
- Леле колку книги имате, вие се занимавате нешто со книги? – ми вели мајсторот.
- Не, не – му велам, зашто мразам да зборувам за вистината со непознати. Особено последниот ден од годината кога не ми работи рерната, а треба да го испечам целиот свет.
- Па, да, само онака прашав. Вие воопшто не личите на некој што се занимава со книги.
Се замислувам. Не можам да одолеам да не го прашам.
- А како изгледаат тие што се занимаваат со книги?
- Многу... по.... поинаку од Вас. Веднаш ги препознавам!
Потоа му варам кафе, ама тој не престанува со својата погрешна претстава.
- Ете, да се занимававте со книги, никогаш немаше да ми сварите кафе, на пример.
- Се занимавам со книги - му велам сериозно и седнувам спроти него.
- Хахаха - се кикоти. - Баш сте духовита.
Ѕрррррррррррр! Татко ми! Стои на вратата со накитена елкичка в рака.
- Ова е мајсторот, ми прегоре рерната,.. ова е татко ми... – ги запознавам.
Мајсторот гледа де во мене, де во татко ми, де во елкичката, де во книгите.
- Иди си, мајсторе, само што не дошла нова година! – му вели татко ми. – Дај ми га грејач, на ти гу елкичку.
- Вие се занимавате нешто со струја, со рерни?
- Да, да – му вели татко ми, зашто мрази да зборува за вистината со непознати. Особено последниот ден од годината кога заедно го јадеме целиот свет што ќе го испечам.
Слики: Lisbeth Zwerger