Ѕидовите на 21 век

25.11.2009 11:43
through=walls800wi.jpg

Деветти ноември, денот кога падна Берлинскиот ѕид, несомнено би можел да стане државен празник на современа Русија. Имено, денешната Руска Федерација настана како последица на овој настан од пред дваесет години.

Во секој случај, врската е многу понепосредна од оние кои ни ги нуди матниот и бессодржаен 4-ти ноември1.

На 9-ти ноември 1989 г. престана да постои т.н. втор свет, или „социјалистичкиот логор“, а со него во минатото потона и Големиот комунистички проект, нацртот на иднината кој седум децении на многу народи им ги подгреваше мечтаењата за социјална правда. И бидејќи основната мисија и главната причина за постоењето на државата која се нарекуваше Сојуз на Советските Социјалистички Републики беше токму тој комунистички проект, 9-ти ноември го предодреди неговиот распад. Симболичната, а потоа и реалната објава на смртта на овој проект придонесе неопходноста од постоењето на СССР да стане беспредметна и тоа, во прв ред, кај самата советска елита.

На денот на уривањето на Берлинскиот ѕид на сите советски републики, вклучувајќи ја и РСФСР (денес Русија), им стана јасно дека: а) се отворија можности за нивна интеграција во „цивилизираниот свет“, односно Запад, како и: б) дека ќе им биде полесно да и’ пристапат на оваа интеграција без веќе одамна за’рѓаните вериги на заедничката советска држава, односно, секоја поединечно.

Деветти ноември е годишнина на униполарниот американоцентричен свет во кој сите ние живееме денес. Што се случи со тој свет во изминативе дваесетина години?

Сè е исто како претходно

За овој период светот главно не се измени. Без оглед на разните кризи и ексцеси, како и порано, со светот доминира Америка. Нејзината доминација се гледа и преку тоа што таа е оној кој на елитите, односно на луѓето кои ги носат најважните одлуки во светот, им ги утврдува глобалните технолошки и потрошувачки стандарди.

Како и во доцните 80-ти години, Америка и денес е главниот дизајнер на имагинацијата на целото човештво и еминент на најдоверливите и најпопуларните финансиски инструменти, вклучувајќи го и самиот долар. Последната светска финансиска криза, која потекнува од САД (во услови на униполарен свет и не може да потекнува од друго место), покажа колку современиот свет е длабоко зависен од Америка и како самотно и бедно би се чувствувале без овој општ хегемон. Дури и Кина, земја која до неодамна беше сметана за кандидат за втора светска сила, СССР на иднината, во првите денови на кризата му кажа на светот дека е подготвена, заедно со Америка, да стори сè за политичката и економска архитектура на овој униполарен свет да остане иста.

Гарант за кинеската одлука се 1.4 трилиони (70%) девизни резерви вложени во доларот и американските хартии од вредност, како и едната четвртина кинески индустрии кои работат за американскиот пазар.

Сè се промени

За овие дваесет години кардинално се промени филозофијата на униполарниот свет. Се формираше нова политичка мисла која исто така потече од Вашингтон и која сега, со својата ултравиолетова светлина, ни го осветлува патот.

Тогаш, додека сè уште стоевме на урнатините на ѕидот, ни се чинеше дека либералната демократија само што не ги заплиснала бреговите на сите континенти, дека тешките окови на сите ќе паднат и дека сите самици ќе се срушат. Ни се чинеше дека следува сеопшто владеење на либералниот „последен човек“ Френсис Фукујама2. Заедно со демократијата, ќе триумфира и потрошувачкото општество кое ќе си го пробие патот до најегзотичните делови на нам познатиот свет. И воопшто, целиот свет по некое време ќе стане едно хармонично, тивко, спокојно, зелено и чисто место на општа благосостојба, како што беше Западен Берлин. За сите и за секого. Америка, според своите нескромни можности, настојуваше да воспостави таков Западен Берлин насекаде каде беше можно и невозможно.

Дваесет години поминаа, а сеопштиот либерален рај очигледно го нема.

Како што се ближеше 9-ти ноември 2009 г. стануваше сè појасно дека разликите меѓу цивилизациите објективно постојат, дека се реални и дека не служат само за општ опис на меѓусебните односи во научните истражувања. Евроатланскиот политички модел не успева да се одомаќини вон териториите на т.н. „прв свет“, дури ни во земјите кои се свесно окупирани од Америка, како Авганистан или Ирак. Забрзаното воведување демократија по углед на евроатланскиот модел лесно може за „последниот човек“ да доведе на власт лик кој воопшто не одговара, како, на пример, Уго Чавез, Ево Моралес, Махмуд Ахмадинеџад и сличните на нив.

Освен тоа, во вид на подарок за јубилејната годишнина, ни стигна ново елитно толкување на теоријата за потрошувачкото општество кое ни кажува дека неговиот глобален триумф не е возможен. За жал, нема доволно слатки колачиња за сите. За современата постиндустриска економија на „првиот свет“, односно, светот кој денес го нарекуваме Запад во поширока смисла, да може да функционира непрекинато, на планетата мора да постои доволен број луѓе согласни да работат за еден долар на час, како што се работниците од кинеската индустрија, или дури за 50 центи, како оние во Индонезија. Имено, глобалната стабилност во голем дел ја обезбедуваат луѓето кои се наоѓаат од онаа страна на потрошувачкото општество, а бидејќи немаат ни легална слобода за движење ниту пристап до интернет, тешко дека и воопшто можат да дознаат за неговото постоење.

Пред 20 години, веднаш после Ѕидот (Големиот Берлински, а не Кинески), им немаше крај на разговорите за тоа како во Кина, под влијание на економскиот напредок, многу брзо ќе дојде и до демократски промени и дали Комунистичката партија на Кина ќе си замине од власта или, во краен случај, ќе ја подели со некој друг. Денес, истите тие кои излегоа како победници во студената војна со СССР, држат прсти за среќа за Компартијата на Кина што е можно подолго да го одржи својот монопол на власт. Само таа е способна со цврста рака да го држи поголемиот дел од населението во очигледна сиромаштија и така да ја поддржува светската економска пирамида во чиј темел на НР Кина и’ е наменета улогата на универзална фабрика.

Ајде да се обидеме да пресметаме што би се случило кога обичниот Кинез би посакал да го стекне животниот стандард што го имаат, на пример, Романците, жителите на најсиромашната држава во ЕУ. Просечните годишни примања на Романците изнесуваат 7000 долари. За жителите на Кина да можат да живеат како Романците, и кога пресметката ќе се изврши преку паритетот на куповната моќ, тие би морале да заработуваат 4700 долари годишно. Денес, просечните годишни примања во кинеските села (770 милиони луѓе) изнесуваат 600 долари, а во градот (570 милиони луѓе) околу 2000 долари.

И сега, да претпоставиме дека кинеското раководство наеднаш реши, преку реализација на некаква идеална програма која би ја стимулирала внатрешната потрошувачка, нагло да ја зголеми благосостојбата на своите граѓани до нивото на најсиромашната земја од ЕУ. Тоа би значело дека вкупните годишни примања на сите жители на НР Кина треба да изнесуваат 6.3 трилиони долари. Тоа би бил износ 1.5 пати поголем од денешниот национален доход на Кина. Освен тоа, ваквата идеална програма би барала Кина во иднина да се откаже од штедењето на приходите кои ги остварува со извоз, да премине на забрзано трошење на златните резерви (околу 2 трилиони долари) и да ги пренасочи практично сите приходи од кинеската економија на увоз на стоки и услуги. Наглиот пресврт во правец на „цивилизираниот свет“ на потрошувачка двојно би ја поскапел кинеската работна сила и „универзалната фабрика“ би ја направил сосем неконкурентна, не само во однос на Виетнам и Индонезија, туку на Мексико, кое се наоѓа удобно сместено под стомакот на САД. Меѓу другото, Кина не би можела да обезбеди пораст на благосостојбата на своите граѓани ни од гледна точка на потрошувачката на енергија. Денес Кина троши околу 3.2 трилиони кв/ч електрична енергија годишно, при што голем дел отпаѓа на индустријата. Романија, која ја одбравме за условен кинески идеал, троши 59 милијарди кв/ч годишно, при што поголемиот дел од таа енергија го користи населението. Кога би дошло до „романизација“ на енергетиката, т.е. преместување на тежиштето на потрошувачка на електрична енергија од индустријата на домаќинствата, Кина би трошела околу 8.5 трилиони кв/ч годишно, што би претставувале речиси половина од денешното вкупно светско производство.

