Староседелските племиња и климатските промени

06.05.2022 03:07
Староседелските племиња и климатските промени

За да се постигнат целите од Парискиот договор и за да се ограничи растот на просечната глобална температура на 1,5 степени целзиусови, меѓународната заедница мора да ја препознае значајната улога на домородните племиња и да го заштити нивното право да управуваат со автохтоните региони на кои се наоѓаат милиони хектари шума, е пораката на неодамнешното истражување кое го спроведоа Институтот за светски ресурси и Climate Focus.

Според анализата овие две глобални истражувачки организации кои се фокусирани на ублажување на климатските промени, шумските земјишта со кои управуваат домородните народи и локалните заедници во земји како што се Бразил, Колумбија, Мексико и Перу претставуваат важни понори за јаглерод диоксидот и значително придонесуваат за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Сепак, во секоја од четирите проучувани земји, актуелните политики и законите кои се донесуваат не ги штитат во доволна мера домородните поседи и во некои случаи активно работат на нивна штета.

Земјата со која управуваат староседелските племиња чуваат огромни количини јаглерод диоксид

На земјата на староседелците од северниот дел на Јужна Америка главно се наоѓаат недопрени шуми, кои вкупно складираат 28 проценти од глобалниот јаглерод диоксид. Околу 80 проценти од ова подрачје е под нивна грижа и има улога во понорот на јаглерод диоксидот.

Домородните народи претежно се потпираат на традиционални практики на управување кои во нивните заедници се пренесуваат од колено на колено. Екосистемите кои ги одржуваат покажуваат двојно поголем капацитет за складирање гасови со ефект на стаклена градина од оние кои не се под нивна надлежност.

На пример, многу претходни истражувања слично сугерираат дека нивоата на биодиверзитетот во некои случаи се повисоки во областите со поголемо присуство на староседелците и на местата каде сè уште се зборуваат автохтони јазици. Се чини дека староседелците од Латинска Америка имаат што да ги подучат модерните конзервационисти.

Научната заедница уште претходно ја препозна и посочи на важната улога која домородните заедници ширум светот можат да ја одиграат во борбата против климатските промени. Сепак, оваа порака често е игнорирана од владите на земјите и има бројни примери во кои претставниците на староседелците и локалните заедници не биле вклучени во правењето на националните планови за исполнување на целите од Парискиот договор.

Лошата политика на властите во многу држави од Јужна Америка го отежнува зачувувањето на овие важни предели

Од друга страна, глобално важните екосистеми на јужноамериканскиот континент кои би требало да бидат сочувани полека исчезнуваат. Се проценува дека околу 10 проценти од југоисточниот дел од Амазонија веќе е нето извор на јаглерод диоксид, односно дека сега повеќе придонесува за глобално затоплување отколку што помага во неговото ублажување.

Причина е неконтролираното сечење на шумите во Бразил, кое достигна најголеми размери последнава деценија. Властите во овие држави не покажуваат доволна одлучност за да се спротивстават и за жал тоа не е изолиран случај.

Извештајот на Институтот за светски ресурси наведува дека владите на Мексико, Перу, Колумбија и Бразил водат политика која на домородните заедници им го отежнува добивањето сопственост над нивната земја и дека не постојат доволни напори да се заштитат нивните права, што овозможува разни штетни активности без нивна согласност. Сепак, таму каде што успеало да се избори за својата земја или каде што има повисок степен на одлучување над својата земја, автохтоното население во повеќе наврати демонстрираше дека без многу средства, со заеднички напор можат да се зачуваат и опорават цели пространства.

Од претворање на шумите во пустина до зачувување на популацијата ирваси

Во мексиканската држава Оахака прекумерното пасење кое траело со векови опустошило цели предели, а на местото на некогашната вегетација останати се соголени карстни карпи. Пред околу две децении локалните заедници староседелци, кои се сеќаваат дека на тоа место некогаш имало дрвја, одлучиле да се обидат да ја обноват плодноста на земјиштето.

Последниве две децении успеале да обноват најмалку 20 000 хектари речиси опустошени предели и некои од нив да ги претворат во бујни шуми. Задачата не била нималку лесна, зашто староседелците почнувале речиси од нула и без големи финансиски или технички средства.

За да ја вратат шумата најпрвин морале да пронајдат начини да ја повратат плодноста на земјиштето и она што го обновиле да со сочуваат во следните години. Нивниот успех воедно е и доказ колкав е потенцијалот за регенерација на екосистемите кога целото население стои зад идејата да работи за својата животна средина, а не против неа.

Малку посеверно, властите во Канада долго безуспешно се обидуваа да ја опорават популацијата ирваси и нивниот број упорно опаѓал ширум целата земја. Меѓутоа, во едно место во Британска Колумбија, сојузна држава на западот од Канада, постои стадо ирваси чиј број се зголемува, а тоа се случува благодарение на заедничките напори кои ги водат две домородни племиња.

Припадниците на племињата осмислиле метод кој се заснова на три главни правила за зачувување на популацијата на овие џинови со рогови: чување мајки, обновување на живеалиштата и контрола на предаторите.

Женките се фаќаат кога ќе забременат и се држат во ограден простор за тие и нивните телиња да се заштитат од грабливците. Припадниците на племињата доброволно ги чуваат овие места и набавуваат храна во текот на целиот ден.

Користа е повеќекратна

Бенефитите од успешната регенерација на видовите или цели пејзажи не се резервирани само за животната средина, од нив имаат корист и локалните заедници преку туризмот и услугите на екосистемите.

Примерите на споменативе мексикански и канадски локални заедници не се единствени. Студијата објавена минатата година во списанието Ecology and Society потврдува дека најдобар начин да се заштити животната средина е ако им се препушти на автохтоните и локалните заедници активно да учествуваат или да ја преземат контролата. Авторите дошле до ваков заклучок со проучување на примерите на конзерваторските проекти спроведени последниве две децении. Се покажа дека примената на знаењата и начинот на управување со природните живеалишта и животинската популација, со кои располагаат староседелците се поефикасни за конзервација од напорите кои ги контролираат надворешни организации.

Институтот за светски ресурси истакнува дека е важно домородните народи и локалните заедници да се вклучат во креирањето климатски политики на локално, национално и глобално ниво. Знаењето кое го имаат може да му биде драгоцено на светот кој од ден на ден се соочува со сè посериозните последици од климатските промени.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Philippe Echaroux

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото