Драг Богомил

26.04.2021 12:30
Драг Богомил

Драг Богомил,

Го мразам овој текст, уште пред да го запишам, оти има да ја признае и објави поганата (но само физичка) разделба со тебе; суровиот факт, дека никогаш повеќе нема да ги слушам(е) твоите живописни спомени и раскажувања, срдечно заседнати околу твојата маса, "бонсаи" софра и наменско атеље, во најчудесната бајка од куќа во Влае.Таму, кадешто најчесто ги создаваше блескавите песни, луцидните прози и есеи, недобројните преводи, сите блесоци на македонската Модерна.

Кога пак ќе се роди човекот, кој со толкава внатрешна сила, достоинство и човешност ќе умее да се носи со таков товар како твојот, врз сопствените невини плеќи (уште од најраното детство), а, при тоа, да ја сочува широчината на својата душа, насмевка и благонаклоност, својата неизлечива и одисејска жед по морињата и светот, кој за тебе наспроти се', отсекогаш беше отворена куќа, во која со леснотија се снаоѓаше, како роден космополит?
Не се стигнуваше така лесно до тајното клуче на твојата доверба, оти имаше опасен радар за просудба и беше несклон кон површни, ползави, тесноумни луѓе и до крај ги презираше полуталентираните опортунисти, кои се гребеа за ситен ќар.

Но, затоа, еднаш влезен во раскошот на твоите внатрешни одаи, ниеден човек (и да посакаше) не можеше да му одолее на вродениот шарм, необичната смисла за хумор, твојата (природно) господствена црта во однесувањето, еротскиот копнеж кон морето (што непрестано шумолеше во тебе), но и твоето невидено и живо љубопитство кон книгите, идеите, или кон "историјата како маштеа" (што самиот ја овековечи како наслов на една од твоите книги).

Макар што, едно време, беше дел од Лигата за демократија (заедно со проф. Ѓорѓи Марјановиќ), при нашите средби ич не сакаше дробење за политиката (нарочно дневната), која, во последно време, бесрамно ги запоседна и отру нашите, ионака кратки животи.

За прв пат, те сретнав и запознав во живо, пред триесетина години, кога заедно со Лиле, ми ја сторивте таа чест да ме поканите меѓу вас, како член на новото здружение на Независните писатели на Македонија. Со задоволство прифатив, до тогаш, со соло статус и надвор од ДПМ. Почнувајќи од 1995 па се' до 2017 год, заедно го уредувавме списанието "Наше писмо" (во чија редакцијата уште беа Ферид Мухиќ, Сашо Прокопиев, Игор Исаковски, Роберт Алаѓозовски). Немајќи свои службени простории за работа (за разлика од нам сродните здруженија долж регионот), се среќававме и броевите ги договаравме на изнудено герилски начин: низ (дебармаалските) кафулиња, кафе книжарници и по дома, во твоето Влае, каде цели две и пол децении, заедно со Лиле, жртвувавте којзнае колку од вашите приватни попладниња, вечери и ноќи, до доцна средувајќи ги (заедно со техничките уредници Денис и Бобан) завршните и заморни подготовки на следниот број или бирократските конкурси за апликација.Таква (несебична) посветеност на "каузата" до сега немам сретнато, а, ми се чини, ни во иднина нема да доживеам.

Нашата прва официјална објава, но и заеднички настап како Здружение се одигра токму за време на Струшките вечери, во август 1994 год. Истиот (денес веќе 60 годишен) поетски фестивал (патем, и мој генерациски врсник), што долго време го обликуваше токму ти, Богомил, посебно, кога се најде во улога на директор од 2000 - 2004 год, но и подоцна (како дел од Уметничкиот совет, буквално до вчера).

(Патем, судбината сакаше, тринаесет години по тебе, и самата да се најдам токму во Управниот одбор на Струшки, , а привилегија повеќепати да ти се обратам, како на "искусен волк", за драгоцени совети и насоки).

За време на нашето основачко собрание, Богомил, беше на 55 годишна возраст, јас имав 33 години, а нашата Лиле Дирјан тогаш заокружи 40 години живот. Ве гледав обајцата со голема почит и восхит, впивајќи ги вашите енергии и учејќи од вашите номадски, шаренолики светови и доживувања. Бевте онаа свежина и немирен здив на светот, кој толку ми недостигаше во оваа, честопати скучена, теснограда, инертна, инаетлива, неретко озлобена средина.

Бевте и се'уште сте моето вистинско книжевно семејство, во кое никојпат не се осетив како (трет) вишок. Во кое се' си одеше неусилено и си беше на место. Нашето зближување течеше постепено, но природно и ненаместено, како што и треба да биде во едно вистинско (иако не нужно и крвно поврзано) семејство.

Не паметам (макар и случајно) да си ме повредил (иако, во нашиве суетни кругови, тоа и заради ситници знае да се случи). Напротив, внимателно ги читаше и поддржуваше моите есеи, прилози и заложби, давајќи ми ветар во едрата (а, последниве месеци, кога беше врзан со креветот, поради лоша повреда на ногата, успеа да ја прочиташ мојата книга "Од личен агол" (есеи, на 260 страни), еден ден, откако ти ја подарив, упатувајќи при тоа зборови на искрена пофалба. Ме трогна до срж овој гест, оваа благородна и витешка енергија, која не те напушти се' до последен миг!

Среде оваа проклетија од таинствена болештија, која, повеќе од една година успева да го окова во пранги сиот свет, уште повеќе знае да боли чинот на твоето заминување; пустелијата во која останувам(е) неутешно; сознанието, дека твојот благороден дух, на крајот, заедно со личниот, мораше да го сведочи и стоички да го издржи, уште и овој глобален мегдан - и тоа, со истата онаа сила, достоинство и ретка присебност, налик на твојот лирски Прометеј, сурово окован за својата, незаслужена карпа, ама само со џигерот, не и со Духот!

Во овој тегобен миг на загуба, мала е (за нас, лично), но не и безначајна утехата, дека твоето раскошно дело (и спомените за твојот живот), допрва одат под закрила на незаборавот, во одбрано друштво, со бесмртните браќа и сестри по Словото.

Ќе ми недостигате со Лиле до века! Без иљач и ич зборови.
Оти, некојпат се тоа средби, а, уште повеќе, разделби, за кои никако не сме спремни!

Фотографии: Tyler McGrath

ОкоБоли главаВицФото