Дали повиците за промена на личните навики се најдобар начин за борба против климатските промени?

19.02.2021 01:32
Дали повиците за промена на личните навики се најдобар начин за борба против климатските промени?

Во последно време вниманието сè почесто ни го окупираат пораки дека иднината на планетата е во нашите раце.

Заменете го автомобилот со велосипед, намалетe го бројот на летови со авион, престанете да јадете месо, инсталирајте соларни панели на покривот на својата куќа, користете што помалку вода кога миете заби или кога се туширате... Ова се само некои од советите кои секојдневно можеме да ги прочитаме во медиумите или да ги слушнеме од многу инфлуенсери на социјалните мрежи.

Прекрасно е што овие совети сега доаѓаат од сите страни и грижата за животната средина станува мејнстрим, но ако се осврнеме околу себе и ако погледнеме каква е состојбата во светот, мора да се постави прашањето колку ваквите пораки се навистина ефикасни.

Новото истражување на Државниот универзитет Џорџија дека слушањето вакви еколошки совети, впрочем ја намалува подготвеноста на луѓето да направат нешто во однос на климатските промени. Од друга страна, стручњаците велат дека постојат подобри начини за луѓето да се сложат и да почнат да ги менуваат своите навики, но тие не вклучуваат приговарање и нафрлање чувство на вина.

„Не ми кажувај што да правам“

На активистите во сферата на климатските промени им е јасно дека нашето знаење на кој начин е најдобро да се пренесе порака за важноста на ова прашање, во огромна мера заостанува зад знаењето на научниците за самите процеси во нашата атмосфера. Затоа помалку и изненадува фактот дека се направени многу малку студии за ефективноста на различни видови комуникација кога се во прашање климатските промени.

Во една од нив, насловена „Не ми кажувај што да правам“, научниците од Државниот универзитет Џорџија преку интернет анкетираа 1915 жители на САД за да видат на кој начин испитаниците ќе одговорат на различни пораки за климатските промени.

На испитаниците им била прикажана една од шест пораки, колку што биле осмислени за целта на истражувањето.

Некои од нив виделе само изјава за опасностите од климатските промени, други виделе иста порака пратена со препорака за промена на личните навики, додека некои ја виделе почетната порака од предлозите за политичките мерки кои може да се преземат.

После читањето на советите, на учесниците во истражувањето им биле поставени низа прашања за нивните ставови за климатските промени. Одговорите на овие прашања откриле дека пораките кои сугерираат промена на личните навики на поединците може да имаат неочекуван ефект - намалена волја кај луѓето да ја намалат сопствената емисија.

Покрај тоа, испитаниците кои ги читале советите дека поединците со своето дејствување можат да направат пресврт во текот на климатските промени, поретко истакнувале дека веруваат дека луѓето се одговорни за глобалното затоплување. Исто така, помал број од нив истакнале дека ги поддржуваат политичките кандидати кои се насочени во борбата против климатските промени.

Од друга страна, пораките поврзани со политички прашања немале ваков негативен ефект.

Ова истражување на Универзитетот во Џорџија ги потврди сличните резултати од неколку претходни студии, кои покажуваат дека луѓето повеќе сакаат промени кои се однесуваат на целокупното општество и кои не бараат од нив да го променат сопственото однесување.

Зошто на луѓето им се толку одбивни советите за промена на однесувањето во борбата против климатските промени?

„Пораките кои имплицираат дека се неопходни индивидуални откажувања во животниот стил за да се намалат штетните емисии предизвикуваат одбивност од добиениот совет, зголемен скептицизам кон науката за климатските промени и разнишана доверба во климатолозите“, обаснуваат научниците кои го спроведоа ова истражување.

Тие истакнуваат дека ваквите одговори се сведуваат на прашање на психологија и дека кога на луѓето не им се допаѓаат решенијата кои им се претставени или кога чувствуваат дека им е загрозена слободата, често негираат дека воопшто постои проблем.

Разговорот за животната средина е тежок, но професорката по урбана географија и авторка на ова истражување Риса Палм, вели дека внимателно составените пораки се мошне важни. „Луѓето секогаш кажуваат нешта како: 'Кога само повеќе би се комуницирало за климатските промени', но всушност многу е поважно каква е таа комуникација.“

На пример, Копенхаген за време на нафтената криза во 1973 година мораше значително да ја промени сообраќајната инфраструктура за велосипедизмот да стане побезбеден и поповолен за сите граѓани. Меѓутоа, за луѓето навистина да ги заменат автомобилите со велосипеди, во главниот град на Данска возењето велосипед беше претставено како практично, возбудливо, па дури и гламурозно.

Со други зборови, граѓаните се мотивирани со позитивен пример, а не со повици за откажување или префрлање вина. Резултатот од ваквата кампања е тоа што денес во Копенхаген има повеќе велосипеди отколку луѓе и дури петпати повеќе велосипеди отколку автомобили.

И покрај ваквите сознанија има сè повеќе пораки дека луѓето треба да ги променат сопствените навики и на тој начин да придонесат за ублажување на климатските промени. Па сепак, доколку со пример им се покаже дека одредено однесување не мора да претставува жртва и дека впрочем може да биде мошне интересно и исполнувачко, можно е поголем број поединци тоа навистина и да го направат.

Да се надеваме дека во иднина повеќе истражувачи и стручњаци ќе се занимаваат со оваа тема за да се унапреди информирањето на луѓето за климатските промени.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Katie Garth

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото