневротични случаи, туку за случаи на акутна патологија.

Во истиот период станавме сведоци и на сè поголем број случаи со растројство на личноста, т.е. растројства на ниво на идентитетот. Откако го поврзав овие две нешта, почнав да ги истражувам причините за оваа промена во клиничката пракса. Ми беа потребни неколку години и многу проучување за конечно да стигнам до сознанието дека нашиот идентитет се менува паралелно со промените што се случуваат во нашето општество; оваа промена на идентитетот предизвикува разни видови душевни растројства. Нашето општество е денес неолиберално, и е проследено со многу психолошки падови. Колку повеќе проучував, толку повеќе поврзаноста меѓу општествениот контекст и психолошките падови стануваше поочигледна. Книгата е резултат на ова истражување.


Тврдите дека овие психички кризи можат да се објаснат преку проблемот на идентитетот. Што сакате со тоа да кажете?

До неодамна дури и во психоаналитичката теорија идентитетот не претставуваше особено значаен поим, а камоли проблем. Напротив, денес идентитетот стана проблем и таканаречените растројства на личноста се присутни насекаде. Пред да продолжиме со интервјуто, дозволете да разјаснам неколку недоразбирања поврзани со современото поимање на зборот „идентитет“.

Денес, по правило, идентитетот се сфаќа како индикатор за некакво уникатно или нарцистичко его, наводно независно од сите други ега. Таквото сфаќање само по себе сведочи за губење на идентитетот, повлекување кон самите себеси, и загуба на сигурноста и безбедноста која произлегува од тоа. Наспроти ваквото разбирање, идентитетот треба првенствено да се сфати како успокојувачко и „осигурувачко“ чувство на битието кое е дел од група со која е повеќе или помалку слично – латинскиот корен identitas значи сличност. Освен тоа, во повеќето случаи некој може да биде дел од неколку групи кои се меѓусебно поврзани врз основа на нешто заедничко: пол, семејство, професија, град, нација, итн. Секоја од овие групи прифаќа заеднички именител, најчесто поврзан со соодветно име. Вашето презиме, на пример, упатува на семејна група, а веднаш потоа следуваат групи кои се темелат на одредени карактеристики како пол, професија, итн.

Секој субјект ги носи овие идентитети со себе; како носител на ова „бреме“ јас станувам некој или некоја. Јас сум некој зашто припаѓам на препознатлива група луѓе кои оставиле траги низ историјата, траги кои можам да ги следам. Врз основа на својата историја, секоја група задава одреден број норми и вредности кои единката мора да ги следи ако сака да го прифати идентитетот на таа група. Всушност, сосема слободно може да се каже дека идентитетот е само значење/смисла со кое се прекрива телесната површина (Егото на Фројд како телесна површина) преку облека и статусни симболи, на пример. Последниве се особено важни бидејќи укажуваат на симболички дефинираниот наративен идентитет кој ни кажува кои сме и како се однесуваме кон другите. Без ова, ние едноставно не би знаеле кои сме. Ова е тоа што Лакан го објаснува во неговата теорија за огледалната фаза и формирањето на субјектот.

Според тоа, станува јасно дека припадноста кон стабилна група има суштествено значење за единката, и секакво загрозување на ваквата припадност води до нарушување на субјективизацијата (формирањето на субјектот) и регулирањето на нагонот. Овие процеси се манифестираат во пракса при таканаречените гранични растројства на личноста, и при загуба на идентитетот во случаите со депресија. И едниот и другиот пример се придружени со постојана загуба на смислата и со сеприсутната анксиозност.


Во вашата книга спомнувате дека подемот на овој вид психички растројства се одвива паралелно со интензивирањето на силите на глобализацијата и неолиберализмот. Како се поврзани овие два процеси?

Ако ги земеме предвид последиците на неолиберализмот од психолошка гледна точка, не би било претерано да се каже дека неолиберализмот нè претвора во конкурентни поединци. Ако последново го поврзете со економската меритократија, тогаш на индивидуално ниво создадавате систем на победници и губитници. Во таков бинарен систем малку фали за да упаднете во анксиозност и депресија. Општо земено, сето тоа нè прави несреќни бидејќи сме социјални животни; се развиваме во групи, и имаме потреба од другиот. Формирањето стабилни групи води до пораст на чувствата кои имаат суштинско значење: лојалноста и доверба, вербата во авторитет, солидарноста... Историски, овој вид чувства биле претежно присутни меѓу роднински групи, но со тек на времето тие проникнуваат и на работното место. Индустриската револуција направи повеќето од нас да сме зависни од економијата, а како последица од тоа, економијата преку своите влијание врз групите ја одредува единката и нејзиното / неговото чувство за идентитет.

Она што го нарекуваме нов капитализам (капитализам стимулиран од дигитализацијата и интернетот, а манифестиран преку освојувањето на берзите од страна на компаниите и поединците секој во потрага по свој дел од колачот) за многу кратко време воспостави потполно нова корпоративна култура во компаниите – она што во 1972 година Лакан го нарекува Другиот во капиталистичкиот дискурс. Заради доминантната моќ на индустријата, овој дискурс за многу кратко време почна да се прифаќа и усвојува од страна на државата и нејзините институции - особено во областа на здравствената заштита и образованието. Комбинираните ефекти на овој нов дискурс врз општеството, семејниот живот, а најпосле и врз самата единка, се огромни и совршено го илустрираат начинот на кој економијата, политиката и субјективноста се взаемно поврзани. Современиот менаџмент цели кон краткорочни профити, исто како што и нашите политичари размислуваат само во рамките на еден изборен период. Тоа значи дека краткорочните флуктуации на берзите имаат ист ефект врз економијата каков што анкетите за популарност имаат во политиката: брзи и драстични интервенции во функција на „пазарот“. Нема да помине долго време пред континуитетот и стабилноста да станат непристојни зборови, т.е. зборови кои укажуваат на нешто непожелно. На ниво на единката ова буди чувство на несигурност и истоштеност. Новата порака гласи дека секој треба постојано да напредува. Секое интервју за оценување треба да резултира со повисоки цели и зголемена ефикасност, а посебно важна е забраната да се остане на претходното ниво. Ова објаснува зошто таквата економија не може да негува искуство и знаење – таквите вредности предизвикуваат стагнација и отпор кон промени. Наместо искуството и знаењето, акцентот се става врз таканаречените способности, иновацијата и гламурот (т.е. атрактивноста) во функција на котација на берзите. Повозрасните работници се сметаат за товар: нивното знаење го попречува брзиот прогрес, нивните плати се превисоки, тие се премногу принципиелни (т.е. „тврдоглави“) и нивната флексибилност е минимална – пораката е: ослободете се од нив. Последиците на ваквиот менталитет врз политичката сцена се манифестираат преку запоставување на верните и лојални членови на партиите и пополнување на нивните места со комбинација од мачо актери, софт-кор порно актерки и спортисти со атлетски тела. Според тоа, лесно е да се изведе ваква аналогија и на ниво на единката - сите треба да изгледаат вечно млади и расположени. Купуваме работи зашто се нови, а не зашто ни требаат. Фрламе предмети бидејќи се стари, а не зашто не можеме веќе да ги употребуваме.

Комбинацијата помеѓу стремежот кон краткорочни профити и опаѓачкото вреднување на знаењето и искуството резултира со исчезнување на врските кои ги држат групите взаемно поврзани - лојалноста и солидарноста.


Вашето објаснување за падот на солидарноста помеѓу луѓето нè доведува до многу важна поента. Како да го поврземе овој феномен со исчезнувањето на традиционалниот авторитет?

Најдобриот одговор на ова прашање може да биде изведен преку искуствата на претходните генерации. Генерациите пред нас, особено оние по Втората светска војна, знаеја за длабока лојалност помеѓу „горните“ и „долните“ нивоа во организациите. Во својата најрозева верзија, овој однос функционирал на следниот начин. Работникот, во принцип, бил обезбеден со доживотно работно место од страна на својот шеф, и како последица на тоа тој се доживувал како дел од нешто поголемо и бил инспириран и подготвен да се ангажира во работата заради својот шеф. Шефот пак, од друга страна, бил ангажиран за своите луѓе зашто тоа било во негов интерес. Во една помалку розева верзија, и работникот и шефот биле во отворен судир еден со друг. Денес обете верзии се речиси исчезнати, заедно со компанијата и шефот. Денешната мултинационална компанија е невидлива и не е во никаков контакт со своите вработени. Мултинационалната компанија е подготвена на секакво поместување, скратување или зголемување на работни места, сè додека тоа е во функција на брз и краткорочен профит. Заради тоа вработените во таквите организации веќе немаат никакво чувство на лојалност, и односите се темелат на недоверба. Последиците на овие процеси во политиката се повеќе од очигледни; имено, бројот на лојални членови на партиите се намалува и со секои избори постојано се зголемува бројот на неопределени гласачи.

Кога недостасува вертикална лојалност помеѓу горе и долу, набргу почнува да исчезнува и хоризонталната солидарност. Постојаниот стремеж кон брз профит подразбира отфрлање на сè што стои на патот. Како резултат на тоа, секому се заканува да биде прогласен за излишен – секогаш постои некој кој е подобар, побрз и поевтин. Во еден ваков дискурс е неизбежно колегите меѓусебно да станат ривали, а солидарноста да се претвори во луксуз што никој не може да си го дозволи. На политичката сцена, градењето заедничка партиска програма е веќе дел од минатото. И таму главните непријатели се бараат во сопствените редови.

Следниот чекор води кон исчезнување на лојалноста и солидарноста и на ниво на најмалата група, т.е., семејството. Нашиот современ љубовен живот е навистина чуден. Партнерите уште од самиот почетокот не си веруваат еден на друг; многу често се обидуваат да се заштитат еден од друг преку комплицирани брачни договори, чуваат засебни штедни сметки, итн. Во случај на семејна расправија, разговорите веќе не се вистинска опција за решавање на проблемот, туку принципот „спакувај си ги куферите и оди си“ - подобро да се биде флексибилен, зашто во секој момент може да се најде нов и веројатно подобар производ, т.е. нов партнер. Секако, секогаш постои некој кој е подобар, побрз и поевтин.

Дополнително, постојаните оценувања на ефикасноста и евалуациите на работното место доведуваат до опаѓање на автономијата во делувањето и зголемена зависност од екстерни и често променливи норми. Овие процеси резултираат со она што социологот Ричард Сенет вешто го нарекува инфантилизација на работниците. Возрасни луѓе сè почесто покажуваат изблици на детски темперамент, изразуваат љубомора заради тривијалности, кажуваат ситни лаги, мамат, се воодушевуваат од неуспехот на другите и негуваат чувства на одмазда.

Билансот од сето тоа е повеќе од песимистички. Целата ситуација е проследена со сеприсутен замор, хроничен недостиг на време, и најважно, чувство на загуба. За разлика од субјектот од претходниот дискурс (иако секогаш со отуѓувачки идентитет), современиот субјект е опседнат со основни прашања: Кој сум јас? Во однос на кого сум јас? Веќе не знаеме ни кому да се обратиме со прашањата!

Во последно време сè поинтензивно се занимавам со проучување на „авторитетот“ како таков (тоа ќе биде и тема на мојата нова книга која би требало треба да излезе во септември 2015 година). Оваа тема е особено важна од аспект на психоанализата: исчезнувањето на патријархалниот авторитет во западниот свет изискува преиспитување на авторитетот во суштина. Јас лично топло го поздравувам исчезнувањето на патријархалниот авторитет (иако многумина од моите француски колеги не се согласуваат со тоа), зашто патријархатот сам по себе означува злоупотреба, дури и од структурна гледна точка. Прашањето со кое се соочуваме во моментот е на кој начин да ја замениме неопходната функција на авторитетот. Во мојата следна книга, која се темели врз филозофијата на Жак Лакан и Хана Арент, предвидувам дека пирамидалниот патријархален авторитет ќе го замениме со хоризонтален авторитет на големиот брат.

(втор дел)
Фотографии: RICHARD TUSCHMAN

Слични содржини

Култура / Теорија
Јавни Простори / Психологија / Теорија
Култура / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото