Белешки од карантин (2)

05.06.2021 12:01
Белешки од карантин (2)

   ГОСПОДАРОТ НА ПЕЛЕРИНИТЕ

Пелерините треба да се вратат во мода, на голема врата. Маж без пелерина ‒ тука нешто недостасува. Но, маж со пелерина ‒ е, тоа е веќе друга приказна, тука има некаква целина, некаква заокруженост, некаква мистична аристократска елеганција. Еве, јас ќе го започнам тој тренд во градов. Прво, сите ќе мислат дека сум откачен ексцентрик. Потоа, полека но сигурно, потсмевот ќе се претвори во стравопочит. Потоа, еден по еден, сите ќе почнат да ме имитираат, да го следат мојот пример. Од авангарда пелерината ќе стане мејнстрим, сите мажи ќе носат пелерини. Потоа? Потоа, јас ќе престанам да носам пелерина.

    КОМБУХА СО ВОЛЦИТЕ

Еднаш, додека планинарев на Шара, налетав на глутница волци. Мислев, готово, маф ми е работата, ама за среќа, оваа волчешка дружина беше со хипи идеолошка определба и сите беа вегани. Од етички причини. Па, така, се запознавме, мавнавме по една „комбуха“, ме почестија со прекрасен безглутенски оброк, и пријателски се разделивме. Понекогаш, доцна во ноќта, го отворам прозорот од мојата соба, и можам да ги слушнам во далечината на планинските ридови звуците на нивното завивање. Знам дека ме поздравуваат. Уауууууу, и до вас Црни и Злијо, стари волци со нови здрави навики на исхрана.

      РИСТО ВРТЕВ И РИСТО ВРТЕВ

Пред многу години, во "Браво", седев на шанк до еден средовечен крупен човек, автомеханичар по професија. Се запознавме и човеков ми кажа дека се вика Ристо Вртев, исто како пејачот на рок групата "Архангел" која тогаш беше во жижата на популарноста. Прво мислев дека ме зеза, но ми ја покажа личната карта и навистина имаше идентично име и презиме како култниот македонски рокер. Цел саат и кусур го тормозев да си го смени името, односно да си додаде средно име ‒ Ристо "не тој Вртев" Вртев. Ем ќе се разликува од рокеров, ем мислев дека е кул средно име. На крај, веројатно за да ме откачи, зашто го напнав, ми рече дека океј, ќе си го додаде средното име ‒"не тој Вртев". Потоа ја сменивме темата на муабет. Зборувавме за Боб Дилан. Боб "тој Дилан" Дилан.


        ЗЕЛКА И ЈАС

Дали сум доволно сигурен во својата машкост за да поседувам пудлица? Да. Ќе ја носам секаде со себе, ќе ја крстам Зелка (па што? Зелка е супер име за куче а и за берберница наменета за непребирливи муштерии). Меѓутоа, ќе почнам да пушам по штека цигари дневно и гласот брзо ќе ми стане напукнат и рапав ‒ за со гласот да ја надоместам мажевноста, нели. Да компензирам за пудлицата. Ех, веќе можам да не замислам, јас и Зелка, Зелка и јас. Таа ќе почне агресивно да му лае на некое друго многу поголемо куче од неа, како што тоа впрочем пудлиците и го прават, а јас, со својот напукнат мачо глас ќе и речам‒Зелка, дај искулирај, човече.... Ма, сто посто сум сигурен дека јас и Зелка ќе бидеме хит у градов!

           ИСКРЕНО

Тој е еден од најдобрите луѓе што ги познавам. Велам „еден од најдобрите“, зашто има и други исто толку добри како него. Па, искрено, познавам и некои многу, многу подобри од него. Но и тој си е добар. Не е лош. Ма, не е ништо посебно.


Фотографиите се од перформансите на Nam June Paik

 

ОкоБоли главаВицФото