Сега е јасно дека од пренаселена Кина денес не може да се создаде потрошувачко општество. Можат да се создадат неколку локални зони на бреговите на океанот, но тие ќе бидат одвоени со непробоен ѕид од останатиот дел на населението. А што се однесува до преспективите на развојот на кинескиот интернет, според вестите кои пристигнуваат оттаму, за жал, доста работи ни се разјаснија.

И еве уште една приказна за пример. Кога неодамна престојував во Јужна Кореја, дознав дека односот кон преспективата за повторно политичко обединување на Корејскиот полуостров се менува значително. Темата за обединување на двете Кореи е актуелна главно меѓу припадниците на постарите поколенија, т.е. меѓу оние кои имаат над 60 години. Помладите од 40, многу почесто се однесуваат повнимателно кон оваа тема. Освен фактот дека, како што пресметале некои, обединувањето би ги чинело околу 200 милијарди долари, тоа би го поставило јужнокорејското економско чудо пред навистина жестоки предизвици. Милиони изгладнети луѓе од север ќе тргнат на југ и ќе биде многу сложена задачата да се вработат сите, како и да им се обезбеди пристоен станбен простор. Затоа во последно време созрева и зема замав една нова, засега малку рекламирана, идеја која гласи: не е ли можеби поумно да му се даваат неколку стотици милиони долари годишно на режимот на Ким Џонг Ил и така да му се овозможи да одржува status quo, наместо да се брза со уривање на ѕидот меѓу Северот и Југот?

Во 21-от век нè чекаат нови ѕидови, не такви мрачни, од бетон, како Берлинскиот, туку речиси невидливи, изѕидани со високата технологија и не помалку битни. Тоа ќе бидат ѕидови подигнати меѓу различните цивилизации, ѕидови меѓу елитата интегрирана во глобалното потрошувачко општество и цели народи на кои нема да им биде дозволено да ги берат неговите плодови.

Веќе се јави и главниот застапник на оваа нова политичка мисла – политиката на нови ѕидови – претседавајќи со земјината топка, Барак Обама. Непрестајно зборувајќи за идеалистичките цели, тој за Америка решава многу важна и прагматична задача: како да се сочува глобалната доминација на Вашингтон без неподносливо високите финансиски, политички и пропагандни издатоци? Одговорот на овој предизвик на историјата кој ни го објави, главно веќе е јасен: Америка има намера да ја зацврсти контролата над елитите на најразлични земји во светот, а се одрекува од политичко-идеолошката контрола над народите. Во тоа и се состои основната идеја за „ресетирањето“ кое им се нуди на сите: елитите кои ќе ја потврдат својата лојалност кон САД за возврат добиваат право да прават сè што мислат дека треба со својот народ. Америка веќе нема да им ги наметнува своите вредности на оние кај кои тие вредности не наидуваат на плодно тло. Обидот да се постигне мир во целиот свет нема да се спроведува преку светска либерална револуција, туку преку пактот на Америка со елитите.

Ако во овој нов американоцентричен светски поредок некој посака да урне некои од ѕидовите кои ја делат слободата од неслободата, ќе мора тоа да го направи со свои раце, на своја лична и историска одговорност, без помош однадвор и без поддршка од таму некои си постари браќа. „Достоен за живот и слобода е само оној кој секој ден се бори за нив3“, беа зборовите напишани 150 години пред падот на Берлинскиот ѕид.

И така, стигнавме на почетокот на 21-от век. Не календарскиот, туку оној вистинскиот.

 

1) 4-ти ноември – Ден на народното единство, нов државен празник во Русија. Овој празник е воведен пред пет години како алтернатива за Денот на Октомвриската револуција кој се прославуваше на 7-ми ноември. Денот на народното единство нè потсетува на денот кога народот, мобилизиран од патриотската активност на Минин и Пожарски, во 1612 г. ја ослободи Москва од полските интервенти.

2) Френсис Фукујама (1952), американски општествен аналитичар и политички коментатор. Напишал неколку книги, а најпозната му е Крајот на историјата и последниот човек, издадена 1992 г.

3) Цитат од Фауст на Јохан Волфганг Гете (1749-1832)


Извор: Ежедневный Журнал

ОкоБоли главаВицФото