Зошто Ганди не доби Нобел за мир

15.12.2010 13:04
Зошто Ганди не доби Нобел за мир

Со оглед на тоа дека Нобеловата награда за мир неодамна му беше доделена на кинескиот дисидент Ли Сјаобо, кој не можеше да присуствува на свеченоста во Осло бидејќи се наоѓа зад решетки, можеби би било мудро да се сетиме на човекот кој никогаш не доби такво признание – Махатма Ганди. Наспроти „пропустот“ на Нобеловиот комитет, значењето кое Ганди го имаше во светот, вклучувајќи го и влијанието кое неговото учење го имаше врз самиот Ли Сјаобо, е недвосмислено.

Ликот на Ганди сега се наоѓа во рекламните кампањи за производите од Apple компјутерите до пенкалата Montblanc. Кога филмот на режисерот Ричард Атенбороу „Ганди“ доби неколку Оскари во 1983 г., на постерите пишуваше дека „триумфот на Ганди засекогаш го промени светот“. Но останува прашањето дали навистина беше така?

Иницијативата започната за глобални промени го инспирираше американскиот борец за човекови права Мартин Лутер Кинг, кој слушал предавања за Ганди, купувал книги за Махатма и го усвоил ненасилниот отпор како начело и метод. Со започнувањето на борбата против сегрегацијата на југот на САД, Кинг го користеше ненасилството на поделотворен начин од кој и да е друг вон Индија. „Омраза раѓа омраза. Насилството раѓа насилство“, тврдеше Кинг. Исто така, сметал дека на силите на омразата мораме да им се спротивставииме со силата на душата.

Кинг го прогласил Гандиевиот метод на ненасилен отпор за „светилник“ на своето движење. „Исто како што Христос им дал дух и мотивација на луѓето, Ганди го разви тој метод“. Продолжувајќи ја традицијата, Барак Обама минатиот месец на членовите на индискиот парламент им кажа дека не би стоел пред нив во својство на американски претседател ако не постоеше Ганди.

Затоа, може да се каже дека гандизмот придонел за промена на ситуацијата во САД. Сепак, тешко е да се најдат многу други примери за успехот на таквите начела. Независноста на Индија претставуваше зора на ерата на деколонизација, но бројните народи успеаја да се ослободат од стегите кои ги наметнуваше царството со крвави и насилни борби. Дотолку повеќе, од тој период припадниците на многу нации „паднаа под чизмата“ на освојувачките армии, останаа без својот имот, или беа принудени да ги напуштат своите домови поради заплашувањата. Ненасилството не претставуваше решение за нивните проблеми.

Ненасилството може да биде делотворно единствено ако се применува во борбата против непријатели кои се плашат од губењето на моралниот авторитет, односно, кога владите се наоѓаат „под лупата“ на домашната и меѓународната јавност, и кога постои веројатноста да бидат посрамотени. Значи, во времето на Ганди таквото начело не можело да ги осуети плановите на Хитлер за масовните убиства на Евреите. Иако силата на принципот за ненасилство лежи во изреката: „За да покажам дека не си во право, се казнувам себе си“, овие зборови немаат големо влијание на оние кои не се грижат дали се во право или оние кои веќе се обидуваат да ве казнат. Исто така, вашата подготвеност да се подложите на казнување само ја забрзува нивната победа. Затоа, не чуди податокот дека Нелсон Мандела, кој еднаш ми рече дека Ганди „отсекогаш му бил голем извор на инспирација“, јасно го отфрли тоа учење како неделотворно во борбата против апартхејдот во Јужна Африка.

Несомнено, зборовите на Ганди можат да звучат како утопија: „Доброволното жртвување на недолжните е најсилниот одговор на Бога или човека кон арогантната тиранија. За некој да пружи отпор на противниците, тој мора да биде учтив, искрен, воздржан, никогаш пркосен и не смее да чувствува никаква омраза. Исто така, не смее гласно да ја објавува идејата за граѓанска непослушност, туку да страда во тишина“. За многумина во светот кои ги трпат „стегите“ на репресивните режими, ова кредо би звучело како „упатство“ за добивање статус на светец, или како зборови на немоќ.

Тажната вистина гласи дека организираниот криминал речиси секогаш има поголема сила од ненасилството. Колку за илустрација, Ганди веруваше дека може „да се порази непријателот со трпение, сочувство и сопствено страдање“. Иако ова начело го прифати опозиционерката од Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, која, за разлика од Махатма, доби Нобелова награда, излезе дека воената хунта успеа да ги спречи промените.

Терористите во Индија и другите држави, кои почнуваат штрајк со глад по изрекувањето на казната за своите злосторства, ги користат техниките на Ганди на погрешен начин. Истовремено, речиси никој кој на светската сцена се обидел да ги примени неговите методи не претставува пример за моралност. Сепак, циничните обиди не го намалуваат значењето на Ганди, бидејќи Махатма во периодот кога светот „тонеше“ во фашизам, насилство и војна ги проповедаше вредностите на вистината, ненасилството и мирот.

Оригиналноста на учењето на Ганди и неговиот живот и понатаму претставува инспирација за луѓето низ светот, со што би се согласил и Ли Сјаобо. Но неговиот триумф не „го смени светот засекогаш“. Исто така, останува прашањето дали Махатма денес воопшто би сметал дека победил.

Авторот е индиски писател, пратеник и заменик на генералниот секретар на ОН

Извор: danas.rs

Илустрација: Шармејн Оливија

ОкоБоли главаВицФото