Колку храната што ја фрламе влијае на климатските промени?

09.11.2020 02:07
Колку храната што ја фрламе влијае на климатските промени?

На климатските промени и концентрацијата на гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата, во значајна мера влијае прехранбената индустрија. Таа придонесува за зголемување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, сечењето на шумите и намалувањето на водостоите, а сите овие се негативни последици по животната средина.

Во текот на историјата, најголем дел од површината на планетата била прекриена со дивина, а во нејзините пејзажи преовладувале шуми и големи пространства со треви. Во последниве неколку векови тоа се промени драстично, така што огромни површини диви живеалишта се уништени и претворени во земјоделско земјиште, што е едно од најзначајните влијанија на човештвото врз животната средина.

Прехранбената индустрија, која го опфаќа производството, но и процесите кои се случуваат откако храната ќе тргне од фармите кон потрошувачите, како што се обработката и дистрибуцијата, значително придонесува за емисијата на гасови со ефект на стаклена градина на светско ниво. Уште поневеројатен е податокот колкаво влијание има храната што завршува како отпад.

Влијанието на прехранбената индустрија на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина

Храната се произведува и преработува на повеќе од 570 милиони фарми, во што учествуваат уште поголем број земјоделци и посредници од сите краишта од светот, а дел од тој процес е и значајното трошење енергија. Производството на храна е одговорно за повеќе од четвртина, дури 26 проценти, од глобалната емисија на гасови со ефект на стаклена градина.

Тоа звучи како исклучително висок процент, но со оглед на тоа дека станува збор за основна потреба на секој човек, овој факт може да се разбере.

Од вкупните емисии на прехранбената индустрија:

- 18 проценти настануваат во ланецот на снабдување,
- 31 процент доаѓа од стоката и одгледувањето риба,
- 27 проценти се последица од одгледувањето посеви за исхрана на луѓе и стока,
- 24 проценти заради употреба на земјиштето.

Една четвртина од произведените намирници завршуваат како отпад

Меѓутоа, она што е многу потешко да се разбере е количината на храна која никогаш нема да се изеде.

За да се произведе храната потребно е да се потрошат многу ресурси. Потребни се земјиште, вода, ѓубриво, а во текот на процесот доаѓа и до голема потрошувачка на енергија. Сепак, според проценките, приближно една четвртина од произведените намирници никогаш нема да бидат изедени. Поголем дел се фрла, оштетува или расипува во ланецот на снабдување, пред воопшто да стигне до потрошувачите.

Фрлањето и расипувањето на намирниците претставува голем проблем, меѓу другото и затоа што емисијата на гасовите со ефект на стаклена градина од прехранбениот отпад значително придонесува за климатски промени.

Отпадот од храната е заслужен за шест проценти од светските емисии

Џозеф Пури, истражувач од Универзитетот во Оксфорд, и Томас Немечек од Истражувачкиот сектор за земјоделство и животна средина од Цирих, во својата глобална метаанализа за прехранбените системи објавена во списанието Science, ги проценија ефектите од производството, пакувањето и дистрибуцијата на храна врз емисијата на гасови од стаклената градина.

Со ова истражување се покажува дека фрлањето храна е заслужно за дури 6 проценти од вкупното ниво на гасови со ефект на стаклена градина во светот.

Прехранбениот отпад се создава во сите фази од ланецот за снабдување почнувајќи од бербата, производството и преработката, преку трговијата, дистрибуцијата и на крајот потрошувачката.

Европската комисија процени дека само во Европската унија се фрлаат околу 90 милиони тони храна годишно (или 180 килограми по човек), а голем дел од таа храна може да се јаде.

Нивото на гасови со ефект на стаклена градина кои се настанати од прехранбениот отпад е речиси трипати поголем од глобалната емисија на гасови од воздухопловството.

Ако овој процент го посматраме во контекст на националните емисии на гасови, вкупниот прехранбен отпад би бил изедначен со Индија како трет најголем светски емитер. Кина со емисија од 21 процент гасови годишно и САД со 13 проценти, се единствените две држави во светот кои создаваат повеќе гасови со ефект на стаклена градина отколку прехранбената индустрија.

Слики: Kazland

Извор: https://www.klima101.rs

ОкоБоли главаВицФото